На покана на министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, во улога на земја претседавач со Организацијата за црноморска економска соработка, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска во Софија учествуваше на 40-тиот Состанок на Советот на министрите на Организацијата за црноморска економска соработка.

На денешниот состанок, нашата земја доби покана да стане рамноправна членка на оваа организација. По тој повод, министерот Димитров имаше обраќање во кое ги изнесе придобивките и можностите кои ги нуди членството во оваа Организација, преку продлабочување на заемното почитување, доверба и соработка, во духот на пријателство и добрососедство.

Министерот оствари средба со Захариева, пришто двете страни ги потврдија заложбите од двете страни за имплементација на Договорот за пријателство.

Црноморската економска соработка (БСЕК) се појави како ветувачки модел на мултилатералната политичка и економска иницијатива со потпишувањето на Декларацијата од самитот во Истанбул и изјавата на Босфор од страна на Шефовите на држави и влади на земјите од регионот, на 25 јуни 1992 година. Со влегувањето во сила на својата Повелба на први мај 1999 година, БСЕК се стекна со меѓународен правен идентитет и се трансформираше во полноправна регионална организација – Организација за црноморска економска соработка. Во БСЕК членуваат 12земји (Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција, Украина). Македонија ќе стане полноправна членка по ратификација на Повелбата на БСЕК.