Фото: Маја Јаневска-Илиева

Драстично намален обем на работа бележат текстилните и кожарските компании во земјава поради намалувањето на порачките од странските соработници откако коронавирусот почна да се шири низ светот. Во кожарската индустрија капацитетите работат со 40 отсто од потенцијалите, додека, пак, во текстилната индустрија производството е намалено за 20-30 отсто, посочуваат инволвираните. Сепак, она што најмногу ги плаши раководителите и претставниците на овие сектори се неизвесноста и недостигот од порачки, бидејќи, како што посочуваат, најголем дел од производството се прави за извоз.
– Поради изолацијата во Италија, која трае подолг временски период како резултат на кризата предизвикана од ковид-19, оневозможен е извозот на полупроизводите или производите во оваа земја, во која чевларските и кожарските компании од Македонија реализираат најголем дел од извозот.

Тоа е над 95 отсто од производство на чевларските фабрики во земјава – посочува Лидија Милановска, потпретседателка на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.
Таа истакнува дека голем дел компании што продаваат готови производи, односно произведуваат чевли, веќе имаат добиено известување од италијанските партнери дека сѐ е запрено во наредниот период.
– Оние компании, кои и минимално нешто работат, без разлика дали е директно со италијански партнери или преку посредници на српски компании, истакнуваат дека нарачките за овој и следниот период се намалени за околу 40 проценти. Моментално во кумановскиот регион работат околу 10 отсто од компаниите од чевларската индустрија, со капацитет на искористеност на производството од 35 проценти – истакна Милановска.

Претставникот на текстилниот сектор и сопственик на текстилната компанија „АД Мода“, Ангел Димитров, појаснува дека, за разлика од март, кога штетите во текстилната индустрија главно произлегуваа од намалениот број на работни часови поради зголемените отсуства на работниците со деца на возраст до десет години, веќе во април се појавиле и други проблеми, како намалени нарачки, проблеми во транспортот и во плаќањето.
– Досега многу мал број компании целосно го затворија своето производство, некои почнаа со производство на маски, но најголемиот број имаат намалено производство од 20 до 30 отсто. Најважно прашање за текстилното производство кај нас е кога ќе се отворат продавниците за текстил во Германија, за да може стоката, која е произведена за оваа сезона и која во еден дел сѐ уште е кај нас, а дел е во магацините на нашите коминтенти, да стигне до купувачите. Ако голем процент од таа стока остане во магацините, ќе има голем проблем за финансирање на идната сезона, поточно за сезоната есен-зима 2020-2021 година.

Секоја замена на нормалното производство со алтернативно, како што е шиење маски и медицинска опрема, е добредојдена и може да помогне во ситуацијата во која се наоѓаме. Владата излезе со сет мерки, кои постојано ги менува, прецизира и дополнува затоа што и самата се најде во една нова и непозната ситуација. Мерките ќе помогнат, но потребно е тие да се прецизираат од дејност до дејност, затоа што секоја дејност има свои специфики и посебни проблеми – истакна Димитров.
Тој додава дека кризата и последиците од неа нема да престанат наеднаш и затоа е потребно внимателно да се следат промените и навреме да се реагира, за да можат да се спасат што повеќе работни места и да се спречи исчезнувањето на компаниите.
Потпретседателката на Здружението на текстилна и кожарска индустрија Милановска посочува и дека финансиските штети за компаниите се огромни и непроценливи.

– Наредниот период ќе биде неизвесен и тежок, последиците ќе бидат видливи подолг временски приод, од причини што и голем број од странските партнери работат со намалени капацитети и драстично им се намалени продажбите на производите. Чевларски и кожарски компании од земјава, кои во најголем дел се лоцирани во кумановскиот регион и работат лон-производство за однапред познати италијански партнери, пред сѐ производители на чевли, поради ширењето на коронавирусот во Европа, веќе трпат огромни штети и загуби, а поради пандемијата и видот на производство немаат голем простор за реорганизација на процесот, ниту за пренамена за да може да опстанат – објаснува Милановска.

Намалениот обем на работа во индустријата веќе се појави и во официјалните податоци што ги сумира Државниот завод за статистика, од каде што беше обелоденето дека индустриското производство во март оваа година во споредба со истиот месец претходната година е намалено за 13,4 проценти. Притоа, статистичарите бележат пад на повеќе индустриски гранки, меѓу кои и на преработувачката индустрија, каде што падот е 14,3 отсто.