Европската централна банка побара од земјите-членки со фискален простор, како Германија и Холандија, да инвестираат повеќе за да го оживеат „заболениот“ економски развој. Сепак, Берлин и Хаг не покажаа подготвеност да ги надминат програмите за трошење

Земјите од Европската Унија (ЕУ) ќе ја разгледаат можноста за координиран фискален стимул за поттикнување на економијата, бидејќи коронавирусот може да ја доведе еврозоната во рецесија, во согласност со последната економска прогноза на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Бидејќи вирусот продолжува да се шири, Европскиот центар за спречување и контрола на болести, ризикот од инфекција за Европејците, го посочи како „умерен до висок“.
– Имаме ситуација што е многу сложена – рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Таа ја истакна важноста од „силна координација на секое ниво меѓу европските нации“, за да се обезбеди „сеопфатен и кохерентен“ одговор на вирусот.
Влијанието на ковид-19 и мерките донесени за да се спречи ширењето на болеста ѝ нанесуваат сериозна штета на европската економија.

ОЕЦД ја намали прогнозата за раст на еврозоната за оваа година на 0,8 отсто, од 1,1 процент, но ја задржа непроменета за следната година, на 1,2 отсто.
За глобалната економија, исто така, е ревидирана надолу прогнозата за половина процентен поен на 2,4 отсто.
Меѓутоа, ОЕЦД предупреди дека ако влијанието на коронавирусот се покаже „подолготрајно и поинтензивно отколку што се претпоставуваше“ во проекциите, глобалниот раст на БДП би можел да се спушти на 1,5 отсто и „да натера неколку економии во рецесија, вклучувајќи ги Јапонија и еврозоната“.
Kомесарот за економија на ЕУ, Паоло Гентилони, рече дека земјите-членки ќе бидат подготвени да ги поттикнат националните економии во случај на влошување на состојбите.
– ЕУ е подготвена да ги искористи сите расположливи опции, доколку биде потребно ќе го заштитиме растот на економијата од опасноста – кажа Гентилони.
Тој истакнал дека е потребен „координиран фискален одговор“ од сите 27 земји-членки.

Италија, која е најтешко погодена земја во Европа од болеста, објави дека ќе ја стимулира економијата со 3,6 милијарди евра

– Мора да биде навремено. Не можете да го дадете премногу рано, не можете ниту да го одложите премногу доцна – истакнал тој.
Одлука или конкретни мерки за стимул, според упатените, може да се очекуваат дури по редовниот состанок на Еврогрупата во Брисел, кој треба да се одржи на 16 март.
Европската централна банка (ЕЦБ) веќе побара од земјите-членки со фискален простор, како Германија и Холандија, да инвестираат повеќе за да го оживеат „заболениот“ економски развој. Сепак, Берлин и Хаг не покажаа подготвеност да ги надминат програмите за трошење.
Италија, која е најтешко погодена земја во Европа од болеста, објави дека ќе ја стимулира економијата со 3,6 милијарди евра.
Претставниците на Европската комисија посочија дека се подготвени да го разгледаат барањето за олабавување на италијанските фискални цели за да ѝ се даде повеќе простор на јавната потрошувачка. Во ЕУ се предвидени клаузули за справување со непредвидени настани надвор од контролата на националните влади и комисијата би го оценила барањето на која било земја-членка за флексибилност „со духот на солидарноста и разбирањето“.

Во Европа, ширењето на вирусот првенствено влијае на туристичкиот сектор, на транспортот, трговијата и синџирот на снабдување. Конференциите продолжуваат да се откажуваат, а се затвораат и институциите и музеите. Вирусот веќе предизвика сериозни падови на берзите низ целиот свет. Трговците се загрижени дека болеста ќе ја наруши економската активност повеќе отколку што се очекуваше.
Некои инвеститори очекуваат дека централните банки ќе интервенираат со монетарен стимул за зајакнување на економијата.
Потпретседателот на Евро­п­ската централна банка (ЕЦБ), Луис де Гиндос, во понеделникот рече дека институцијата останува „будна“ и е подготвена да ги приспособи „сите свои инструменти“. Но додаде дека главниот одговор на коронавирусот треба да потекнува од националните фискални стимули. 


Епидемијата ќе се одрази врз трговијата

Епидемијата значително ќе влијае врз глобалната трговија, предупреди првиот човек на Светската трговска организација (СТО) Роберто Азеведо.
– Последиците во глобалната економија, веројатно, ќе бидат значајни и ќе почнат да се покажуваат во трговските податоци во неделите што следуваат – рече Азеведо на состанок во Женева.
Меѓу темите беше и јунскиот состанок во Казахстан, на кој министрите од земјите-членки на СТО треба да постигнат договор околу субвенциите во земјоделството, интернет-трговијата и рибарството. 


Виртуелни состаноци меѓу СБ и ММФ

Состаноците на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во април годинава ќе се одржат во виртуелен формат. Откажувањето на вообичаените самити е заради коронавирусот.
– Како што се зголемува загриженоста поради ширењето на вирусот, административците на ММФ и на Светската банка и нивните управни совети се согласија да одржат виртуелен пролетен самит 2020 – стои во соопштението на кое се потпишани генералната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, и Дејвид Малпас, претседател на Светската банка.
Тие изразиле „длабока загриженост за развојот на епидемијата од коронавирус и човечката трагедија што ја придружува“.
За време на виртуелните состаноци, ММФ и Светската банка ќе ги објават и предвидувањата за глобалниот економски раст.


Светската банка ќе им помага на земјите погодени од вирусот

Светската банка издвои 12 милијарди долари за ублажување на економските последици во земјите погодени од епидемијата. Претседателот на СБ, Дејвид Малпас, рече дека сѐ уште има многу непознавачи за прашањето на ширењето на вирусот и дека можеби ќе требаат многу повеќе пари, пренесе „Ројтерс“.
Тој ги повика земјите да ги координираат акциите на регионално и на меѓународно ниво и додаде дека брзината и обемот на помошта се од клучно значење за спасување на животите.