Стопанствениците од Иран ја гледаат Македонија како порта за влез во регионот и во другите земји од Европа. Од друга страна, Иран со својата географска положба и поминувањето на главните светски трговски копнени и морски патишта низ земјата или во нејзината близина, како и копнените и водните граници со 15 земји, нуди големи можности за македонските компании.
Ова, на бизнис-форумот во Стопанската комора на Македонија и на деловните средби со бизнис-делегација од Исламската Република Иран, го порача претседателот на Иранската комора за трговија, индустрии, рударство и земјоделство, Голам Хосеин Шафеи.

Тој посочи дека трговската размена меѓу двете земји е симболична велејќи и дека треба да се поведе иницијатива за олеснување на визниот режим и да се потпишат договори за олеснување на царинските процедури.
– Неопходно е да се искористат соодветните можности и капацитети за да се поттикнат односите меѓу двете земји – нагласи Шафеи и додаде дека лани во Македонија увозот на стоки од Иран бил во вредност од 4,76 милиони долари, а извозот од 401.000 долари.
Можност за соработка со Иранската стопанска комора има во техничките и во инженерските услуги, изградба на електроцентрали, патишта, мостови, информатичка технологија, поморска инфраструктура, воздухопловна индустрија, изградба на рафинерии, производство и преработка на нафта, гас и петрохемиски производи, медицинска и фармацевтска опрема, рударство, сточарство, земјоделство и градежна опрема.

– Предлагаме соработка меѓу приватниот сектор на двете земји со формирање заеднички компании за да се произведе стока со заеднички бренд и да се извезува во регионалните земји – појасни Шафеи.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, посочи дека Иран со своите 80 милиони, а заедно со поширокиот пазар од своето опкружување 400 милиони жители, е еден од најголемите регионални светски играчи и претставува предизвик за секој бизнис, компанија и држава. Тоа, како што кажа, е земја со силни развојни потенцијали и можности и со силна суровинска структура и не случајно е цел на интересите на сите европски земји.
– Иран е наш традиционален партнер со кој одржуваме односи од 1993 година, но далечината и различните регионални војни го прават своето. Мислиме дека сега е моментот да направиме исчекор и да се интензивира соработката – смета Азески.
Тој истакна дека постојат можности за соработка со Иран во многу области, бидејќи е една од ретките земји што има изедначен баланс на услуги и на индустрија во формирањето на БДП.

– Досегашната соработка е на многу ниско ниво, бидејќи е неопходна размена на информации, посета на саемските манифестации, видеоконференциски врски, како и да се разгледа можноста за отворање дипломатско претставништво на Македонија во Иран. Денеска договоривме да одржуваме денови на Иран во Македонија и обратно – денови на Македонија во Иран. На тој начин ќе имаме директна конекција со иранските компании – вели Азески.
Во таа насока беше потпишан меморандум за соработка меѓу двете комори и беа организирани средби со бизнис-секторот.