Фото: Игор Бансколиев

Соговорниците што се директно инволвирани во винскиот бизнис укажуваат дека поради пандемијата во текот на минатата година извозот на вино во шишиња бележи пад од 16,3 проценти, што е голема загуба. Имено, извозот на вино во шишиња има поголема додадена вредност, а влијае и на репутацијата на македонското вино кај консументите на странските пазари. Но производителите истакнуваат дека не ги губат упорноста и посветеноста кон винскиот бизнис, а на кризата гледаат и како на можност, при што додаваат оти кризата им покажала дека можат да се натпреваруваат со водечките светски производители

Извозот на македонското вино намален поради пандемијата

Здравствено-економската криза наметната од пандемијата на ковид-19 ѝ нанесе голема штета на македонската винска индустрија. Затворањето на рестораните и на угостителските облеки, како и затворањето на границите, драстично ја намали потрошувачката на вина, а наедно се намали и извозот на македонско вино. Познавачите укажуваат дека падот на извозот на македонското вино во шишиња минатата година е 16 проценти. Сепак, производителите истакнуваат дека не ги губат упорноста и посветеноста кон винскиот бизнис, а на кризата гледаат и како на можност, при што додаваат оти кризата им покажала дека можат да се натпреваруваат со водечките светски производители.
– Со оглед на околностите, падот во извозот на вино се очекуваше. Сепак, за среќа, овој пад на годишно ниво не е толку изразен како падот на продажбата на домашниот пазар. Податоците покажуваат дека македонските винарници и во исклучително отежнати услови успеале да извезат околу 66,7 милиони литри вино, што е намалување за 3,2 отсто во однос на 2019 година. Загрижува што ваквиот пад се должи на сериозното намалување од 16,3 проценти на извозот на вино во шишиња. Ова ѝ нанесува долгорочна штета на целата македонска винска индустрија, затоа што квалитетното вино во шишиња поседува поголема додадена вредност и влијае на вкупната репутација на македонското вино кај консументите на странските пазари. Сепак, утешителен е податокот дека, и покрај намалувањето на извезените количества вино во шишиња, просечната цена на квалитетното македонско вино во 2020-та достигнала повисока вредност во однос на 2019 година.

Ваквите показатели јасно ја исцртуваат патеката по која треба да се движи и поддржува идниот развој на македонската винска индустрија, а тоа, секако, е извозот на квалитетно македонско вино во шишиња – објаснува првиот човек на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Винската индустрија беше значително погодена од здравствената криза, која сѐ уште е присутна, поради што инволвираните истакнуваат дека таа била причина плус да направат промени во своето работење.
– Кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 минатата година, генерално, направи огромни штети врз македонската винска индустрија и сериозно ја наруши ликвидноста на македонските винарници. Забележен е пад од 16 отсто на извозот на македонско вино од земјава и падот на винарницата „Стоби“ во делот на продажба на виното на домашниот и странските пазари се движи во рамките на истиот процент. Сепак, можеме да кажеме дека успеавме да ги задржиме нашите клучни пазари и, со оглед на целосното преструктурирање на дистрибуцијата на домашниот пазар, сметаме дека резултатите што ги остваривме може да се оценат како позитивни. Во делот на производството на вино, и покрај кризната година и постојните резерви, ние донесовме одлука да преработиме исто количество винско грозје како и минатите години. Најголем дел од нашето грозје доаѓа од сопствени лозови насади, кои се во рамките на целокупниот холдинг. Во моментов сме задоволни како ќе го завршиме првиот квартал од оваа година. Сепак, сѐ уште е рано да се предвидува, бидејќи нѐ очекува нов бран на ковид-19 и пласманот на виното сѐ уште е несигурен и не знаеме како ќе се развиваат работите до крајот на годината. Но нашиот тим гледа позитивно на работите и веруваме дека оваа година ќе ја вратиме продажбата на нивото на 2019 година и ќе оствариме позитивни резултати во работењето – вели Никола Деребанов, генерален директор на холдинг-компанијата „Перминдекс“ за винарницата „Стоби“, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар Градско“.

Деребанов истакна дека винарницата „Стоби“, освен на домашниот пазар, каде што е веднаш зад лидерот на пазарот по количествата на продажба, го пласира своето вино во целиот регион и на интернационалните пазари, како Русија, Кина, Америка, во земјите од Европската Унија. Наедно посочува дека, и покрај кризата, мора позитивно да се гледа на состојбите.
– Мораме позитивно да гледаме на работите и притоа, и покрај кризните години во кои работиме, мора да го извлечеме најдоброто од нас, како индивидуи, како тим, како компанија и, секако, како земја. Досегашните договори и продажби се движат со посакуваното темпо и се надеваме дека ќе продолжиме во иста насока. Иако периодот е кризен, продолжуваме со силно темпо да инвестираме и во маркетинг и брендирање на нашите производи и оваа година ќе пласираме и неколку новитети во нашето портфолио – дополнува Деребанов.
Претседателот на здружението „Вина од Македонија“ појаснува дека кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 направи сериозни нарушувања на глобалниот вински пазар, што се одразило и на македонската винска индустрија.
– На почетокот на пандемијата, за време на целосното затворање на угостителските објекти, падот во продажбата изнесуваше речиси 80 отсто. Дополнително, пандемијата предизвика и тектонски промени во целиот пазарен синџир на производство на вино. Се соочивме и со проблеми при извозот поради падот на цените на виното на странските пазари, предизвикан од обидот на големите земји производители на вино, како Шпанија, Италија и Франција, да се ослободат од резервите на вино. Сето ова ги зголеми пазарната несигурност и непредвидливост и сериозно ја влоши финансиската стабилност на винарниците, наметнувајќи неопходна потреба од итно приспособување на деловните планови во однос на управување со резервите и намалување на трошоците за да се зачуваат работните места и да се обезбеди долгорочно опстојување на компаниите.

Благодарение на ваквите приспособувања, како и поддршката што ја обезбеди државата, македонскиот вински сектор, и покрај тешките предизвици, сепак, избегна целосен колапс и успеа да опстане. Иако сѐ уште не се готови официјалните бројки за произведените количества вино за минатата година, прелиминарните податоци покажуваат дека обемот на производство се движел во рамките на просекот од минатите години, што е добар резултат, ако се земат предвид огромните предизвици што ги донесе ковид-кризата, како и ефектите од минатогодишната берба, која, судејќи според квалитетот на одредени сорти што се многу застапени, не беше на посакуваното ниво – објаснува Јаневски.
Наедно тој дополнува оти сите анализи укажуваат дека негативните последици од актуелната криза, особено кај најпогодените индустрии, вклучувајќи ја и винската, ќе траат многу подолго од самата здравствена криза. Појаснува дека е направена сериозна дисторзија во синџирот на производство, дистрибуција и продажба, за која ќе бидат потребни време и дополнителни вложувања да се врати во нормалните текови, што, според него, ќе бара и понатаму активно учество и слух од креаторите на националните економски политики.

– Доколку кризата се гледа и како можност, тогаш дефинитивно она што може да се препознае во неа е дека виното е производ со кој ние како земја можеме да се натпреваруваме со водечките светски производители и затоа оваа индустрија заслужува соодветен третман и поддршка во нејзиниот натамошен развој. Постои едно јасно правило дека можност за своевидно „враќање“ на старите патеки или, пак, за натамошно зголемување на производството и пласманот ќе имаат само оние што мудро ќе го искористат овој период до завршувањето на кризата и дополнително ќе ги направат неопходните приспособувања и инвестиции, во согласност со сигналите што ги испраќаат пазарот и консументите – заклучува Јаневски.