Највисоката просечна плата во регионот за мај оваа година е исплатена во Словенија, а изнесува 1,113 евра, додека најниската е во Македонија, а изнесува 413 евра.
Просечната плата во Хрватска изнесува 886 евра, во Црна Гора во јуни била исплатена плата од 516 евра, Босна и Херцеговина има просечна плата од 472 евра, додека Србија 470 евра. Пред Македонија е и соседно Косово, каде што просечната плата достигнала 422 евра.

Властите во Македонија постојано истакнуваат дека просечната плата во земјава бележи континуиран пораст. Владата на СДСМ во неколку наврати истакна дека во нивниот мандат планираат просечната плата да достигне 500 евра. Со просечна плата од 413 евра, примањата на Македонците се далеку под месечните трошоци за основните потреби. Имено, синдикалната кошница на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вели дека за едно четиричлено семејство се потребни 531 евро за да ги покрие основните трошоци.