Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на првата прес-конференција годинава ги повтори барањата за усогласување на платите со минималната плата и за исплата на К15 во јавниот сектор. КСС повтори и дека е против трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, рече дека нивните барања сѐ уште не се исполнети, иако поминаа една година од протестот одржан во Скопје на 17 јануари минатата година и еден месец од последниот протест.

Според Ралповски, јавната администрација е дискриминирана и станува социјална категорија, бидејќи просечната плата во јавниот сектор е 18 илјади денари.

– Кога од овие 18 илјади ќе ги одземете храната и превозот, тогаш јавната администрација станува социјална категорија со социјални примања – рече Ралповски.

Од КСС посочуваат дека нивните барања се легитимни и во согласност со законите. Доколку не им се исполнат, најавуваат нов протест на 26 јануари во Штип.

Во однос на барањето на синдикатот на УПОЗ за седумчасовно работно време и прогласување на 2 јануари и 2 мај за неработни денови, од КСС сметаат дека е позитивно, но додаваат дека има поприоритетни прашања од областа на работничките права што треба да се решаваат.