Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската комисија итно го повикува Косово да се однесува конструктивно за да ја реши ситуацијата без одложување, особено со оглед на тоа дека Косово моментално претседава со ЦЕФТА

Сѐ уште е неизвесно дали и кога Косово целосно ќе ја повлече одлуката за зголемените царини на земјоделските производи.
По повеќе денови чекање, за да се види дали Косово и земјите од регионот ќе успеат да ги надминат разликите во трговскиот спор, Европската комисија (ЕК) се огласи со остар речник кон Приштина.

Иако ЕК ја поздрави одлуката на косовските власти да ги укинат заштитните мерки за увоз на овошје и на зеленчук, кои доаѓаат од ЕУ, загриженост постои околу фактот дека мерките кон земјите од регионот сѐ уште се во сила.

– Жалиме што заштитните мерки остануваат во сила за другите земји, вклучувајќи ги и регионалните партнери до ЦЕФТА. Ова е загрижувачки и штетно за регионалната економска соработка. Затоа, Европската комисија итно го повикува Косово да се однесува конструктивно за да ја реши ситуацијата без одложување, особено со оглед на тоа дека Косово моментално претседава со ЦЕФТА – се наведува во реакцијата на ЕК.

Косово пред повеќе од една недела ги зголеми царините за увозот на овошјето и на зеленчукот, предизвикувајќи голема загриженост кај земјоделците од регионот.
Македонските власти во повеќе наврати се обидоа да ги разубедат Косовците, а беше одржан и состанок на ЦЕФТА (регионалниот договор за слободна трговија), без резултати.

Денеска косовската влада треба да одржи седница на која ќе се разгледаат аргументите што во петокот министерот за економија, Крешник Бектеши, му ги пренесе на косовскиот колега Бајрам Хасани.

Бектеши на состанокот со Хасани во Приштина ги предочи штетите од косовската привремена мерка и изрази надеж дека во најскоро време Македонија и Косово ќе ја продолжат досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис-заедницата од двете страни.

– Ќе го почекаме исходот од денешната седница на Владата на Косово – е краткиот одговор од Министерството за економија во врска со натамошните чекори што земјава планира да ги преземе околу зголемените царини.
И Министерството за земјоделство се повикува на денешната владина седница на Косово.

Македонските стопанственици и производители остануваат на ставот дека одлуката на Косово треба што поскоро да се повлече зашто штетите се големи, а Македонија да не воведува контрамерки.

– Македонската влада можеби треба да размислува за заштита на домашното производство особено во периодот мај-јуни кога продукцијата на нашите градинарски производи е најголема. Тогаш да се блокираат границите за увозниците – вели Ристо Велков од Сојузот на синдикатот на земјоделски производители во Струмичко.
Според извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дрилон Исени, штетите во извозот и натаму се бројат, нема промени во ставот на комората дека Косово мора да ја преиспита одлуката и да се најде заедничко прифатливо решение.