Ќе има ли пари за пензии за идните пензионери? / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економските аналитичари меѓусебно влегоа во клинч со своите размислувања во однос на идејата од Владата за откуп на стажот. Дел од нив смета дека оваа реформа може дополнително да го однесе пензискиот фонд во безизлез, додека, пак, други велат дека оваа реформа е од хуман карактер и ќе им помогне на оние работници на кои најмногу им треба. Кој реформски концепт е прифатлив и одржлив и за државата и за граѓаните?

Одгласи на идејата на Владата за откуп на стажот

Пензискиот систем во Македонија ќе зачекори во бездна доколку не се реформира драстично и не се зголеми бројот на вработените, сметаат некои од економските експерти, по најавата на Владата дека ќе може да се откупи стаж и работниците да се пензионираат со 59 години за мажи и 57 за жени. Но, се разбира, има и поинакви мислења.

Принципот на генерациска солидарност

Сегашниот сооднос на бројот на пензионери со бројот на вработени сигнализира дека натамошното функционирање на пензискиот систем, кој се темели на принципот на генерациска солидарност, односно со исплата на пензиите од придонесот што го уплаќаат вработени, станува неодржлив, и секоја година на Фондот му недостигаат сѐ повеќе пари за да исплати пензии, па поради тоа мора да бидат префрлени од буџетот на државата.
Според последните податоци во ревизорскиот извештај, околу 40 отсто од парите за пензии доаѓаат од буџетот на државата, додека во 2011 година тој процент изнесувал 35,7 отсто.
Економските аналитичари меѓусебно влегоа во клинч со своите размислувања во однос на идејата од Владата за откуп на стажот. Дел од нив вели дека оваа реформа може да го забрза патот на пензискиот фонд кон безизлез, додека, пак, други велат дека оваа реформа е од хуман карактер и ќе им помогне на оние работници на кои најмногу им треба.
Во изминатите неколку години меѓународните финансиски институции излегуваа со извештаи во кои беше посочувано дека во Македонија е потребно зголемување на старосната граница за пензионирање. Меѓународниот монетарен фонд оценуваше дека на тој начин ќе се олесни притисокот врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој се пополнува со буџетски средства. Сепак, по серијата домашни анализи, предупредувања и извештаи на релевантни меѓународни организации, особено две прашања останаа отворени: до кога ќе може буџетот да го помага Фондот и ќе има ли пари за пензии за идните пензионери.

Докупот на стаж за оние на кои навистина им е потребно да заминат порано во пензија, а не по желба

Според претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, најавените реформи во пензискиот систем се добри.
– Прво, им се излегува во пресрет на работниците што поради здравствени проблеми веќе не се во можност да ги завршуваат своите работни задачи, особено на потешките работи во индустријата и оние што млади почнале со работа и имаат работен стаж од околу 40 години, а поради единствениот услов во законот сѐ уште не можат да заминат во пензија – објаснува Димитров.
Тој вели дека од најавите може да се заклучи дека докупот на стаж ќе го вршат самите работници, иако во практика може да се случи и некој работодавец да покаже интерес да го плати докупот на стаж наместо работникот. Според него, ваквото решение обезбедува услови само за оние на кои навистина им е потребно да заминат порано во пензија, а не на секој што ќе му се појави желба.
– Во Фондот за ПИОМ не би требало да се појави поголема дупка, бидејќи не се работи за голем број работници, некои од нив ќе бидат заменети со млади луѓе, кои ќе почнат да плаќаат придонес и затоа ова не би ги влошило проблемите во фондот што веќе се присутни – вели Димитров.
Тој додава дека реформите не претставуваат некое генијално решение за надминување на клучните проблеми во системот, но се од хуман карактер и овие работници го заслужуваат тоа.

Решението е во отворање нови работни места и во кратење на администрацијата

Горан Рафајловски, бизнисмен и основач на „Рафајловски консалтинг“, смета дека докупувањето стаж сериозно ќе го притисне пензискиот фонд и дека проблемот што долго време се провлекува не се решава со предвремено пензионирање, туку со отворање нови работни места и со контролирање на вработувањата во администрација.
– Сметам дека е многу подобро државата да позајми пари од Европската Унија, да се одвојат 800 милиони евра, со кои 30-40 илјади луѓе во администрацијата би добиле тригодишни плати и би ја напуштиле државната служба. Верувам дека тие луѓе доброволно ќе се најдат. Некој ќе побара друга работа, а некој ќе почувствува претприемачки дух и ќе почне сопствен бизнис, бидејќи и државата ќе му овозможи кредит со ниска стапка. Така бргу ќе ја ослободиме Македонија од огромната дупка во придонесите, бидејќи администрацијата ги плаќа придонесите, ама тие одат од буџет во буџет и се минус во пензискиот фонд – истакнува Рафајловски.
Тој нагласува дека мора да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем, бидејќи во оваа ситуација кога во Македонија има 700 илјади вработени, од кои 180 илјади се во администрација или во јавно-приватни партнерства, тогаш 500 илјади вработени за 330 илјади пензионери не можат да обезбедат пензии.

Како што вели тој, проблемот што го имаат работниците што работат во производствените погони, градежништво и слични тешки физички професии во светот се решава со дополнителни фондови, каде што работникот го прима основниот минимум кога оди во предвремена пензија што државата му го обезбедува, на пример во Шведска таа помош, додава Рафајловски, е околу 600 евра на месечно ниво.
– Ние како држава немаме друг услов освен старосна граница од 62 и 64 години, а со докуп на стаж ја рушиме основната законска норма, и тоа моментално на власта ќе ѝ донесе средства, но потоа во иднина ќе има голема штета врз Фондот – додава Рафајловски.
Според него, работниците со просечна плата од 26.000 денари, кои во согласност со најавите за измени во начинот за пензионирање ќе сакаат да се пензионираат пет години пред полната старосна граница, за да го докупат стажот ќе треба да издвојат околу 5.000 евра.
– Онаа категорија што би сакала да го откупи тој стаж не се наоѓа меѓу тие што заработуваат над 26.000 денари, туку меѓу оние со најниските примања. Ако тргнеме со пресметка за 15.000 денари, пресметката би била околу 2.800 денари или на годишно ниво околу 500 евра, за пет години би дошло околу 2.500 евра, кои верувам дека граѓаните ги немаат – вели Рафајловски.