Сѐ уште е нејасно за граѓаните како ќе се реализира бришењето на каматите на долговите за комуналии, мерка од петиот владин пакет. За оние што и досега не можеле да платат и на кои долгот им е навистина многу голем, а ќе се подели на 12 рати, веројатно ќе биде тешко да ги плаќаат и редовната сметка и големата месечна рата

Со петтиот пакет мерки што го донесе Владата, граѓаните што должат за неплатени сметки за комуналии ќе бидат ослободени од плаќање камата за постоен долг. Покрај тоа, должниците ќе добијат можност заостанатиот долг да го исплатат на 12 месечни рати. Според досегашните најави, мерката ќе биде обврзувачка за јавните претпријатија и општините и ќе биде од корист за граѓаните што имаат долгови за комунални услуги, за вода, ѓубретарина, данок на имот. Оваа мерка откако помина во Владата, како дел од пакетот мерки, чека на виза во парламентот. За граѓаните е нејасно како ќе се реализира, дали ќе мора да склучуваат договори со давателите на услугите и ќе се обврзат за плаќање и на редовните сметки и на месечните рати, што кај многумина предизвикува страв дали ќе можат да се нафатат на високите месечни давачки ако немаат доволно приходи. Како ќе течат работите и дали можеби ќе се дозволат поголем број месечни рати според висината на долгот и платежната способност на должниците, детали нема, а немаат ниту во претпријатијата.
– По одлуката на Владата ќе биде изготвено законско решение што ќе ги регулира роковите и начинот на отпис на каматите по основа на долгови на граѓаните што тие ги имаат кон јавните претпријатија и јавните комунални претпријатија, но и долгови по основа на УЈП. Истото тоа покрај роковите јасно ќе ги утврдува правата и обврските на двете страни. Она што неколку претставници на Владата го имаат кажано на нивните јавни настапи е дека ќе биде отворен јавен повик, кој ќе трае неколку месеци, на кој граѓаните ќе можат да искажат заинтересираност за мерката и да започнат процедура за отпис на каматите – вели владиниот портпарол Мухамед Хоџа.
Прашалници и за оние граѓани што должат за електрична енергија и парно, како тие да ја искористат мерката, ако се знае дека ЕВН и БЕГ се приватни компании, а кон нив граѓаните најмногу должат. Од двете компании велат сѐ уште не можат да прецизираат како ќе одговорат на владината мерка.

– Kога ќе има официјална одлука од Владата, ЕВН секако дека ќе ја разгледа и ќе одлучи. ЕВН „Македонија“ и во минатото се приклучила кон владините пакети и кампањи, кои имале цел олеснување на плаќањето на долговите на граѓаните. Меѓутоа, овие пакети не се покажале сосема функционални во смисла на комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови. Сепак, останува да се одлучи по разгледување на официјалната одлука од Владата – информираат од ЕВН „Македонија“.
Ниту од ЕВН, ниту пак од „Балкан енерџи груп“, иако побаравме, не ни дадоа податок колкава сума на побарувања имаат од граѓаните должници, ниту пак колкави се каматите по таа основа.
– Пред да излезе со официјален став, БЕГ АД ќе ја почека официјалната објава на петтиот пакет мерки на Владата и ќе изврши анализа од аспект на ефектите врз потрошувачите и компанијата – кажа Емилија Јакимовска Мишева, одговорна за односи со јавноста во „Балкан енерџи груп“.
Граѓаните секако имаат долгови и по основа на неплатен данок, па оттаму побаравме и одговори од УЈП, како тие ќе постапат.
– Во согласност со информацијата за петтиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19, една од мерките предвидува бришење камати на долгови на граѓаните спрема јавни институции/претпријатија и за даночни долгови, при што се задолжуваат надлежни органи да подготват предлог-закон за репрограмирање на даночните долгови на физичките лица со право на отпишување на камата. Исто така, во согласност со Законот за даночна постапка, Управата за јавни приходи може целосно или делумно да се откаже од побарување на даночен долг доколку наплатата во одделен случај е несоодветна, а оваа постапка за откажување од побарување се уредува со закон.

Од наведеното произлегува дека треба да се донесе посебен закон со кој ќе се уредат актите што ќе се носат во постапката за репрограмирање на даночните долгови на граѓаните и утврдување на каматата за отпишување, роковите и сите други процедурални прашања во оваа постапка. Во рамките на своите со закон уредени надлежности, Управата за јавни приходи може да биде задолжена за спроведување на ваква постапка за даноците и другите јавни приходи што ги управува, кои не го вклучуваат данокот на имот – одговори Даниела Бошковска, раководителка на Секторот за поддршка на директорот и односи со јавноста во УЈП.
ЈП „Водовод и канализација“ има реализирано неколку акции со кои претпријатието склучува договори со должниците долгот да го платат на рати, а каматата да им биде простена.
– Како компанија што е сервис на граѓаните минатата година организираше две акции за сервисирање на ненамирените долгови што ги имаат нашите корисници без пресметана камата и на одложено плаќање. Корисниците за потпишување на договорите доаѓаа во просториите на претпријатието, но со почитување посебни протоколи за заштита од коронавирусот. За секоја нова акција, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје навремено ја известува јавноста за начинот и времето за спроведување на истата таа. Нашите надлежни сектори во моментов вршат дополнителни анализи, кои ни даваат јасен сигнал дека одложеното сервисирање на долгот без пресметана камата што го имаат граѓаните во овој момент е позитивна мерка за корисниците на нашите услуги. Врз основа на резултатите од анализите пред спроведување на одредена акција, корисниците ќе бидат известени и запознаени со условите за спроведување на истата таа. Имајќи го предвид фактот дека сѐ уште не е донесена конечна одлука, не можеме да зборуваме за временски рамки и рокови – вели Катерина Вељановска Михаилов, одговорна за односи со јавноста од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Од претпријатието појаснуваат дека минатите акции за исплата на долговите без камата и со одложено плаќање што ги спровеле се изведувале во одреден временски интервал, за што корисниците биле јавно и навремено информирани. Од вкупно 260.000 корисници, со оваа мерка би биле опфатени околу 56.000 корисници