Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во овој сектор во Македонија има над 50 компании, кои произведуваат делови за светските автомобилски брендови, и во нив се вработени над 20.000 луѓе, а учеството во извозот, пред кризата, веќе надминуваше 55 отсто од вкупниот извоз од државата, така што проблемите во овој сектор во светот ќе се одразат и врз домашната економија

Пандемијата на новиот коронавирус ѝ зададе сериозен удар на светската автомобилска индустрија, а ваквите текови би можеле директно да се одразат и врз македонската економија ако се има предвид дека поголем дел од фабриките во ТИРЗ-овите се токму од автомобилскиот сектор, така што сериозно е загрозено работењето на овие фабрики, а со тоа под прашалник се доведуваат и повеќето работни места.
Имено, според најновото истражување на консултантската компанија „Аликс Партнерс“, пандемијата на ковид-19 ќе придонесе за забрзување на „природната селекција“ и на светскиот пазар ќе преживеат само 10 производители на автомобили.

Прекуноќ би можел да исчезне пазар со големина на Европа

Понатаму во истражувањето се наведува дека оваа година продажбата на автомобили ќе биде за 20 милиони под минатогодишното ниво, односно дека прекуноќ би можел да исчезне пазар со големина на Европа, а заздравувањето од кризата ќе трае неколку години.
Од „Аликс партнерс“ сметаат дека само финансиски силните и иновативни производители и доставувачи ќе го преживеат претстојното чистење на пазарот.
Во земјава ефектот на странските инвеститори, кои работат во областа на автомобилската индустрија, е значително голем како во однос на вработувањата така и во делот на учеството на оваа индустрија во извозот и во растот на БДП.
Во овој сектор во Македонија има над 50 компании, кои произведуваат делови за светските автомобилски брендови, и во нив се вработени над 20.000 луѓе, а учеството во извозот пред кризата веќе надминуваше 55 отсто од вкупниот извоз од државата, така што проблемите во овој сектор во светот ќе се одразат и врз домашната економија.

Според професорот Трајко Славески, автомобилската индустрија и пред корона-кризата веќе имала проблеми во работењето.
– Голема е веројатноста големите автомобилски брендови да опстанат поради помошта што ја добиваат од своите влади. Дел од тие брендови се европски, еден дел германски за кои и Македонија произведува делови, така што не очекувам тоа многу да се одрази кај нас – вели Славески.

Каде може Македонија да ја бара својата шанса

Тој додава дека Македонија треба да ја бара својата шанса кај компаниите што најавија селење на производството од Кина во Европа.
– Постојат две тези. Првата теза е дека европските производители на автомобили имаат големи шанси да опстојат токму поради субвенциите што ги добиваат од матичните држави, а Македонија произведува делови за европските брендови. Втора теза е селењето на производството на голем број автомобилски компании од Кина во Европа. Токму тука Македонија треба да ја бара својата шанса – смета Славески.
Според поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев, автомобилската индустрија е сериозно погодена од корона-кризата и нормално е да тоа се одрази и во Македонија.

– Ако има влијание во светски рамки, ќе има влијание и кај нас. Колкаво ќе биде тоа, никој не би знаел да каже. Останува да видиме. Кога има голема криза, не се крати од храната, туку од луксузот. Најверојатно ќе се возат постари автомобили – вели Гошев.
Потврда за тоа дека автомобилскиот сектор е во сериозна криза е и падот на продажбата на нови автомобили во светот, но и во земјава. А токму намалената продажба се заканува и да го намали производството на возила, поради што работењето на дел од компаниите доставувачи би можело да биде загрозено.