Фото: Кристијан Јованоски

АКАДЕМИК ПРОФ. Д-Р ЃОРЃИФИЛИПОВСКИ (100), ПЕДОЛОГ, ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ НА МАНУ, УКИМ И НА ФЗНХ

Како научник од областа на педологијата, наука за почвите, денес зад себе има 200 научни труда, 19 монографии, успешна професорска кариера и 100 години живот, а вториот век од своето битисување го почна со добро физичко и ментално здравје, роденденска прослава и со промоција на монографијата „100 години Ѓорѓи Филиповски“

Академик проф. д-р Ѓорѓи Филиповски заедно со Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ е еден од основачите на МАНУ и нејзин редовен, највозрасен и единствен жив член од првиот состав. Тој е и еден од основачите на најстариот наш универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Како научник од областа на педологијата, наука за почвите, денес зад себе има 200 научни труда, 19 монографии, успешна професорка кариера и 100 години живот, а вториот век од своето битисување го почна со добро физичко и витално здравје, роденденска прослава и со промоција на монографијата „100 години Ѓорѓи Филиповски“. Сопругата му починала пред две години, има син, ќерка, пет внуци и седум правнуци.

Со господин Ѓорѓи Филиповски разговаравме на терасaта од неговата вила во Елешец, крај Охридско Езеро, каде што секое лето престојува по неколку месеци.

Дали вашата професија, занимавањето со природата, има врска со вашата ментална и физичка виталност?
– Што се однесува до мене, да. Мојата струка – науката за почвите, бараше од мене за цело време додека одев на работа, а и следните три децении по пензионирањето, да вршам истражување на почвите. Тоа значи дека секоја година два до три месеци поминував на терен, односно работев во природа.

Дали навиката или отвореноста кон животот ја препорачувате во трагањето по животните и научните вистини?
– Долгиот живот бара навики во смисла на умереноста. Не смее да се претерува во ниедна смисла. Второ, бара интензивна физичка активност. Живеам долго поради својата работа и поради хобијата што ги имав. Планинарев многу децении до пред три-четири години. Секоја сабота одевме на Скопска Црна Гора, а секоја недела на Водно и често преку Водно до Матка. Ги искачив Кораб, Рила, многу врвови во Србија… Второто хоби ми е хортикултурата. Во Скопје имам двор од околу илјада квадрати со околу 45 вида украсни растенија. Секојдневната работа од еден до два часа во градината е многу полезна за здравјето. Последниве две-три години веќе не можам да го правам тоа. Веслав со кајче, а и пливав секојдневно до пред неколку години. Исто така, редовно вршев медицинска здравствена контрола. Човечкиот организам е како компјутер. Регистрира сѐ што правите во животот без разлика дали тоа е добро или лошо, кога ќе дојдете во зрели години сето тоа ви се враќа. Но кога човек е млад не размислува за тоа.

Како ви тече сегашниов живот, како го исполнувате денот и имате ли желби и планови?
– Видете, кога ќе дојде човек на мои години, активноста му опаѓа. Сепак, сè уште се грижам за моето физичко и ментално здравје. Мозокот е како и секој друг орган. Ако сакате да имате развиени мускули треба да вежбате, ако сакате да имате развиен мозок, исто така треба да го вежбате. Тоа значи дека треба многу да читате. Јас имав можност да читам, зборувам осум јазици, три светски и пет балкански. Сум читал на сите тие јазици и сум напишал околу 5-6.000 страници. Благодарение на тоа менталното здравје ми е добро. Го завршив најновиот научен труд и мислам дека повеќе нема да го правам тоа. Се однесува на почвите врз гипсените карпи. За разлика од Европа, Македонија има реони каде што има гипс. Тоа е реонот на Дебарско, покрај Дрим, и на тие гипсени карпи се образуваат специфични почви какви што нема во Европа. Ете, сакав да проучам нешто што не е проучено од мојата област. Работев со еден многу добар соработник, д-р Марјан Андреевски. Трудот е завршен и треба да се печати во издание на МАНУ.

Според вас, со оглед на почвата, која би била носечката земјоделска култура во Македонија, со која би го развивале земјоделството и би оствариле поголем економски напредок?
– Македонија е многу разнообразна и климатски, а и според типовите на почвата, така што тој факт не дозволува да се концентрираме на една култура. Затоа треба да ги земеме предвид природните, но и пазарните услови. Секој земјоделец сака од единица површина, да добие што повеќе денари или евра, а не што повеќе килограми. Најдобро е да се произведуваат оние култури што на земјоделецот ќе му дадат поголем приход. За наша среќа, разнообразието на почвата и климата, на земјоделците им овозможува широка палета култури за одгледување. Можеме да ги одгледуваме сите култури што се произведуваат во Европа, затоа што ги имаме сите видови почви што ги има европскиот континент, од повеќегодишни култури, овошни насади и лозје, до житни и градинарски култури.
Во една од моите најцитирани книги „Климатско-вегетациско-почвени реони во Македонија“, државава е поделена на осум вегетациско-почвени реони, со различни почви, различна вегетација и различна клима. Реонирањето се врши во однос на тоа да се одгледуваат култури што природно одговараат на дадените услови. Сепак, денес доминантно значење имаат пазарните услови.

