Она што беше најавувано како успешна претприемничка приказна се покажа како пирамидална шема од големи размери. Вештиот маркетинг и примамливите ветувања создадоа виор што вовлече многумина во Албанија. А денешните поборници на криптовалутите веројатно нема да поверуваат дека постојат паралели помеѓу пазарот на дигиталните валути и сомнителниот свет на албанските пирамидални шеми. Но, за регулаторите што кружат околу „криптосветот“, има суптилни лекции од албанскиот дебакл, пишува „Фајненшл тајмс“.

Албанската криза со пирамидалните шеми од 90-те години на минатиот век е фасцинантна. Државните банки тогаш беа во тешка состојба, оптоварени со неповолните заеми, што ја ограничуваше нивната работа. Како резултат на таквата состојба, Албанците во голема мера се свртеа кон дилерите на девизи и неформалините квазибанки. Првично и Меѓународниот монетарен фонд сметаше дека има успех во Албанија, поради парите кои ги испраќаа во татковината Албанците од странство. Кога беа на врвот на нивната моќ, номиналната вредност на пирамидалните шеми во Албанија беше еднаква на половина од годишниот економски аутпут.

Наспроти поврзаноста со организираниот криминал, ваквиот сомнителен бизнис, уживаше одреден углед поради добрите реклами и поддршката од дел од локалните политичари. Албанската централна банка безуспешно предупредуваше за опасностите, но обвинителството одби да ги спроведе прописите, тврдејќи дека алтерантивните финансови компании функционираат во правна „слепа точка“. На почетокот на 1997 година, пирамидалната шема се урна, предизвикувајќи насилни немири во кои се проценува дека животите ги загубија две илјади луѓе.

Очигледно е дека паралелите помеѓу албанските пирамидални шеми и денешниот криптопазар се повеќе концептуални, но и двата система зависат од постојаниот прилив на пари од нови извори за да се одржат. Некои од првичните поддржувачи на криптовалутата биткоин, како што е економистот Насим Николас Талеб, признаа дека трговијата со криптовалути е само „трик“ кој функционира како пирамидална шема. А проблем представува и користењето на криптовалутите за криминални зделки.

Но, главната лекција од албанскиот дебакл, гласи дека т.н. „меури“ надвор од финансискиот систем исто така можат да предизвикаат хаос кога ќе „пукнат“.

Постојат споредби во денешно време кога станува регулирањето на криптовалутите, бидејќи надлежните се растргнати помеѓу стравот дека силната контрола би можела да доведе до откажувањето од потенцијалните нови технологии, а од друга страна, да ги остави измамите да се шират без надзор.

Земајќи го предвид подемот на пазарот на криптовалути во измината деценија, прозорецот каде што регулаторите можат да интервенираат без да предизвикаат финансиски потреси, брзо се затвора.