Министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала денеска испрати писмо до министерот за економија Крешник Бектеши со кое го информира дека Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово веќе ја испратила потребната документација до Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија со кои се докажува дека се усполнети условите за увоз на икра и материјал за порибување.

На состанoкот помеѓу двајцата министри кој што се одржа минатата недела, беше договорено најдоцна до понеделник 26 август, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово да ги достави потребните документи дека е извршен пасивен и активен мониторинг на рибните производи, со што Македонија ќе дозволи увоз на икра и материјал за порибување од Косово. Во исто време Косово ќе ја повлече одлуката за забрана на увоз на мед и компири од Македонија.

Министерството за економија во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство во текот на следната недела ќе изврши увид во документацијата која е доставена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово и ќе изврши контрола на терен, по што доколку се утврди дека се отстранети недоследностите согласно законската регулатива, ќе донесе одлука за да се дозволи увоз на икра и материјал за порибување од Косово.