Под претседателството на Молдавија, во главниот град на оваа земја, Кишињев, се одржа состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница за 2019 година. Главен фокус на овој состанок беше ставен на презентацијата на Годишниот извешај за имплементација за 2019 година, на Секратаријатот на Енергетската заедница, како и целите на енергетска заедница за енергетската и климатската рамка до 2030 година.

Осврнувајќи се на Извештајот за имплементација за 2019 година, директорот на Секретеријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, особено го истакна напредокот на Македонија во спроведувањето на законодавството на Енергетската заедница, односно усогласување на енергетската регулатива во Македонија со европската легислатива.

Притоа, директорот Копач, ги истакна позитивните примери, за електронски наддавања за изградба на фотонапонски електрани по принцип на Премиуми, што неодамна се спроведоа, спроведувањето на обврските поврзани со секторот за електрична енергија, како и изработката на националната долгорочна Стратегија за енергетика до 2040 година. По нејзиното усвојување, Македонија ќе биде првата договорна страна на Енергетската заедница со Стратегија за енергетика во согласност со петте димензии за енергија и клима на Европската Унија и многу брзо ќе започнат со изработка и имплементација Националните интегрирани планови за енергија и клима, информираат од Владата.

На состанокот се разгледуваа реформите за подобрување на функционирањето на Договорот за Енергетска заедница. Реформите треба да го зајакнат механизмот за спроведување на Договорот, вклучително и со нов механизам за спроведување, сличен на оној во ЕУ и воведување нови одредби за олеснување на трговијата со енергија и зајакнување на интеграцијата на пазарот помеѓу договорните страни на Енергетската заедница и земјите членки на ЕУ со систем на реципрочни права и обврски. За прв пат, Договорот ќе има задача на Енергетската заедница да се бори против климатските промени и ја нагласува важноста на Парискиот договор. Се очекува преговорите да бидат финализирани во првата половина на 2020 година.

Европската комисија ја претстави тековната работа за генералните упатства за политика за 2019 година за целите до 2030 година и климатската неутралност за Енергетската заедница и нејзините договорни страни. Предлогот за целите од 2030 година сега се очекува во првата половина на 2021 година, заедно со релевантниот законодавен пакет.