Фото: Игор Бансколиев

Во периодот април – јуни 2020 година, на целата територија на Република Македонија се продадени 681 новоизграден стан што е за 38 стана помалку од првиот квартал во 2020 година. Во согласност со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности, заклучно со јуни, на целата територија на државата има 6.436 стана што се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности

Намалена купопродажба на станови и на недвижности воопшто во земјава регистрира Агенцијата за катастар на недвижности. Во периодот од први април до крајот на месец јуни оваа година, во согласност со податоците на Регистарот на цени и закупнини изработен од Агенцијата, се регистрирани вкупно 4.073 трансакции. Во споредба со првиот квартал од 2020 година, кога биле регистрирани 7.158 трансакции, во вториот квартал има 3.085 трансакции помалку, што укажува на пад на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување.

– Споредбено по месеци од овој квартал, може да се забележи дека најголем број трансакции има во јуни кога во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 1.799 трансакции. Најмалку трансакции се регистрирани во мај, и тоа 1.135, додека во април се регистрирани 1.139 трансакции. Најголем број продажби од инвеститор, односно продажба на новоградби се регистрирани исто така во јуни, односно 272 продажби – се наведува во извештајот.

Најмногу трансакции во скопската општина Аеродром

Меѓу другото, посочено е дека најголем број трансакции се случиле на територијата на општината Аеродром, односно 435 трансакции, потоа во општината Центар каде што се регистрирани 324, во општината Карпош се регистрирани 297 трансакции, додека, пак, во општината Битола 257 трансакции. Најмал број трансакции се регистрирани на територијата на општините Градско и Зелениково со 6 трансакции, општините Желино, Ранковце и Лозово со 5 трансакции, во општината Пласница се регистрирани 4 трансакции, во општината Центар Жупа 2 трансакции, во општината Арачиново 1 трансакција, додека во општината Вевчани не е реализирана ниту една трансакција.

– Во периодот април – јуни 2020 година, на целата територија на Република Северна Македонија се продадени 681 новоизграден стан што е за 38 стана помалку од првиот квартал во 2020 година. Во согласност со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности, заклучно со јуни, на целата територија на државата има 6.436 стана што се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 4 стана. Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 12.902 листа за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови – пишува во извештајот што го изработува Агенцијата за катастар на недвижности.

Градежништвото преживува поради активната побарувачка на станови

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ваквите податоци се показател дека корона-кризата се чувствува и во градежниот сектор, а истото тоа го посочуваат и претставниците на градежната фела.
– Негативните последици од здравствено-економската криза, која глобално го зафати светот, од ден на ден сѐ повеќе се чувствуваат во градежниот сектор во нашата држава што е видно и од статистичките податоци од вториот квартал оваа година. Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија цени дека трансакциите на пазарот на недвижности (купопродажба на деловни објекти, градежно земјиште, земјоделско земјиште, хотели и сл.), кои бележат пад од над 40 отсто во вториот за разлика од првиот квартал оваа година, се одраз на актуелните состојби во нашата држава и на сѐ што се случува како последица на кризата со ковид-19. Ако ги разгледуваме статистичките податоци за вториот квартал оваа година, ќе забележиме зголемување на продажбата на станови за 9 проценти во однос на првиот квартал годинава и пад на продажба на новоизградени станови не толку драматично од 5 отсто. Исто така, има и зголемување на продажбата на новоизградени објекти за 30 проценти во однос на вториот квартал минатата година, што дава за право да констатираме дека продажбата на станови сѐ уште е во границите на нормалата благодарение на активната побарувачка на станови, која е единствената причина зошто кризата не го погоди во толку голема мера овој сегмент од градежништвото – појаснуваат претставниците на Здружението на градежништво при СКМ.

Инвестирањето во капитални и инфраструктурни проекти може да биде движечка сила на економијата

Од ова здружение истакнуваат дека дополнително, раздвижувањето на активностите во врска со донесувањето ДУП-ови, кои беа оспорувани и ревидирани, во првата половина оваа година и најавата за поголема активност во периодот што следува, особено во општините во кои се бележи најголем обем на трансакции на пазарот на недвижности (со оглед на досегашната ограничена понуда) очекуваат да доведе до зголемена купопродажба на станови. Поради ова, сметаат дека продажбата на станови сѐ уште успева да ѝ одолее на кризата.

– Доколку државата е подготвена да го одржи градежниот сектор како двигател на економијата како и во изминатите години, инвестирањето во капитални и инфраструктурни проекти може да биде движечка сила на економијата во идниот период, период што е пресуден за стабилизирање и закрепнување на нашата економија – посочуваат од здружението.