При големи економски кризи најпогодени се лицата со нередовни примања / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите од ММФ очекуваат делумно закрепнување на светската економија дури идната година, при што поаѓаат од претпоставката дека здравствената криза ќе згасне, што ќе им овозможи на бизнисите да се рестартираат по укинувањето на мерките за заштита на јавното здравје што се во сила. Македонската економија, која и така е премногу кревка, според експертите со кои се консултиравме, не може да остане имуна на светските случувања

Светската економија ќе се соочи со најлошата криза по големата депресија од 1929 година, сметаат претставниците на Меѓународниот монетарен фонд, кои посочуваат дека состојбата предизвикана од ширењето на коронавирусот бара масовен одговор заради економско закрепнување. Своите стравувања, меѓу другите, ги изрази и шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, која вели дека глобалниот економски раст ќе биде негативен во 2020 година и дека 170 од 180 членки на ММФ ќе имаат пад на приходите по жител.

– Постои огромна неизвесност за перспективата, за времетраењето на пандемијата, како и за прашањето дали ситуацијата може да се влоши – изјави таа.
Експертите од ММФ очекуваат делумно закрепнување на светската економија дури идната година, при што поаѓаат од претпоставката дека здравствената криза ќе згасне, што ќе им овозможи на бизнисите да се рестартираат по укинувањето на забранитe што се во сила.
Универзитетскиот професор Томе Неновски потсетува дека во последно време изгледа како големите кризи во светската економија да се „програмирани“ да се повторуваат во просек на секои 10 години.

– Според многу аналитичари, има многу индикатори што покажуваат дека претходната (2008-2011) економска криза била најголема во историјата, поголема дури и од таа во 1929-1933 година. Меѓутоа, веќе сега може да се каже дека сегашната здравствено-економска криза ќе биде најголема во историјата на светската економија. Причините за тоа се очигледни: запрени се или драстично се намалени производствените активности во поголем дел од светот, поголем дел од светската популација е во зачестен карантин (не е продуктивно активен), бројот на невработени нагло се зголемува, платите на населението се намалуваат, а со тоа и вкупната потрошувачка (побарувачка на стоки и услуги), која е еден од најсилните забрзувачи на економијата во нормални услови, е запрена. Во такви услови, кога „паѓаат“ економиите на најсилните држави во светот, големи загуби ќе трпат и земјите во развој поради нивната нераскинлива поврзаност и зависност од трговските односи со развиените земји – објаснува професорот Неновски.

Тој истакнува дека македонската економија, која и така е премногу кревка, не може да остане имуна на светските случувања на економски план и појаснува дека сегашните случувања во нашата земја, недвосмислено, го потврдуваат тоа.
– Кризата може да има подолготраен карактер и да има циклично движење, кое ќе ја држи земјата во рецесија, можеби, во следните две-три години. Поради тоа, потребно е надлежните институции да преземаат енергични мерки и со нивно ефектуирање во најбрз можен рок да се спречи навлегување на земјата од рецесија во длабока депресија. Со други зборови, потребно е енергично да се дејствува за македонската економија од сегашниот кризен период да излезе што е можно помалку повредена – истакнува Неновски.

Според економистот Здравко Савески, се движиме кон економско нарушување какво што не сме виделе од почетокот на приватизацијата и кое ќе има сериозни економски импликации, особено кон најранливите категории на граѓани.
– Вообичаено, од ваквите кризи најпогодени ќе бидат земјите во развој, а во нив најранливите категории, оние што немаат редовни приходи и кои може брзо да бидат избркани од работа. Релативно благо бевме погодени од големата рецесија во 2008 година, па не сме подготвени за поголеми кризи и за иновации во справувањето со нив. Во услови на криза, државата треба да има поактивна улога во економијата отколку досега. Во спротивно ќе има големо зголемување на невработеноста, бидејќи во криза приватните субјекти се стремат да бидат попретпазливи, па во ситуација кога се намалува економската активност ќе расте невработеноста.

Ако не сакаме да имаме раст на невработеноста, каков што не сме виделе во последните години, тогаш државата ќе мора да создава работни места, а не само да се обидува да ги спаси оние во приватниот сектор – појаснува Савески.
Савески додава дека во последниве години бројот на вработените во јавната администрација е намален, па има простор за отворање нови работни места. Го посочува секторот здравство, кој има голем недостиг од медицински лица, но и образованиот систем, како и инспекциските служби.

– Има сектори каде што има помалку вработени отколку што треба во согласност со систематизацијата, и тука треба државата да создава работни места. Од друга страна, ние сме земја што има најниски даноци, при што имаме голема општествена нееднаквост и парите се трупаат кај одредени граѓани. Сегашната ситуација наметнува потреба од различно економско размислување, но не сум сигурен дека сме подготвени да размислуваме поинаку, бидејќи не сме имале сериозна криза. Оваа криза нема да помине без значително и нагло зголемување на невработеноста, а со тоа и со раст на сиромаштијата како придружна појава – истакнува Савевски и додава дека сега ќе има подготвеност да се преземат реални економски потези што треба да бидат направени.

Појаснува дека ако се продолжи со старите економски потези, нема да можеме да ја надминеме кризата, бидејќи ќе се земат кредити што ќе мора да ги враќаме, а истите тие ќе се вратат само со промена.
Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека е многу тешко да се предвиди колку ќе трае состојбата со вирусот, а според тоа и големината на економските проблеми и падот на бруто-домашниот производ.

– Ако ги споредуваме податоците на земјите пред големата финансиска криза и по неа, се наметнува еден заклучок дека земјите што пред кризата имаа повисоки стапки на раст доживеаја поголеми падови на БДП. Тогаш за некои беше многу чудно како Република Македонија имаше многу помал пад во споредба со оној на Хрватска на пример. Економиите што имаа висок раст пред кризата, кој главно се темелеше на вшприцувањето голем износ финансиски средства во економијата, нормално е да имаат многу поголем пад во време на кризата. Економиите кај кои растот беше поскромен, а се темелеше на развојот на производството и извозот на компаниите без големи финансиски задолжувања, имаа помал пад. Ако ова правило го примениме и со кризата предизвикана од коронавирусот, сметам дека нашата земја ќе има еден од помалите падови за разлика од земјите во околината – појаснува Димитров.
Сепак, тој истакнува дека е многу важно да се направи добра анализа на задолжувањето со нови кредити за спас на економијата.

– Ако задолжувањето е многу мало, помошта на економијата ќе биде мала или незначителна и ќе имаме затворање на многу голем број компании, што пак закрепнувањето на економијата ќе го направи многу бавно. Ако задолжувањето е преголемо и се вшприцаат многу пари во економијата, затворањето на компаниите ќе биде помало, но проблем ќе се јави кога ќе треба да се враќаат кредитите. Тогаш државата ќе мора да ги зголеми даноците, акцизите, царините и другите јавни давачки за да обезбеди средства за враќање на кредитите. Затоа е потребно анализата на Народната банка и на Министерството за финансии да одговори на прашањето кое е оптималното ниво на задолжување и помош на стопанството – истакна Димитров.