Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еко-активистите велат дека доколку се дозволи да се отвори рудникот „Иловица – Штука“ тогаш ќе дојде до комплетно уништување на земјоделството и на егзистенцијата на над 80.000 земјоделци во Струмичко, додека од Владата убедуваат дека заради намалување на ризиците и загриженоста на локалното население во регионот нема да се користат цијанид и сулфурна киселина туку „помалку штетни хемикалии“, а ќе се формира и независно тело за мониторинг

Активистите за здрава животна средина жестоко обвинуваат дека рудникот „Иловица – Штука“ не само што е еколошка нуклеарна бомба туку е, како што велат, најголема биолошка еко-закана на континентот во моментов и еко-геноцид од невидени размери во поширокиот регион. Тие разочарани од средбата со претставниците на Владата на Република Македонија, на ЕБОР и на компанијата „Еуромакс рисорсис“, околу рудникот за бакар и за злато „Иловица“, најавуваат блокада на патишта и на гранични премини и кривични пријави. Од Владата, пак, убедуваат дека заради намалување на ризиците и загриженоста на локалното население во регионот нема да се користат цијанид и сулфурна киселина туку „помалку штетни хемикалии“, а ќе се формира и независно тело за мониторинг, кое ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази. Истото тоа претходно го соопштија и од компанијата „Еуромакс рисорсис“, која ќе го гради рудникот.

Струмичката економија е традиционално заснована на земјоделството и директно обезбедува егзистенција за околу 50 илјади жители, а индиректно и за повеќе, објаснува еко-активистот Крум Велков.

– На пример, само од извоз на домати Македонија остварува приходи од 17 до 18 милиони евра годишно, а притоа потенцијалите за развој на земјоделството се огромни. Рудникот нема да ги намали приходите од земјоделството, тој ќе ги уништи засекогаш. Ќе ги загрози и оние што не живеат од земјоделство, бидејќи основата на економијата се базира на него. Кој ќе сака да купи градинарски производ од регион во кој течат отровни хемикалии и преку подземни и надземни води, и од воздух преку кисели дождови, кои се смрт за вегетацијата и се опасни по живот долгорочно?! – нагласува Велков.

Според него, од мигот на отворањето на рудникот, за една година земјоделството ќе пропадне, бидејќи конкуренцијата нема да седи мирна и насекаде ќе се знае дека струмичкиот регион е затруен.

– Градината на Македонија ќе биде уништена, со сите можни негативни последици. Отворањето на рудникот би значело стратегиско слепило, досега незабележано, речиси неверојатно – вели Велков.

И Ангел Наков од гевгелиското здружение „Спас за нас“ се согласува дека доколку се дозволи да се отвори рудникот „Иловица“ тогаш ќе дојде до комплетно уништување на земјоделството и на егзистенцијата на над 80.000 земјоделци во Струмичко и во околината.

– Не постои ниту еден пример во светот, во периметар од 100 километри околу рудник со отворен коп, да има земјоделски градинарски регион. На секој државен службеник прва задача треба да му биде да ги провери какви се светските искуства, а не да слуша приказни од сопствениците на компаниите, на кои им се дадени концесии за експлоатација во Македонија. Добро е да се знае дека сите овие компании, вклучувајќи ја и оваа во Иловица, досега немаат отворено ниту еден рудник и овие им се први проекти од ваков вид – нагласува Наков.

Како што вели Крум Велков, како стратегиско решение, сите релевантни еколошки здруженија од југоистокот ја прифатиле нивната предлог-иницијатива „Југоистокот – заштитена еко-органска зона“, со прогласување национални паркови на природата и заштитени зони на целиот појас од Кожуф, преку Дојран, Беласица и Огражден, кој ги опфаќа сите општини на југоистокот и кој би придонел регионот, како традиционално земјоделски крај, со извонредни компаративни геоклиматски предности, да биде брендиран во меѓународни рамки како органски еко-регион, заштитен од државата, кој може да генерира неспоредливо поголеми приходи од рудниците.

– Органското производство насекаде доживува експанзија и носи огромни приходи. Тоа би значело државата долгорочно да инвестира во едукација, мерки за заштита, планско производство и стратегиски и микроменаџмент, од што може да се случи економски бум во регионот. На консултативната средба со Владата им го посочивме тоа. Сега има затишје и иако има многу манипулации и шпекулации, ние од отпорот против рудникот очекуваме Владата конечно да повлече вистински потег. Но, исто така, се подготвуваме за разни облици на протести и отпор против рудникот, всушност борба за опстанок, доколку биде потребно – појаснува Велков.

Според Владата, заради намалување на ризиците и загриженоста на локалното население во регионот, цијанид и сулфурна киселина нема да се користат, туку „помалку штетни хемикалии“, а ќе се формира независно тело за мониторинг, кое ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази.

– Со внимание беа разгледани и економските параметри, кои покажуваат дека оваа инвестиција и работата на рудникот ќе учествува со три отсто од БДП во Македонија, и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2.700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион – велат од Владата.

Според Наков, овој тип рударство со отворен коп, е единствена профитабилна постапка за добивање злато или бакар од сиромашни руди.

– Македонија не е нешто посебно богата со овие метали, но сепак се потпишуваат дозволи со кои се дозволува оваа смртоносна гранка. Никаде во Европа или Америка, оваа постапка не е дозволена да се користи. Овие рудници ги има во пустинските предели на Невада, Австралија, Чиле, Перу, но никаде во близината на населени места, земјоделски региони, водни ресурси – вели Наков.

Откако измените на Законот за минерални суровини, кои ја поминаа Законодавноправната комисија, повторно беа ставени на дневен ред во Собранието, со предлог за донесување по скратена постапка, претседателот на Асоцијацијата за рударство при Стопанската комора (МАР) Николајчо Николов, излезе со став дека продолжува хајката против рударскиот сектор, и дека измените се неправедни, селективни и нестручно предложени, како и дека се тенденциозни и не дозволуваат развој на рударскиот сектор.