Извештај на рејтинг-агенцијата „Фич“

Македонската економија се карактеризира со ниска инфлација и финансиска стабилност, како резултат на водењето кредибилна финансиска и макроекономска политика, конзистентни со стратегијата на стабилен курс на денарот во однос на еврото. Денарот е стабилен и на долг рок нема фактори што би влијаеле на нарушување на неговата стабилност. Банкарскиот сектор има силна основа и покажа отпорност во пролонгирани периоди на политичка несигурност и во текот на значајни економски шокови, вклучувајќи и во текот на пандемијата на коронавирусот. Со намалувањето на основната каматна стапка, Народната банка обезбеди ликвидност што овозможи поголема кредитна поддршка за економијата. Се очекува монетарната политика да остане олабавена и во текот на следната година. Ова се дел од оцените и заклучоците во најновиот извештај на рејтинг-агенцијата „Фич“ за нашата земја.
„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Како што забележува агенцијата, рејтингот е поддржан од бизнис-климата, како и од кредибилната и кохерентна макроекономска и финансиска политика конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс.
Оттаму велат дека негативните изгледи ги рефлектираат продолжените надолни ризици за краткорочниот раст и за јавните финансии поради пандемијата со коронавирусот. Бројот на нови случаи во земјата останува голем и кампањата за вакцинација се соочи со одложувања, така што само три отсто од населението е вакцинирано до крајот на април.
Aгенцијата предвидува годинава да се постигне економски раст од 3,9 проценти, и 4,3 отсто во 2022 година, при што истиот тој главно ќе зависи од пандемијата во Македонија и од главните извозни пазари.
Во однос на домашната валута, во извештајот на „Фич“ се нагласува дека де факто фиксната врзаност на денарот со еврото е добро поставена и дека одговорот на Народната банка во изминатиот период од почнувањето на корона-кризата наваму е во согласност со политиката на избегнување девизни притисоци.

Во извештајот одделно е нагласена важноста на монетарното олабавување од март минатата година наваму, заради засилената кредитна поддршка за реалниот сектор. Истовремено, се оценува дека инфлациските притисоци остануваат умерени, имајќи ја предвид и стапката од 2,1 отсто на годишно ниво во март.
– Очекуваме монетарната политика да остане олабавена во текот на 2021-2022 година, со оглед на политиката на Европската централна банка – напоменуваат од „Фич“.
Во извештајот е нагласено и дека во изминатиот период, банкарскиот сектор не доживеа притисок врз ликвидноста, кредитната активност продолжи, а фундаментите останаа силни. Системот е соодветно капитализиран и профитабилен, сметаат од „Фич“.
Истовремено, оттаму додаваат дека нефункционалните кредити се намалија на 3,4 отсто на крајот на 2020 година, во споредба со крајот на 2019 година, кога тие беа на ниво од 4,6 отсто.
Оценките на кредитните агенции влијаат на одлуката на инвеститорите што размислуваат за инвестирање во регионот.
– Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати – велат од „Фич“. К.М.