Фото: Игор Бансколиев

Во предновогодишните работни денови, пратениците направија нова измена на Законот за спречување перење пари, при што лимитот за пазарење во готовина повторно е зголемен од досегашните петстотини евра на три илјади

Уште една измена на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, но овој пат во обратна насока од досегашните. Со предновогодишното изгласување на измената, на граѓаните им се овозможува наместо до 500 евра, да купуваат во кеш за сума која не надминува 3.000 евра.

Најновите измени во Законот биле усвоени по скратена постапка на собраниската седница одржана на 27 декември, а истите се по иницијатива на група пратеници. Подносители на предлогот да се зголеми лимитот за плаќање во готово биле пратениците Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, Александар Филиповски, Агим Муртезанов и Мирослав Јованов. За измените гласале 54 пратеници, а притоа немало воздржани или, пак, пратеници кои гласале против порастот на лимитот за плаќање во кеш.
Минатата година, Министерството за финансии во два наврати го намали прагот за плаќање со кеш со објаснување дека истото се прави со цел да се намали сивата економија во земјава. На први јануари 2019 година тој праг се намали на 1.000 евра, а од јуни минатата година на 500 евра. Претходните години, прагот за плаќање во готово беше намален од 15.000 на 2.000 евра.

Во текот на 2019 година, додека сѐ уште министер за финансии беше Драган Тевдовски, Министерството посочи дека токму примената на мерката за ограничување на сумата за плаќање во готовина е една од причините за позитивниот извештај на Европската комисија во областа на борбата со сивата економија.
– Во Законот за спречување перење пари го намаливме лимитот на плаќање во кеш, што е една од посилните мерки – рече ексминистерот за финансии Драган Тевдовски лани.
Во образложението на групата пратеници подносители на најновите измени се вели дека постојната регулатива ги ограничува граѓаните и им создава дополнителни обврски.

– Утврдената одредба, во периодот од нејзината примена од 1 јуни 2019 година до денес, предизвика ограничувања за голем број граѓани кои во согласност со своите потреби, правото за плаќања во готовина за стоки и услуги за износ поголем од 500 евра во денарска противвредност не можат да го искористат заради ограничувачката одредба, која наметнува дополнителни обврски за граѓаните. Поради ограничувачкиот законски износ, во многу секојдневни ситуации со кои се судираат граѓаните е потребна предметната измена на Законот и нејзино усогласување со правните прописи за вршење на готовински плаќања со земјите од Европската Унија како што се Белгија, Италија, Унгарија, Чешка, Полска, Латвија, Словенија и други – се вели во образложението на пратениците.
Измените на Законот ќе стапат во сила со објавувањето во Службен весник.