На 23 ноември ќе се формира заедничкиот управувачки економски комитет со Сојузна Република Германија која е најголем трговски партнер на Македонија, најави денеска премиерот Зоран Заев на средбата со бизнисмените од Стопанската комора на Македонија.

Иницијативата за формирање ваков комитет е произлезена од официјалната средба со германската канцеларка Ангела Меркел и со формирањето на комитетот се очекува сериозна помош и поддршка од Германија.

– Управувачкиот економски комитет што ќе го формираме има за цел Германија да испрати сериозна помош и поддршка. Ќе има и грантови и донации кои ќе стигнат од Германија, но сериозната поддршка значи и мегдан за отворање на нови пазари – рече Заев додавајќи дека годинава се очекува трговската размена со оваа европска држава да надмине четири милијарди евра.

Најави дека од Германија ќе пристигаат двајца советници со искуства за образованието.

Премиерот оцени дека економските трендови се добри и оти Македонија кон Германија и Грција бележи двоцифрени зголемувања на извозот во однос на увозот.