Министерот за животна средина и енергија на Грција, Јоргос Статакис заедно со претставници од Операторот на националниот  систем за пренос на природен гас на Грција (ДЕСФА) и на Независниот оператор за пренос на електрична енергија на грчката електродистрибуција (АДМИЕ), во понеделник и вторник доаѓаат во Скопје на средби со претставници на македонската Влада и за потпишување меморандуми за сорабтка.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, предвидено е да се потпишат два меморандума, еден за изградба на гасовод, а друг за електрични поврзувања на двете земји.

Со ова продолжува енергетска соработа меѓу Македонија и Грција, која како основа и почеток го има потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу МЕР и ДЕСФА, пред две години.

Извори од грчкото Министерство за животна средина и енергија велат дека посетата на министерот Статакис и високите претставници на двете грчки јавни компании ќе ги покажат придобивките што би произлегле од подобрувањето на односите меѓу двете земји, од продлабочувањето на соработката, но и позитивното влијание што врз односите меѓу Македонија и Грција би го имала евроинтеграцијата на нашата земја, како и придобивките во секојдневието на граѓаните од напредокот во енергетската соработка.