Проб­ле­ми­те во еко­но­ми­ја­та не ги за­се­га­ат са­мо „газ­ди­те / Фото: Игор Бансколиев

Освен многубројните огромни штети предизвикани од пандемиската здравствено-економска криза, таа би можела на површина да извади и некои позитивни елементи, како што е потребата од обединување, укажуваат познавачите на социоекономските текови во земјава. Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, покрај пораките за надминување на проблемите наметнати од пандемијата од коронавирусот, исто така, истакна дека оваа криза покажа дека сега нема разлика меѓу граѓаните, дека во борбата со вирусот сите сме исти и дека најважно е по нејзиното завршување да се самодисциплинираме и да се бориме заедно, без разлика на националностите, и да работиме на подобрување на економијата во земјава.
– Кај мене доаѓаат странски инвеститори и бараат правна држава, јас ги праќам во Швајцарија. И врапчињата знаат дека правна држава на Балканот нема.

Зошто доаѓаат? Затоа што сме евтина работна снага. Ние сега сме на една сериозна пресвртница, од нив да купуваме технологија за да оформиме систем на работа што ќе ни биде потребен да направиме исчекор напред, да се самодисциплинираме, работниците да не се плашат од работодавците, работодавците да не се плашат од работниците, затоа што ни едните ни другите не можат едни без други. Со искуството што го имаме, речиси 30 години откако е осамостоена државата, треба да успееме да станеме држава по сите теркови и сите норми како членка на НАТО и ЕУ, затоа што тоа е нешто за кое изгубивме 30 години и се боревме и сега треба тоа на најсофистициран и најбрз начин да се материјализира.

Менталитетот ќе го сменат генерациите ако направиме една мала промена во нашето работење. Еве, оваа криза ни покажа дека сите сме исти. Има ли сега некоја дискусија Албанец – Македонец, во однос на вирусот? Нема. Сите се исти. Па, зошто не можеме тоа да го примениме во економијата, да го примениме во политиката, тоа се одредниците кон кои треба да одиме. Да направиме фронт, да направиме лоби, тоа не може да го донесеме со закон, туку со една премолчна норма меѓу себе дека ќе престанеме во наредниве десет години во нашава држава да зборуваме за истории и за односи што ги подгреваат меѓунационалните тензии. И ќе се свртиме само спрема економијата. Свесни сме дека ќе има проблем, но тие проблеми ќе се надминат ако бидат рамномерно распоредени на сите – истакна Азески.

Потребен е поинаков начин на размислување

Дека оваа здравствена криза може да нѐ преобликува, односно да ни покаже дека е потребен поинаков начин на размислување, како кај обичните граѓани, така и кај политичарите, кои се креатори на политиките, и дека нема потреба од истакнување на национализмите или, пак, различните верски и политички определби смета и професорот Абдулменаф Беџети.
– Обично ние на Балканот само кога сме во колективна криза или, пак, во колективна еднаква изложеност на ризик, без разлика на етничката, верската, јазичната, културолошката припадност, создаваме социјална кохезија. Да, оваа криза ќе помогне во овој правец, но колку ќе биде одржлива ќе зависи од нас и од институциите. Конечно, тоа го разбереме ако, претпоставувам фокусот на институциите ќе биде само во социоекономската состојба, за да почнеме и со поинакво колективно однесување – вели Абдулменаф Беџети, професор од Универзитетот на Југоисточна Европа.

Се соочуваме со страшен проблем

Социологот Илија Ацески истакнува дека токму промените во погледите кон животот во земјава и кон светот ќе бидат и суштинските промени што ќе следуваат по оваа здравствена криза.
– Некои теми што ние ги експлоатиравме, теми за кои живеевме, сега се во некој степен ублажени, па некои дури и се затворени. Која тема би била таа што ќе го привлече вниманието за ние да дискутираме на етничка база. Се соочуваме со проблем и како поединци и како држави, кој е многу страшен, но сепак сите прашања што претходно биле битни, сега на некој начин се апсолвирани… Toa ќе биде најголемата придобивка од оваа ситуација, и сега мора да се свртиме, да се репрограмираме. За некои теми ова човештво и оваа заедница, како на локално, така и на светско ниво ќе има поинакви видувања. Тоа се лекциите што ќе мора да ги научиме и кои ќе треба да ги внесеме и во образованието – објаснува Ацески и посочува дека следните власти ќе мора да гледаат поинаку на сите случувања и на национализмите.

Според него, ова искуство „ќе доведе до едно преобмислување на некои политички ставови, погледи и начини на приоѓање кон граѓаните“.
Според првиот човек на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, кризата предизвикана од коронавирусот сигурно ќе остави неизбришливи промени на однесувањето на сите граѓани.
– Ова особено ќе биде изразено ако таа потрае или евентуално наесен дојде до втор бран на заразени. Тие промени ќе се почувствуваат и кај населението, но и кај компаниите. Сигурно кај граѓаните ќе се променат приоритетите во животот и однесувањето во семејството и во околината.

Компаниите од друга страна мораат да менуваат дел од својата политика на работење и предвидување на идните активности. Не верувам дека целосно ќе искоренат некои наши лоши навики и однесување, како што се истакнатиот национализам, верската определба или партиската припадност. Добро би било овие појави малку да изгубат во своето значење и луѓето да се обединуваат врз база на други определби, но за тоа е потребно повеќе време, промена на генерациите и, се разбира, подобро образование. Само образована личност е поотпорна на ваквите негативни тенденции – истакна Димитров.

Кризата ги засега сите

Тој додава дека многу е важно колкав пад на економијата ќе доживееме за граѓаните да го сфатат значењето на економијата за својата егзистенција и животен стандард, но и за севкупниот просперитет на државата.
– Ако падот е поскромен и не предизвика поголеми потреси по животниот стандард, мали ќе бидат промените во сфаќањата, но ако падот на економијата и стандардот биде драстичен, тогаш сигурно и граѓаните ќе го сфатат значењето на економијата. Така беше и во периодот што помина. На првите укажувања на некои бизнисмени дека мора да се зачува економијата, и покрај проблемите во здравството, многу граѓани на социјалните медиуми лаички реагираа, што сакаат овие, ги интересира само профитот, има ли позначајна работа од здравјето итн.

Но како што поминуваше времето и економските проблеми стануваа сѐ поочигледни и како што ги гледаа другите развиени држави како издвојуваат огромни средства за спас на економијата, го променија своето мислење и се намалија негативните коментари. Сметам дека многу брзо се сфати дека проблемите во економијата не ги засегаат само „газдите“, како што некои милуваат да ги наречат, туку и вработените и буџетот и државата во целина. Очигледно некои луѓе не ги сфаќаат проблемите на другите додека не ги погодат лично, но оваа криза е нетипична и таа ќе ги погоди сите, и приватниот сектор и државните компании и јавните претпријатија и земјоделците и сточарите, и не верувам дека некој од неа ќе излезе непогоден – објаснува Димитров.