Фото/Илустрација: Игор Бансколиев

Индустријата и стопанството, кои треба да бидат локомотивата на развојот на економијата и на државата, често се соочуваат со проблемот на чести штрајкови и прекини на железничкиот превоз од најразлични причини. Закочениот транспорт, пак, мултипликативно се одразува на многу повеќе дејности и компании во државата, кои се оневозможени да функционираат и трпат огромни штети, што, пак, директно влијае и врз целокупната економија во државата. Според експертите, крајно време е да се најде долгорочно решение што нема да ја кочи работата на стопанството и со кое железничкиот превоз постојано ќе биде во функција

ЧЕСТИТЕ ПРЕКИНИ НА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ ТРАНСПОРТ КАКО ПОВОД

Штрајкот во „Македонски железници – транспорт“ им предизвикува големи проблеми на компаниите чие производство зависи исклучиво од железничкиот транспорт. Веќе неколку дена возовите не сообраќаат по должината на македонските пруги, а причината е штрајкот на вработените во компанијата поради неисплатени плати. Но токму ваквиот однос и неработењето на железничкиот превоз се рефлектира и го загрозува функционирањето на други компании што зависат од железницата.
Бизнисмените укажуваат дека ваквиот однос на државата кон едно суштинско и системско добро како што е железницата е показател за негрижа на оние што се на раководните позиции за функционирањето на севкупното стопанство и на државата.
– Секоја економска активност што не функционира најпрво го намалува бруто-домашниот производ на државата. Дополнително, негрижата или незагриженоста поради нефункционирањето, во овој случај на железничкиот превоз, на оние што се надлежни да го организираат укажува на нешто повеќе од системски пропуст. Односот на лицата што се одговорни за функционирањето на превозот покажува дека не се грижат за одржување на истиот тој, ниту пак се грижат за тоа од каде доаѓаат парите. Уште позначајно е што закочениот транспорт мултипликативно се одразува на многу повеќе дејности отколку што можеме да помислиме и да увидиме во прв момент. Со ваквите прекини, кои дури зачестија, ние како држава на мапата на меѓународниот транспорт сега смe нестабилни, или држава каде што не може да се има доверба во таквиот тип превоз, па тоа мултипликативно ќе се одрази негативно на многу области, почнувајќи од економијата, ограниченоста во превозот на стока, но и врз туризмот, никој не сака да биде извисен ако реши да патува со воз, а потоа и во културата и другите области од секојдневното функционирање – објаснува бизнисменот Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија (БКМ).
Компаниите посочуваат дека поради застојот на возовите не можат да ги реализираат планираните дотури со репроматеријали или, пак, да го испорачаат договореното количество од своите производи.

Претставниците на „Макстил“ укажуваат дека оваа блокада им ја кочи работата, а алтернативата да се користат камиони за нивните производи е ограничена.
– Во овој момент имаме околу 20.000 тони старо железо што е заглавено во Србија и во Бугарија поради неможноста тие возови да пристигнат во фабриката. Испораката на лимови кон пристаништето во Солун исто така е блокирана, а веќе имаме букирано брод што треба да пристигне за време на викендот. Алтернативата да се користат камиони е многу лимитирачка за нас, пред сѐ поради огромниот број камиони што треба во ист момент да се ангажираат и дополнително не може секој тип материјал да се превезува со камиони поради должината на лимовите. Ова е втор штрајк за помалку од 30 дена и овој начин на работење многу негативно се одразува на нашите производствени планови. Проблемите се познати со години, но засега не е на повидок солидно решение што ќе обезбеди стабилност на долг рок – посочуваат од „Макстил“.
Од компанијата посочија дека мора да се бара долгорочно решение што нема да ја кочи работата на стопанството и со кое железничкиот превоз постојано ќе биде во функција.
– Мора да напоменеме дека додека трае штрајкот во МЖ, за сите нивни вработени не се кратат никакви бенефиции, а додека корисниците на нивните услуги се оневозможени да работат. Поради неодржливоста на овој начин на работа, сметаме дека е крајно време да се пристапи кон целосна реорганизација на работењето на претпријатијата во државна сопственост и доколку е потребно да се пристапи кон приватизација на истите тие и внесување свеж капитал во железничкиот транспорт – потенцираат од компанијата.
Од друга страна, претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал во „МЖ транспорт“, Душко Чакаровски, објаснува дека и понатаму остануваат на одлуката да протестираат сѐ до исплатата на вториот дел од октомвриската плата. Тој потенцира дека сакаат државата веќе да донесе квалитетен кадар на раководните позиции во компанијата и да не им се повторуваат ситуации во кои се принудени да си ги бараат платите преку протести.

