Фото: Дарко Андоновски

Винскиот туризам е нераскинлив дел од целата винска приказна и Македонија како винска земја има огромни можности за промоција на своите вински убавини и презентација на прекрасни вина, кои за туристите претставуваат нешто ново, егзотично и впечатливо

Македонија има богата винска историја и традиција, која домашните винарници од година на година успешно ја продолжуваат произведувајќи квалитетни препознатливи вина, кои имаат потенцијал да освојат многу пазари. Тие отвораат нови перспективи, бидејќи виното е распространетo и присутнo на двете земјини хемисфери, се пие во друштво, обединува, дава расположение и е тема за разговор. Притоа, во себе носи карактеристики што се индивидуални и зависат од поднебјето од каде што потекнува. Има познавачи и пијачи на вино и сите тие сакаат добро вино, без оглед од каде доаѓа, а сакаат да пробаат и нешто ново. Македонското вино се пие во Европа, Кина, Русија, САД, Австралија, а дури и британскиот вински гуру Џенсис Робинсон, советничка на кралицата Елизабета, го издвојува македонското вино како избор за празничната трпеза.

Винскиот туризам е нераскинлив дел од целата винска приказна и Македонија како винска земја има огромни можности за промоција на своите вински убавини и презентација на прекрасни вина, кои за туристите претставуваат нешто ново, егзотично и впечатливо.

Јадранка Клариќ-Кимовска, комерцијална директорка во винарницата „Стоби“, вели дека во последните неколку години влијателните винарници во нашата држава посветиле многу време и инвестиции во винскиот туризам.
– Навистина со сите можности што македонската винска индустрија ги има, ова беше и е еден исклучително битен дел од винскиот бизнис, на кој му посветуваме поголемо и поинтензивно внимание. Винарницата „Стоби“ е релативно нова, но со големо влијание на македонската винска индустрија и, секако, целосно е посветена на промоција на виното и винскиот регион во кој е лоцирана – објаснува Клариќ-Кимовска.
Таа додава дека „Стоби“ располага со сопствени лозови насади, кои во целост го покриваат нивното производство на вино и воедно претставуваат невидена природна убавина.

– Близу нас е античкиот локалитет Стоби, по кој и самата винарница го носи името. Имено, поаѓајќи од фактот дека доброто вино секогаш оди со добра храна, за хармонично создавање на некој трет вкус, ние во склопот на винарницата имаме ресторан во кој се приготвува храна наменски со секое вино поединечно. А, пак, дегустациите комбинирани со храна се редовна процедура при посета на нашата винарница. Тоа е еден цел атрактивен туристички комплекс, кој привлекува и дава можност за развој и промоција – појаснува Клариќ-Кимовска.
Како што вели таа, сето ова им овозможило изминативе неколку години да бидат посетени од над 5.000 странски туристи годишно.

– Сето ова за нас, како и за другите винарници во Македонија, претставува можност за туристичка промоција на нашата земја како винска дестинација, промоција на нашите македонски вина и на домашните и регионалните сорти на вино и, секако, е дополнителни извор на приходи, не само за нас како винарница туку и за локалното население и економија – нагласува Клариќ-Кимовска.
Таа додава дека секоја година, заради промоција на Македонија како винска дестинација, се надградуваат, работат на проширување на туристичката понуда, организираат поврзани посети на неколку винарници, ги промовираат нашите убавини и вкусовите на Македонија.

– Секако дека има многу поголеми можности за промоција на македонскиот вински туризам и затоа се залагаме за добивање дополнителни средства за инвестиции, сопствени инвестиции, меѓународни грантови, поддршка од државата, за да постигнеме поголема интернационална препознатливост на овој тип туризам, а со тоа и зголемување на интересот за македонското вино – раскажува комерцијалната директорка на „Стоби“.

Во изминативе неколку години, како што вели, може да се констатира дека Македонија полека но сигурно станува етаблирана винска дестинација и вината од Македонија добиваат интернационална препознатливост.
– Фактот дека се зголемува извозот на амбалажирано вино во однос на наливно вино покажува дека имиџот за македонското вино полека се менува и дека се отвораат сѐ поголеми можности за поставување на нашите вина на интернационалните вински карти – истакна Клариќ-Кимовска.

Во моментов, вината на „Стоби“ се присутни во поранешните југословенски држави, соседните балкански земји, како и на европскиот пазар, во Холандија, Данска, Велика Британија, Германија и во Белгија. На пазарите од другите континенти се присутни во Кина, САД и во Русија.

– Европскиот пазар е еден од најизискувачките пазари кога станува збор за понуда и извоз на вино во светот, во смисла на едукација, винска култура, присутност на целата светска винска конкуренција, трендови. За нас како винска земја што сѐ уште е во развој, сите држави на ЕУ се исклучително голем предизвик и присутноста на овие пазари претставува успех и потврда за квалитетот на нашите вина и нивната можност да бидат конкуренција или да се наоѓаат на винските полици заедно со најпознатите светски вина – истакна Клариќ-Кимовска.

Таа додава дека не е едноставно да се остварат продажби на вино на интернационалните пазари во период кога тенденцијата на консумација на вино расте и кога има етаблирани вински дестинации што се присутни на пазарите многу години пред Македонија.

– Присутни сме на голем број саеми, презентации, дегустации, вински промоции на пазарите на кои дејствуваме, а сето тоа резултира да чекориме напред во позиционирањето на нашиот бренд на странските пазари. Стратегијата е виното на „Стоби“ да биде препознатливо како лидер не само на регионалните пазари туку и пошироко во светски рамки, вино што нуди одличен квалитет, уникатност, препознатливост, а сето тоа во ценовна категорија што ги препознава потребите на секој тип консумент – вели Клариќ-Кимовска.