Епидемијата од коронавирусот веќе има директни негативни влијанија како врз кинеската, така и врз глобалната автомобилска индустрија и, доколку таа потрае, на удар би можеле да се најдат и компаниите во Македонија затоа што токму од Кина набавуваат суровини и делови за автокомпонентите што ги произведуваат

Ширењето на коронавирусот и блокираните производствени процеси во Кина, особено во реонот на Хубеи, веќе значително се одразува врз производството во автомобилската индустрија низ светот. Состојбата создава загриженост и кај компаниите во Македонија затоа што токму од Кина набавуваат суровини и делови за автокомпонентите што ги произведуваат. Поради епидемијата, многу фабрики во Кина се затворени, а сообраќајот е блокиран или редуциран.

Доколку таквата ситуација во Кина потрае, состојбата може да се одрази и врз македонската економија, смета Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, во која членуваат компании што обезбедуваат 60 отсто од македонскиот извоз во рамките на Стопанската комора на Македонија.

– Епидемијата од коронавирусот, која започна во провинцијата Хубеи во Кина кон крајот на декември минатата година, веќе има директни негативни влијанија како врз кинеската, така и врз глобалната автомобилска индустрија. Провинцијата Хубеи, каде што Вухан и неколку други градови се под целосен карантин, е четврти најголем регион за производство на возила во Кина, каде што лани биле произведени 2,2 милиона возила во погони на „Хонда“, ПСА („Пежо“, „Ситроен“), „Рено“, „Генерал моторс“, „Донгфенг“. „Хјундаи/Киа“ затвори околу 40 отсто од своите капацитети во Кореја минатата недела поради недостиг од делови произведени во Кина. Една од фабриките на „Нисан“ во Јапонија ќе престане со работа кон крајот на оваа недела.

Слични реперкусии се чувствуваат и кај „Рено“ во Кореја, а „Фијат чрислер“ очекува директно влијание на една од европските фабрики во следните 2 до 4 недели – пишува Мизо во коментарот објавен на веб-страницата на комората.

Како што појаснува првиот човек на „Костал“, иако поголем број од фабриките по одолжениот период за кинеските новогодишни празници, почнале со работа на почетокот на неделата, меѓу нив се „Даимлер“, „Форд“, „Тесла“ и слично, сепак, ниту тие, ниту другите компании не работат со полн капацитет.

– Големо влијание има суспендираниот железнички и авионски сообраќај за да може работниците да се вратат од своите родни места во градовите каде што живеат и работат. Компании како „Фолксваген“, „Тојота“, БМВ најавија одолжување на рокот и најрано започнување со работа од понеделник, 17 февруари – појаснува Мизо.
Тој истакнува дека дел од компаниите од автомобилската индустрија што работат во Македонија, исто така, имаат витални компоненти што се произведени во Кина и поради тоа секојдневно будно ја следат состојбата во земјата.

– Имајќи предвид дека стандардниот бродски логистички транспорт трае околу 6 недели, во следните 2-3 недели не се очекуваат директни проблеми кај македонските компании. Но фактот што железничкиот сообраќај од Кина преку Русија е исто така суспендиран, а има и големо намалување на авионскиот сообраќај, секое одолжување на кризата и одложен почеток на работата на кинеските фабрики може да се рефлектира врз производството во Македонија – додава Мизо.

Тој објаснува дека поради комплексноста на автомобилската индустрија, поточно масивноста на производствените погони, како и локалното знаење, дислоцирањето на производствените погони, односно креирање нови доставувачи надвор од засегнатиот регион во Кина, за „заобиколување“ на евидентните загуби, во некој разумен временски рок, не се реални опции за оваа индустрија.