За жал, дел од плодните почви во Македонија се злоупотребија за изградба на индустриски зони, разни станбени објекти… Со различните начини на загадување, пак, плодната почва трпеше и трпи деградација. Кои се начините да се ревитализираат уништените и осиромашените почви и да се подобрат педолошките својства?
– Постои мислење дека Македонија е толку богата, што освен себеси може да храни и многу други реони. Тоа не е точно. Три четвртини од нашата република опфаќаат планински реони. Тие реони се поволни за сточарство и шумарство, но не и за земјоделство. Една третина од површината е плодна почва, а само десет проценти припаѓаат во прва категорија. Значи, земјишниот фонд не е ограничен само по површина туку и по квалитет. За тој фонд треба да водиме голема грижа, но, за жал, ние воопшто не се грижиме. Плодната почва ја користиме за изградба на станбени населби, патишта, железници… Сѐ повеќе и повеќе земјишниот фонд се намалува, а и оној постојниот не го чуваме и не го обработуваме. Земјоделската наука, а особено педологијата, има разработено методи, како на одредена почва да ѝ се зголемат плодните способности. Моите соработници и јас во текот на моите седумдесет години научноистражувачка дејност ги проучивме сите почви во Македонија, објавивме 65 педолошки карти, голем дел монографии за одделните почви во одделни реони и, што е најважно, со помош на светската организација ФАО имаме издадено и дигитални почвени карти, кои ги има на интернет и се достапни за сите. Со еден клик ќе ги добиете почвените типови за секое село и податоците и резултатите од истражувањата. Цели десет години чекавме финансии од нашата република, но, за жал, поголем интерес покажа ФАО. Тоа е факт.

Според ова што претходно го зборувавте, дали можеме стриктно да кажеме во кој дел на Македонија има поплодна, а во кој дел помалку плодна почва?
– Секоја котлина има свои карактеристики. Има котлини што се особено плодни како Пелагонија, Струмичката, Кочанска, Гевгелиската и Валандовската Котлина. Секаде каде што имаме речни наноси, почвата е поплодна. Општо земено централна Македонија се одликува со особено сушни услови. Можам да ви кажам дека за време на Југославија, огромни средства се инвестирани во мелиорирање на блатните површини. Беа опфатени околу 80 илјади хектари. Повеќе со сојузни отколку со наши средства се овозможи наводнување на околу 120 до 130 илјади хектари. За жал, тоа што го направивме тогаш, не само што не го чуваме туку го уништуваме. Денес сме во ситуација кога можеме да наводнуваме само една четвртина од површината што порано ја наводнувавме. Каналите за наводнување ги наполнивме со ѓубре. Штета, што да ви кажам…
Секоја генерација е должна, тоа што го наследила од претходните генерации не само да го зачува туку да го подобри и да го збогати. За жал, ние не ни го зачувавме. Ако го зачувате значи стагнирате, ако го уништувате значи уназадувате, а ако го збогатите значи сте постигнале напредок. Ние, за жал, напредок немаме. Природните богатства не ги чуваме. Кога нема правна држава, каква што немаме сите овие дваесет и осум години, не може да се зачува ниту природното богатство.

Речиси сме пред почетокот на нова академска година, па што би им препорачале на вашите колеги, на средношколците, на студентите, на идните агрономи? Во кој правец да се движат за да прават подобро за земјоделството на оваа држава?
– Па, со тоа што досега го зборував мислам дека ги дадов насоките. На младите им препорачувам да студираат агрономија. Јас бев вљубен и сѐ уште сум вљубен во агрономијата. Таа е многу интересна гранка, особено за оние што имаат интерес кон природните науки. Студиите во првите две години ги опфаќаат предметите како што се ботаника, биохемија, хемија, зоологија, педологија, микробиологија и се основа на земјоделските науки, а во трета и четврта година доаѓаат стручните предмети во зависност од насоката. Порано постоеше една општа насока и сите завршувавме агрономија. Сега сето тоа е поделено на многу специјалности. За мала земја и за вработување на продуцираниот кадар се создава голем проблем. Големите земји можат да си го дозволат тоа затоа што има работа за сите. Кај нас се покажа дека тоа е многу тешко. Подобро решение за нас е да има една општа насока и по завршувањето да има можности за специјализација, слично како во медицината. Тоа е многу поефикасно за наши услови.


Благодарение на Филиповски, почвите во Македонија се едни од најистражените на Балканот

Роден е на 6 мај 1919 година во селото Сорович, Леринско, во егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршил во Битола. Студирал агрономија во Земун, а дипломирал во Софија во 1942 г., а докторирал во Земун. Бил декан и продекан на Факултетот за земјоделски науки и храна од каде што се пензионирал како редовен професор и ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и негов обновувач по земјотресот, секретар на МАНУ и негов потпретседател во три мандати.
Тој е почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина. Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Бил визитинг-професор (една година) во Калифорнија и повеќе години држел предавања по педологија на меѓународните постдипломски студии од областа на медитеранското земјоделство во Италија (Бари) и Грција (Крит), каде што бил избран на меѓународен конкурс. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Македонија се едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија доживеал четири изданија.

Фото: Кристијан Јованоски