Фото: Игор Бансколиев

Анализата на „Евростат“ покажува големи разлики меѓу цените на производите и услугите низ европските земји, а особено голем јаз има меѓу цените кај рестораните и хотелите и кај цените на алкохолот и тутунот

Компаративна анализа на „Евростат“

Македонија е меѓу земјите со најниски цени за продукти и услуги што ги користат граѓаните. Заедно со другите земји од околината како БиХ, Албанија, Србија, Црна Гора и Турција е меѓу најевтините земји за живеење. Цените во овие земји за продуктите и услугите се меѓу најниските на европска почва. Според анализата што ја прави „Евростат“, цените меѓу производите и услугите кај европските земји бележат големи разлики, а особено голем јаз има меѓу цените кај рестораните и хотелите и кај цените на алкохолот и тутунот.
– Во 2019 година, пред мерките за ограничување што ги воведуваат земјите-членки на Унијата предизвикани од ширењето на ковид-19, цените на производите за широка потрошувачка и услуги значително се разликуваа во Европската Унија (ЕУ) поточно меѓу нејзините 27 земји-членки – наведува „Евростат“ во соопштението.
Во Данска е забележано едно од највисоките нивоа на цените во Унијата и нејзината стапка изнесува 141 отсто, додека просекот во ЕУ е поставен на 100 проценти. Меѓу земјите со повисоко ниво на цени се и Ирска со 134 проценти, па Луксембург со 131 отсто, Финска со 127 проценти и Шведска со 121 отсто.

На спротивната страна на скалата, речиси најниски нивоа на цените се лоцирани во Бугарија каде што индексот е 53 отсто, што е далеку под просекот во Унијата. На слично ново е и Романија, каде што цените на продуктите достигнуваат 55 проценти.
– Ваквата состојба укажува дека нивото на цените на потрошувачките производи и услуги во земјите-членки на ЕУ варира за скоро еден до три меѓу најевтината и најскапата земја – додаваат од „Евростат“.

Нивото на цените на храната највисоко во Данска, најниско во Романија

Во согласност со резултатите на оваа анализа, нивото на цените на една кошничка со храна и безалкохолни пијалоци низ ЕУ имало драстични разлики, притоа кај најскапата земја-членка било забележано дека за истите продукти се плаќа скоро двојно повеќе отколку кај најевтината земја.
– Нивоата на цените на една споредлива кошничка со продукти се движеа од 66 отсто во Романија и 70 проценти во Полска, наспроти 129 проценти во Данска, земја што е над просекот на Унијата. Над овој просек се и Луксембург, Австрија, Финска, Ирска, Франција, Шведска, Малта и Белгија – посочуваат од „Евростат“.

Нивоата на цените за алкохолни пијалоци и тутун покажаа значителни разлики помеѓу земјите-членки на ЕУ. Притоа најниско ниво на цени во 2019 година е регистрирано во Бугарија каде што цените биле на 62 отсто од просекот, пред Полска со 74 проценти, Унгарија и Романија со 75 отсто. На спротивниот крај на скалата, највисоки цени се забележани во Ирска каде што овој индекс изнесувал 188 проценти, по што следуваат Финска, Шведска, Франција и Данска. Притоа од „Евростат“ посочуваат дека големите разлики меѓу цените кај алкохолот и тутунот се резултат на разликите во оданочувањето на овие производи од страна на самата држава.

Рестораните и хотелите се трипати поскапи во Данска отколку во Бугарија

Рестораните и хотелите се втора категорија во која се забележани големи разлики во нивото на цените, соопштуваат од „Евростат“. Нивоата на цените се движеле од 60 отсто или помалку од просекот на ЕУ во Бугарија (45 отсто) и Романија (54 отсто) до 156 проценти во Данска.
Помали диспаритети се забележуваат кај цените и средствата потребни за електроника, опрема за личен транспорт и облека.

Притоа кај потрошувачката на електроника цените се разликуваат помалку меѓу земјите-членки и истите тие се движат од 91 отсто во Полска до 111 проценти во Франција.
Облеката е друга група на производи што покажува помала разлика во цените меѓу земјите-членки, каде што Бугарија со 79 проценти на цените од просечната европска цена е најевтина земја, додека Данска со 132 проценти е најскапа. Меѓу најскапите во оваа категорија се Шведска и Финска.