Осум нови дестинации ќе им бидат достапни на македонските граѓани од скопскиот и охридскиот аеродром. Четири нови линии ќе бидат воспоставени од скопскиот и четири од охридскиот аеродром.

Отворањето на новите авио линии е овозможено преку тендерот за нискобуџетски авиолинии што го распиша Владата, а на кој како единствена компанија се пријави „Визер“, која веќе ги опслужува македонските граѓани. Договорот за субвенционирање на евтини авиолинии беше потпишан денеска во Владата на Република Македонија.

Од скопскиот аеродром ќе бидат отворени две нови линии кон Германија и тоа кон Баден-Баден и Бремен, потоа кон Ларнака во Кипар и кон Турку во Финска, додека од Охрид ќе се лета кон Малме во Шведска, Милано во Италија и кон Меминген и Дортмунд во Германија.

Двете линии до Германија и авиолиниите од Охрид до Милано и до Малме ќе бидат воспоставени од март, а билетите за овие дестинации ќе почнуваат од 1.164 денари или 19,99 евра. Од јули се очекува да бидат воспоставени двете линии од Охрид до Германија и двете нови дестинации од Скопје до Ларнака и Турку.

Финансиската поддршка што ја обезбедува Владата е 312 милиони денари или околу пет милиони евра за период до 2022 година. За 2019 година предвидени се 86 милиони денари, за 2020 и 2021 година предвидени се 104 милиони денари, додека за 2022 година – 17 милиони денари.

– Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40 илјади евра за секоја нова отворена дестинација воведена од меѓународниот аеродром „Скопје“ и меѓународниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид. За секоја нова дестинација воведена од Скопје ќе се додели финансиска поддршка од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во втората година, седум евра во третата. За секоја нова дестинација воведена од Охрид ќе се додели финансиска поддршка во износ од 13 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 12 евра во втората, 11 евра во третата година од договорот – појасни министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Денешниот договор за субвенции за авиолинии е трети по ред договор што го потпишуваат македонската Влада и „Визер“.