Британската економија ќе се соочи со „многу полоша” перспектива ако земјата следната година ја напушти Европската унија без договор, отколку во случај да се постигне договор за Брегзит, изјави денеска директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.

Според неа, британската економија се соочува со слабеење ако Лондон и Брисел не успеат да се договорат за взаемните односи по Брегзит.

– Неуредено напуштање од ЕУ ќе донесе многу полоши последици – рече Лагард, откако ММФ го претстави извештајот за британската економија во случај на „развод” без договор.

– Во споредба со сегашниот единствен пазар, сите можни сценарија за Брегзит ќе ја чинат британската економија и, во помала мера, Европската унија. Колку се поголеми бариерите за трговијата во новиот однос, цехот ќе биде поскап. Тоа треба да биде сосема очигледно, но се чини дека понекогаш не е така – рече шефот на ММФ.

ММФ во извештајот објави дека очекува растот на британската економија да изнесува околу 1,5 отсто годишно во 2018 и 2019 година, ако се постигне поширок договор за Брегзит. Пред два месеца, во јули ММФ најави дека економијата на Велика Британија ќе порасне за 1,4 проценти оваа година, а во 2019 година за 1,5 проценти.