Фото: Игор Бансколиев

Потребно е и да се зголемат продуктивноста и конкурентноста на домашните компании на странските пазари, со тоа што ќе се стимулира креирањето на повисоки платежни работни места

Иако во последно време стапката на невработеност е намалена, сепак таа сѐ уште е со висок процент во споредба со земјите од Европска Унија. Ако сакаме да го фатиме чекорот на еврозоната, најпрвин Македонија треба да најде начин да се справи со овој проблем.
Според статистиката на Евростат, стапката на невработеност во ЕУ е 6,6 отсто, ова покажува дека најниска стапка е забележана во ЕУ 2,8 од 2000 година. Во Македонија, стапката на невработеност изнесува 20,8 отсто, односно од вкупното активно население 958.770 лица, 199.325 лица се невработени. Најниска стапка на невработеност има Чешка – 2,1 отсто, потоа Германија 3,3 отсто, Полска со 3,5 отсто, додека, пак, најмногу невработени има во Шпанија – 14,3 отсто и Грција – 18,6 отсто.

Како што вели Благица Петрески, директорка на институтот за економски политики и истражувања, „Фајненс тинк“, невработеноста во Македонија, има тренд на пад и тоа се должи главно на вработувањата во ТИРЗ и стимулациите преку активните мерки за вработување.

– Сепак, за достигнување на ниските стапки на невработеност компаративни со земјите во Европската Унија, потребни ни се структурни реформи. Преку нив треба да се зголеми продуктивноста на вработените, но и засилување на вештините за вработување на невработените активни баратели на работа. Исто така, потребно е да се зголемат продуктивноста и конкурентноста на домашните компании на странските пазари, со тоа што ќе се стимулира креирањето на повисоки платежни работни места – смета Петрески.

Таа додава дека втор сет мерки што треба да ја намалат стапката на невработеност е намалување на сивата економија.

Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, за да се подобри социоекономската состојба на населението, потребно е вработување и намалувањето на невработеноста, на тој начин се поттикнува и се подобрува потрошувачката во општеството, односно економијата.

– Кога со години стапката на невработеност е премногу висока или, пак, е далеку од европските стапки, треба да се пристапи кон олеснување на трошоците за водење бизнис, особено на микро и малите претпријатија, а со тоа би се намалила и социјалната помош, односно трошоците за социјална помош. Државата мора да се децентрализира на економски план, како на пример да се приватизираат некои од јавните сервиси на национално и локално ниво, мора да се вложува во локалната инфраструктура, да се олесни пристап до енергенти и логистика. Мора да се овозможи отворање на сите енергетски, економски и образовни ресурси еднакво за сите – рече Бошков.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, неодамна истакна дека целиот процес на намалување на невработеноста мора да започне порано, со унапредување на системот на образование во согласност со потребите на бизнисот, преку втемелување на дуалните принципи во средното стручно образование.

– Резултатот од ова е да произведеме профилирани кадри што стекнатото теоретско знаење во училиштето ќе го унапредат, проверат и спроведат и практично, преку директна практична работа во компаниите, притоа водејќи сметка за потребите на работната сила на пазарот. Сето тоа би значело и наш конкретен придонес во усогласувањето на наставните програми со потребите на бизнисот, што ќе има директни импликации и врз намалувањето на стапката на невработеност. Имено, факт е дека во земјите каде што функционира системот на дуално образование, стапката на невработеност е помала од 10 отсто – нагласува Азески.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека огромен број работни места остануваат непополнети поради расчекорот на понудата и побарувачката на работници.

– Затоа мораме многу да работиме на усогласување на потребите од разни занимања и понудата на работна сила, а со тоа ќе ја намалиме и сиромаштијата – појаснува Димитров.