– Штом се исплатат платите, ние веднаш ќе почнеме со работа. Веќе се уморив од изјави, а од друга страна тие што се надлежни ги нема никаде. Сакаме да се најде квалитетно решение за раководните позиции, кои ќе се грижат домаќински за компанијата и ќе нема прекини во платите и во железничкиот превоз – посочи Чакаровски.
Претседателот на БКМ, Бошков, исто така потенцира дека кога станува збор за суштинско добро, како што е железницата, нејзиното функционирање или нефункционирање е сигнал за нестабилна држава.
– Не е опасноста само тоа што вработените не зеле плати во компанијата. Проблемот овде е многу поголем, тој упатува на системско нефункционирање, а штетите од нефункционирањето на системот се многу поголеми. Сѐ додека немаме одговорност за работните позиции и сѐ додека политичките одлуки се пред одлуките за општото добро на државата и нејзиното функционирање, ќе имаме вакви испади. Неопходна е одговорност за функционирање на раководните позиции и грижа за институциите со кои се раководи како за сопствениот дом – потенцира Бошков.
Железничкиот превоз во земјава честопати е во прекини, од кои некои се должат на штрајкови во компаниите, потоа на проблеми со инфраструктурата, кои се рефлектираат на превозот, а некои од прекините се и поради штрајкови во соседните земји. Први на удар од прекинот на овој тип превоз се металуршките компании, чиј дотур на стока или превоз на стока кон одредена дестинација најчесто или исклучиво се врши преку железничкиот транспорт. Но, секако, голем удар со ваквите прекини и штрајкови ѝ се нанесува и на домашната економија, која во меѓувреме се бори и со редица други проблеми и тешкотии, како енергетската криза, пандемијата и сл.


СКСМ: Секој прекин значи повеќекратна загуба

Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија укажуваат дека секоја блокада или штрајк што се случува, од која било причина, и со кој се оневозможува навремената испорака на стоки до крајната дестинација, е значителен проблем за планираното тековно работење на компаниите што редовно имаат извозно-увозни активности и негативно се одразува на стопанството во целина.
– Покрај домашните извозни и увозни компании што го користат железничкиот превоз, негативните ефекти од штрајкот во најголема мера ги чувствуваат „Железници на Република Северна Македонија транспорт“ АД, како давател на железничката услуга, и компаниите од металуршкиот сектор, кои поради природата на производите не можат во целост да најдат замена за железницата, иако за одредени производи го користат камионскиот превоз. Сите оние компании што не се зависни од превозот на своите производи со вагони, се преупатени на користење камионски превоз, за да нема непотребни застои и да се ублажат евентуалните негативни ефекти што компаниите би ги имале по таа основа – потенцираат од СКСМ.
Од Комората посочуваат дека друг дополнителен проблем при превозот со железницата е повремениот застој поради започнатиот циклус на инвестиции во обнова и модернизација на железничката мрежа во Република Србија, по должината на меѓународниот железнички коридор 10.
– Има повремени прекини на транспортот по должината на коридорот 10, со што мрежата е затворена во интервали од 36 часа, што доведува до застој и метеж кај сите железнички оператори. Тоа се рефлектира со намален проток на возови во одреден период, недоволно пропуштање возови на граничните железнички станици, а се јавува и проблем поради недоволен број влечна опрема, персонал и слично. Во комуникација сме и со железницата во Србија, кои прават напори ваквите состојби да се надминат – укажуваат од СКСМ.
Од СКСМ велат дека кога станува збор за железничкиот сообраќај, секоја блокада, штрајк или ако се работи на рехабилитација на железничката мрежа, предизвикуваат и негативни ефекти, како од финансиски аспект, така и од аспект на губење на атрактивноста за користење на железничкиот превоз во транзит на странските коминтенти преку македонска територија.
– Во такви услови, двете компании, „Транспорт“ и „Инфраструктура“, ја губат можната добивка од користењето на вагоните и на железничката инфраструктура – потенцираат од СКСМ.