Експертските мислења се дека либерализацијата има повеќе димензии и дека не станува збор само за цената на енергијата. Прогнозите се во насока дека во првиот период ќе има пораст на вредноста на струјата, бидејќи нашиот пазар е неразвиен. Поради ова може да се очекуваат турбуленции и мал пораст на цената кај крајните потрошувачи, додека да се развие целосно механизмот понуда-потрошувачка, по што ќе се избалансира состојбата

Од следната година треба да започне долгонајавуваната либерализација на пазарот на електрична енергија. Неминовното прашање што си го поставуваат граѓаните е какви придобивки ќе имаат. Експертите сметаат дека од овој процес ќе има бенефиција за сите, како за компаниите, така и за граѓаните. Иако, според нив, големи се шансите цената на електричната енергија да се зголеми, сепак, велат дека граѓаните ќе добиваат подобра услуга, а ќе порасне и стандардот, па нема да се почувствува поскапувањето.

– Либерализацијата е неминовен процес, кој доаѓа подоцна од препораките на Европската Унија во рамките на претпристапните преговори за нашето членство. Кога зборуваме за либерализацијата, мора да се има на ум дека таа има повеќе димензии, не е само цената на енергијата. Можно е во првиот период да има пораст на вредноста на електричната енергија, бидејќи нашиот пазар е неразвиен. Поради ова може да се очекуваат турбуленции или осцилации и мал пораст на цената кај крајните потрошувачи, сѐ додека да се развие целосно механизмот понуда – побарувачка, по што ќе се избалансира состојбата – вели професорот Горан Рафајловски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Тој посочува дека врз вредноста на енергијата може да влијае цената на енергентот во регионот. Притоа, ако таа е повисока во соседните земји, може да се покачи и кај нас, и додава дека цената на струјата во соседните земји е повисока.

– Мора да истакнеме дека, гледано долгорочно, со либерализацијата граѓаните ќе имаат големи придобивки, ќе се стабилизира пазарот на електрична енергија и потрошувачите ќе добиваат квалитетна услуга. Факт е дека прво ќе има пораст на цената на енергијата, но потоа ќе се избалансира состојбата и граѓаните ќе добиваат квалитетна услуга. Со либерализацијата ќе расте и куповната моќ на граѓаните, па сметам дека денешните 12 центи за струја ќе бидат поскапи отколку, да речеме, 20 центи во иднина, бидејќи стандардот на граѓаните ќе биде повисок и тој трошок за енергија нема да го чувствуваат како сега – појаснува Рафајловски.

Тој истакна дека секоја промена носи пикови, односно подеми и падови, поради што очекува пазарот ќе биде подинамичен во првите два квартала, но потоа ќе се стабилизира. Според него, најбитно е дека ќе има подобрување на условите за економско-индустрискиот сектор.

– Досегашното искуство во земји каде што е воведена либерализацијата покажало дека секаде каде што е воведена прво има пораст на цените. И факт е дека на долг рок тие ќе растат, но потоа ќе се стабилизира пазарот и сите ќе имаат придобивки – додава Рафајловски.

Неговиот колега, професорот Антон Чаушевски додава дека со либерализацијата граѓаните очекуваат намалени трошоци за електрична енергија, било во домаќинствата, било за некакви други услуги и сервиси што е во делот на трошоци за остварување некаков приход. Тој истакна дека на електричната енергија граѓаните, секако, гледаат како на секоја друга економска категорија и во нивни интерес е да имаат што пониска цена.

– Мое мислење е дека цената на електрична енергија постепено ќе поскапува и ќе го следи трендот на цените на пазарот на електрична енергија. Овие цени се доста динамични и зависат од многу фактори, како сезоната лето-зима, дневно-ноќните потреби, состојбата со инсталираноста и пласманот од обновливите извори на енергија, состојбата со конвенционалните производствени капацитети и друго. Како илустрација може да се дадат цените на електрична енергија во последните неколку години. Цените варираат од 25 евра за мегават-час, обично во пролетните месеци, на намален конзум и при добра хидролошка состојба на акумулациите, па до 150 евра за мегават-час во зимскиот период, на зголемени потреби, а особено при студени атмосферски услови. Ваквата динамика на цените треба да се балансира кај потрошувачите во помал интервал на ценовни промени, а ризикот треба да се прифати и од снабдувачот, а дел да преземе и потрошувачот – рече професор Чаушевски.
Тој додава дека плус на пазарната цена има и трошоци за пренос на електричната енергија на висок напон и на дистрибуција до крајниот потрошувач. А како посебно прашање го истакнува и моментот како ќе се регулираат тарифите кај потрошувачите, односно скапа и евтина цена на струјата и кој и како ќе гарантира сигурност од ценовни шокови.

– Би дал една компарација со телекомуникацискиот пазар. Овој тренд во делот на телекомуникациите беше пред 15-20 години, кога се либерализира пазарот во Македонија. Цените оттогаш до денес не се значајно намалени, туку операторите за иста или повисока цена нудат и дополнителни услуги, како Интернет, бесплатни разговори, телевизија, што, секако, зависи и од развојот на информатичко-комуникациската технологија и услуги. Електричната енергија е категорија што треба да се доведе до крајниот потрошувач со одреден пропишан квалитет. Во овој дел на дополнителни услуги, операторите и снабдувачите со електрична енергија нема што да понудат освен некаква гаранција за квалитетна и сигурна испорака на електрична енергија – истакна Чаушевски.

Професорот Рафајловски, пак, додава дека се очекуваат зголемен интерес и појава на повеќе трговци или лица што ќе отворат фирми и ќе сакаат да заработат со либерализацијата на пазарот.

– Можно е на почетокот да има голем интерес и да се отворат повеќе компании што сметаат дека со либерализацијата се отвораат бизнис-можности, односно можности за заработка. Сепак, со текот на времето бројката на компании-трговци со струја што ќе опстојат на пазарот ќе се стабилизира и ќе се намали. Во поглед на граѓаните, или корисниците, сметам дека законот има предвидено соодветна регулатива со која тие се заштитени од малверзации. Во тек е изработката на подзаконски акти, со кои исто така се штитат граѓаните, предвидени се казни за неиспорачана струја, пенали за дистрибутерите или за производителите за неисполнување на договорот – вели Рафајловски.

Чаушевски појаснува дека цените по кои ќе се продава енергијата кај лиценцираните снабдувачи ќе се разликуваат, иако електричната енергија би ја земале од пазарот.

Додава дека трошоците за снабдување се приближно исти, но разликата во понудената цена на потрошувачот би била во маржата или, пак, во ризикот за понуда на пониска или повисока цена за снабдувачот или за потрошувачот, соодветно.

– Во Македонија цената на електричната енергија е најниска и во регионот, а да не зборуваме за во Европа. Значи, како земја со најниска цена со либерализација на пазарот на електрична енергија во европско опкружување илузорно е да се очекува дека цената на електрична енергија ќе се намали. Со приклучување на домаќинствата на гасоводот, би се намалила потрошувачката на електрична енергија за термичките потрошувачи, односно греење простории во зима, готвење и потреба од санитарна топла вода. Само треба да се знае дека крајната цена на гасот како енергент не е многу пониска од електричната енергија, треба да се смета на инвестицијата за приклучок на гасоводна мрежа и цената на самиот гас, што е, секако, пазарна категорија како и цената на електричната енергија. Секогаш постои компетиција и меѓусебна зависност на цената на трите главни енергенти – нафтата, природниот гас и електричната енергија – појаснува Чаушевски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева