Сите досегашни истражувања и анализи покажуваат дека Македонија и нејзините стопански субјекти плаќаат најскап гас во цела Европа. И наместо цената да се намали и да се дозволи пазарот да ја регулира, во стручната јавност се пласираат тези и небулози дека потрошувачката влијае на цената? Тоа е како по автопат да помине едно возило и да треба да плати патарина од 1.000 денари зашто нема други возила, наместо цената да се диктира според пазарните услови, како што е секаде во светот

Гасот е енергент на иднината, а конкурентноста на националните економии зависи од пристапот до евтин енергент, односно природен гас. Македонските компании немаат ниту доволно гас, а далеку од тоа дека е евтин, тој е повисок од цената на гасот во Западна Европа. Тогаш како да очекуваме македонските компании да конкурираат на глобалниот пазар, но и на балканскиот пазар. Превисоката цена на гасот ја намалува конкурентност на компаниите, а тоа особено се чувствува кај извозно ориентираните, односно на надворешниот пазар, каде што тие пласираат најголем дел од производите. Тие имаат и неприфатливо големи трошоци да го донесат гасот до нив, создаваат дополнителен трошок, а сево ова го блокира стопанството во последните години. Во истиот контекст, факт е дека во нашата земја нема ниту квалитетна ниту развиена линиска инфраструктура, а за гасната мрежа воопшто и да не зборуваме. Тоа значи дека за нас во Македонија (граѓаните, а уште повеќе за македонските компании) гасот како енергент е проблем пар екселанс, а и тие што го користат овој енергент во производствениот процес плаќаат најскап гас во Европа. Има низа примери од реалната економија, односно различни гранки во стопанството каде што се потврдуваат овој катастрофален проблем и појава.

– Кога е во прашање цената на природниот гас како многу влијателен фактор на економичноста на металуршкото производство, како и на преостанатата индустрија и населението, треба да се истакне дека компаративните анализи покажуваат дека ние плаќаме многу повисока цена од производителите слични на нас во непосредното соседство и особено во Европа – вели Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургија при Стопанската комора на Македонија и директор за стратегиско планирање, финансиски инженеринг, економски истражувања, информации и анализи во „Макстил“.

Тој го посочува примерот за цената на природниот гас во Германија од доставувач на граница во 2012 година, која изнесувала 317,50 евра, во 2013 – 296,51 евро, во 2014 – 277,27 евра, во 2015 – 193,58 евра, во 2016 – 127,94 евра, во 2017 – 126,94 евра и во 2018 година – 127 евра. Според оваа илустрација, може да се забележи дека цената бележи пад од 190,50 евра за шест години.

– Во исто време, цената на природниот гас што компанијата „Макстил“ ја плаќала на истиот паритет била следна: во 2012 година – 479 евра, во 2013 – 397 евра, во 2014 – 395 евра, во 2015 – 315 евра, во 2016 – 194 евра, во 2017 – 228 евра и во 2018 година – 230 евра – истакна неодамна Кочовски.

Од овие податоци се забележува зголемување на цената на гасот во последните две години, разликата во цената е за 103 евра повеќе споредено со Германија.

– Сигурно дека свое влијание имаат другите гасоводни системи на достава од каде што тие се снабдуваат, количествата на преземениот гас, трошоците на неговиот транспорт и редицата зависни трошоци со кои не е обременета нашата конкуренција. Но дефинитивно е нереална цената што ја плаќаме ние како еден од најголемите потрошувачи на природен гас во земјава и таа е значително повисока и има силно влијание на нашата конкурентност – смета Кочовски.

Според експерт од Оксфорд за руската нафтена и гасна индустрија, Џејмс Хендерсон, една студија покажува дека земјите од Западна Европа му плаќаат помалку на рускиот државен гигант за гас, отколку што плаќаат посиромашните земји од Централна и Источна Европа.

– Цените на „Газпром“ зависат од алтернативите во тие земји. Тоа во суштина дејствува како дискриминирачки монопол. Ако има значителен удел на пазарот во земјата, или ако увиди дека една земја има ограничени алтернативи, тогаш ги формулира цените соодветно на тоа – вели Хендерсон.

Стручниот советник за енергетика, Драган Блажев, потврдува дека Македонија плаќа многу висока цена за гас. Но тој, исто така, обрнува внимание на многу бавната динамика на изведувањето на гасоводната мрежа и тромиот приод и реализација за изградба на ваквата линиска инфраструктура, која исто така е клучен фактор за потенцијално најевтиниот енергент да дојде до стопанството и граѓаните.

– Изминатите неколку години состојбата не се има значајно променето. Се изградија два магистрални гасовода до поголеми градови во земјата за да се напојуваат со гас индустриски комплекси, домаќинства како и јавни и комерцијални објекти во тие градови. Тоа ќе започне да функционира тогаш кога ќе се изградат дистрибутивни гасоводни мрежи во градовите со приклучоци за гас до крајните корисници – нагласува Блажев.

Според него, истото тоа се однесува и за Скопје каде што се вршат подготвителни активности за изградба на дистрибутивна мрежа на гас во градските средини. Според динамиката и условите што постојат во земјата, може да се очекува овие активности да траат барем уште неколку години.

Стручниот советник за енергетика, Блажев, додава уште еден момент на кој треба да се обрне внимание, а тоа е фактот дека моментално како земја сме приклучени само на еден гасовод од кој зависиме за снабдување со гас.