Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стопанството треба поинтензивно да разговара со „МЖ транспорт“ и да се обиде да го пронајде својот интерес, особено во денешните услови со тешкотиите што ги донесе ковид-19. Во минатото се соочувавме со голема неефикасност во работењето со железницата, поради немањето доволен број вагони и локомотиви за пренесување на нашите суровини и готови производи. Денес ситуацијата е значително подобрена, велат претставниците на компанијата „Макстил“

Македонскиот железнички транспорт е многу значаен, но целосно запоставен

Здравствената криза е вистинскиот момент и за решавање на долгогодишните проблеми и на кочниците на македонската економија, смета првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Според него, токму во овие моменти, кога земјата, како и поголем дел од светот, се соочува со здравствена и економска криза, мора да се најдат решенија за проблеми што со години се одложувале. Едно од клучните прашања што во овој период треба да бидат разгледани, според него, е проблемот со железничкиот транспорт во земјава, со чие надминување ќе им се овозможи на компаниите полесно да ја надминат кризата наметната од ширењето на ковид-19.

– Стратегиските прашања што долги години седат, сега е момент да се расчистат. Слушнав повеќе такви иницијативи, а во една од моите колумни напишав дека тие треба да го здогледаат светлото на денот затоа што се работи за крупни прашања, кои се ставени настрана. Тоа е прашањето за активирање на гасоводот, кое е многу голема инвестиција, а која стои десет години. Второ прашање е состојбата на железницата во Македонија, која е двојно поскапа од камионскиот превоз, што никаде во светот го нема. Треба да се направи нешто на планот на либерализацијата за да се поттикне тој процес, а со тоа да им се олесни на компаниите да станат поконкурентни – вели Бранко Азески, претседател на СКМ.
Тој прашува дали треба да страда целата економија во државата за да се спаси „Македонски железници“, истакнувајќи дека превозот на еден контејнер со нашата железница чини двојно поскапо отколку со камионскиот превоз, што, според него, го нема никаде во светот.

– Што штитиме ние? Штитиме партиски претпријатија. Тие се крвотокот на една држава. Нели пред три години купивме вагони, каде се сега тие, тие треба да обезбедат поевтин превоз во ваква кризна ситуација. Имаме регулаторно тело во државата за железнички сообраќај и имаме монополска организација. Ако веќе е донесен заклучок дека до влезот во ЕУ нема да се либерализира пазарот, зошто не го укинаа регулаторното тело? Што ќе ни е регулаторно тело за една фирма? Може да дојдеме за 15 дена во состојба на тешка неликвидност, може да дојдеме во ситуација на блокади, треба сите максимално да ги искористиме ресурсите. Внатрешните ресурси треба да го намалат внатрешното задолжување, затоа што секој долар што ќе се земе тешко ќе се врати – истакнува Азески.
Претседателот на Комората истакна дека ако сега не се искористи моментот за решавање на проблемите што со години сме ги одложувале, никогаш нема да ги решиме.

– Ние 30 години не сме ги решиле прашањето и проблемот со железницата, и токму затоа сега е вистинскиот момент. Да се донесе одлука што ќе се спроведе во некоја постапка што е нормална. Тоа ќе овозможи за стопанството зголемување на конкурентноста. Јас не знам земја во светот што нема регулирано железнички сообраќај – истакна Азески.
Претставниците на компанијата „Макстил“, кои се корисници на овој тип превоз, посочуваат дека во минатото се соочувале со голема неефикасност во работењето со железница, но додаваат дека денес ситуацијата е значително подобрена.
– Железничкиот сообраќај по својот габарит има многу големи фиксни трошоци и поголем број вработени од транспортните компании. Најчесто камионскиот превоз превезува стока во двете насоки, додека железничкиот транспорт во Македонија, поради слабата искористеност, носи стоки во еден правец, најчесто кон Солунското пристаниште.

Стопанството треба поинтензивно да разговара со „ МЖ транспорт“ и да се обиде да го пронајде својот интерес, особено во денешните услови, со тешкотиите што ги донесе ковид-19. Во минатото се соочувавме со голема неефикасност во работењето со железницата, поради немањето доволен број вагони и локомотиви за пренесување на нашите суровини и готови производи. Денес ситуацијата е значително подобрена, бидејќи раководството на „МЖ транспорт“ ја препозна потребата од дополнителна набавка на локомотиви и ревизија на вагоните што со години стоеја неискористени. „Макстил“ како еден од најголемите корисници на железнички транспорт поради затворањето на многу граници за камионски транспорт успеа да ја надмине кризата предизвикана од ковид-19 благодарение на партнерскиот однос со МЖ – објаснуваат од компанијата „Макстил“.

Оттаму додаваат дека во изминатиот период, квалитетот и обемот на услуги што се добиваат од железницата се на задоволително ниво и од аспект на времето за транспорт до финалните дестинации.
– Соработката на нашите железници со земјите од опкружувањето е подигната и денес транспортот на стоки на Балканот се завршува за речиси 50 отсто побрзо од времето што беше потребно пред неколку години. По дефиницијата државата е лош менаџер на јавните добра, но поради малиот обем на транспорт на стоки не веруваме дека сериозни приватни оператори ќе го најдат својот интерес за инвестирање во либерализиран пазар – додаваат од „Макстил“.

И претседателот на Здружението на металургијата, Ацо Попоски, смета дека има простор за подобрување на услугите што ги обезбедува „Македонски железници“ и упати апел да се пуштат повеќе товарни возови до пристаништето во Солун за да се растовари увозот.
Првиот човек, пак, на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов, посочува дека за компаниите од металургијата во овој период најбитно е да се обезбеди слободен проток на возила, за навремено да ги добиваат суровините и материјалите и, секако, навремено да ги испорачуваат продуктите.