Производството на течен гас од шкрилци е поштетно од кој било друг извор на енергија, дури и од она од толку омразениот јаглен. Штетите предизвикани од таквото производство (кое се изведува по пат на посебна технологија со вметнување специјални хемикалии и вода во длабочините на земјата) се огромни не само за подземјето туку и за атмосферата, а тоа одлично го знаат сите, вклучувајќи го и Џо Бајден. Токму тој, за време на предизборната кампања во Америка, поради еколошки причини, гласно најавуваше целосно напуштање на производството на гас од шкрилци, а веќе на самиот почеток од својот мандат дури и забрани одредени нови проекти за изградба на нафтоводи, меѓу другите и на оној помеѓу САД и Канада. Но во заднина тој прави нешто сосема друго за да се обезбеди со енергија. Според мислењата на германските енергетски експерти (објавени минатата година), американскиот течен гас од шкрилци е дури три-четири пати понечист во однос на емисиите на јаглерод диоксид од природниот гас

„Зелените“ заблуди и глобалната енергетска криза

Во Глазгов се одржа конференција на ОН околу климатските промени, на која се направија напори за изнаоѓање универзални решенија во борбата против глобалното затоплување, а императивот е ставен на префрлувањето од фосилни кон обновливи извори на енергија.
Во работата на оваа конференција, особено во текот на првите два дена, се вклучија голем број светски државници, пред сè, оние што се најгласни заговорници на споменатата борба, како американскиот претседател Џо Бајден или домаќинот на конференцијата, британскиот премиер Борис Џонсон.

Неосновани обвинувања на
претседателот на САД, Џо Бајден

Еден од највпечатливите настапи во првите два дена од климатската конференција, секако, беа острите обвинувања на Џо Бајден против Кина и Русија – чиишто лидери Си Џинпинг и Владимир Путин не дојдоа во Глазгов, што, според мислењето на Бајден, претставува јасен сигнал дека „тие не сакаат да учествуваат во оваа голема борба на целото човештво за сопствената иднина“ (!?). За Бајден тоа беше одлична можност на светот да му „укаже“ на фактот дека „Русија и Кина се две неодговорни држави“, поставувајќи притоа гласно реторичко прашање: „Како тогаш Кина сака да биде глобален челник?“ Обвинувањeто на претседателот на САД кон Кина дури мина во политичка клевета, но она што се случуваше во заднина на неговиот говор откри тешки недоследности на САД во врска со истапите на претседателот на САД за запирање на климатските промени и за намалување на јаглеродните емисии. Токму екоактивистите, како и голем дел од светската јавност, не се согласија со ваквите политички памфлети, бидејќи се оценети како лицемерство и „сеење магла“. Зошто?

Бајден зборува едно, а прави сосема друго

На 4 ноември, значи пред неколку дена, кинеската државна петрохемиска корпорација „Синопек“ потпиша двегодишен договор со американската компанија „Венчр глобал ЛНГ“, за испорака на четири милиони тони течен гас (кој се добива од шкрилци!) на годишно ниво. Се работи за досега најголемиот долгорочен договор помеѓу Кина и САД за набавка на течен природен гас (ЛНГ).
Според зборовите на Ма Јонгшенг, претседател на „Синопек“, договорот претставува консензус помеѓу двете компании за унапредување на „глобалниот енергетски напредок“, а наедно е и важен чекор за Кина во борбата за намалување на јаглеродните емисии. Наедно, во соопштението се вели дека „Унипек“ – која е филијала на „Синопек“ – самостојно ќе купи вкупно 3,8 милиони тони течен природен гас од „Калкасју Пес“, терминалот во сопственост на „Венчр глобал ЛНГ“.
По сево ова, како што анализира „Геополитика њуз“, тешко е да се остане рамнодушен или некој да се преправа дека е „слеп и глув“. Имено, производството на течен гас од шкрилци е поштетно од кој било друг извор на енергија, дури и од она од толку омразениот јаглен.
Штетите предизвикани од таквото производство (кое се изведува по пат на посебна технологија со вметнување специјални хемикалии и вода во длабочините на земјата) се огромни не само за подземјето туку и за атмосферата, а тоа одлично го знаат сите, вклучувајќи го и Џо Бајден. Токму тој, за време на предизборната кампања во Америка, спротивно на настојувањата на Доналд Трамп, поради еколошки причини гласно најавуваше целосно напуштање на производството на гас од шкрилци, а веќе на самиот почеток од својот мандат дури и забрани одредени нови проекти за изградба на нафтоводи, меѓу другите и на оној помеѓу САД и Канада.

Течниот гас од шкрилци е дури три-четири пати понечист во
однос на емисиите на јаглерод диоксид од природниот гас

Сето тоа многу брзо се промени откако Бајден и неговиот тим станаа свесни за опасноста од „зелените“ заблуди и од настанатата глобална енергетска криза, која во најголема мера ја погоди ЕУ, која, пак, упорно и речиси самоубиствено се дави во сеопштото „зеленило“, гледајќи притоа вџашено како американскиот течен гас, наместо кон неа, тече кон толку омразената Кина.
И се разбира, тоа не е сè! Според мислењата на германските енергетски експерти (објавени минатата година), американскиот течен гас од шкрилци е дури три-четири пати понечист во однос на емисиите на јаглерод диоксид од природниот гас, кој во ЕУ дотекува преку руските гасоводи, пред сè преку „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, изградени по пат на современа технологија.
Значи, несомнено може да се заклучат неколку работи.
Прво, климатските промени, кои постојат објективно и кои никој веќе не ги оспорува, се една работа, а методите за борба против нив, сосема друга. Како што сега доаѓа до израз, овие методи не се ништо друго, освен збир на лицемерство и интереси, односно замаглување на очите на јавноста, зад што стојат гол бескомпромисен бизнис и желба за раководење со природните богатства на некој друг.
Второ, студената војна што ја започнаа САД против Кина останува во сенка по една вест од ваков тип – имено, се работи за договор помеѓу двете светски мегасили, кој секако не е постигнат без дозвола (а најверојатно и по иницијатива) на нивните државни и политички врвови.
Од друга страна, не е тешко да се замисли со колкава осуда од страна на Вашингтон би бил дочекан некој сличен долгорочен енергетски или економски договор, да речеме помеѓу ЕУ и Кина или, пак, помеѓу Германија или Франција и Кина.

„Геополитика њуз“: Брисел наскоро ќе плати висока цена поради однесувањето

Брисел повторно се најде во позиција на целосен геополитички губитник, а сето тоа поради комодитетот и недостигот од неопходна државничка храброст на неговите политички елити, неспособни за задоволување на реалните интереси на своите земји-членки и нивните граѓани (сите тие наскоро ќе платат висока цена поради ваквото однесување). Оттука, тој е осуден уште долго време да биде „приврзок“ на Вашингтон, сè додека овој има потреба од него. А ќе му биде потребен сè додека конечно не се увери дека ЕУ повеќе нема да претставува глобален економски (или во иднина и политички) конкурент на САД, за што има и повеќе од доволно капацитет.
Ова е токму она што го сакаше претходниот американски претседател Доналд Трамп, но не беше доволно суптилен и се однесуваше како „слон во стаклена соба“, навлекувајќи го така врз себе сеопштиот светски гнев. На истата агенда сега активно продолжува да работи „добриот, демократски и просојузнички настроен Џо Бајден“, но на сосема свој начин, „пријатен за ушите на глупавите европски елити“! Се разбира, крајниот резултат во суштина ќе биде ист, заклучува аналитичарот Зоран Метер.