Дванаесет македонски компании преку „Национален штанд“, до 27 септември, ќе се претставуваат на прехранбениот саем во Москва, Руската Федерација. Саемската манифестација се одржува во „Крокус експо-центарот“, а македонските компании заминуваат во организација на Македонско-руската стопанска комора, со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Македонските производители и преработувачи на свежо и конзервирано овошје и зеленчук имаат „Национален штанд“, кој се простира на 100 квадратни метри, а бизнис-делегацијата се состои од 27 деловни луѓе. Своите производи ги изложуваат извозниците на свежо овошје „Агролозар“ од Струмица, „Јуникс“ од Скопје, „Суна стар“, „Румко“ и „Аппле ленд“ од Ресен, „Душан Ќириќ“ од Росоман и „Перминдекс“ од Градско, како и производителите и извозниците на конзервирани земјоделски производи „Кривогаштани промет“ од Прилеп, „Аграр ко“ од Кочани, „Алтера фуд“ од Гевгелија, „Конимекс“ од Скопје и „Бест фуд“ од Радовиш.

– Според руските извори, во првото полугодие извозот на овој голем и значаен пазар бележи пораст од 7,54 отсто. Руските компании од Македонија увезле производи во вредност од 33,46 милиони долари и, што е посебно значајно, дури 60,6 отсто од нив се од земјоделско-прехранбениот сектор. Интересот за македонските производи меѓу руските потрошувачи е во пораст и македонските бизнисмени се надеваат дека од овој голем бизнис-настан ќе се вратат во земјата со најави за натамошен зголемен пласман на своите производи на рускиот пазар – вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Саемот е одлична можност да се промовираат нови производи на рускиот пазар и се очекува македонските компании да ја искористат оваа можност. Годинава изложуваат 1.762 компании од 65 земји и се очекува да го посетат 30.710 трговци од 80 руски региони и 98 од други земји од светот. Се очекува вкупна посета од 80.000 луѓе.
– Македонско-руската стопанска комора, со оглед на широките и традиционални врски што ги има воспоставено со деловните заедници од оваа земја, ќе им овозможи на претставниците на македонските компании што поголем број деловни средби. Бизнис-делегацијата од земјава ќе го посети и трговско-изложбениот „Македонски дом“ во Москва, компанија формирана за да го поттикнува македонскиот извоз во Русија, при што ќе се одржат бизнис-форум и билатерални деловни средби со челните луѓе на некои од руските синџири маркети и со други заинтересирани за купување свежи и конзервирани земјоделско-прехранбени производи од земјава – истакнува Бешлиев.