Министерот за финансии, Фатмир Бесими, истакна дека фирмите нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март, доколку истите парите ги инвестираат во раст и развој.

Според него, мерката ќе важи за сите компании кои ќе вложат во развој без разлика дали ќе остварат добивка или загуба на крајот на годината.

– За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март предвидени се 1,92 милијарди денари. Се очекува месечно со мерката да бидат опфатени по 60.000 работници. Финансиската поддршка ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 денари до 21.776 денари по вработен од месечна плата – објасни Бесими.

Критериум за доделување на мерката, според него, ќе биде економскиот резултат, односно падот на приходите во месеците ноември и декември 2020 и јануари 2021 година, споредбено со истите месеци во 2019, односно 2020 година.

– Новината која овој пакет ја носи е фокусирање кон закрепнување и економски раст, и дека без разлика дали покажуваат загуба или успех, 50% од субвенциите согласно законот треба да ги вратат следната година, освен доколку тие средства ги инвестираат наредиот период во раст и развој, тогаш ќе бидат ослободени целосно. Фокусот е на инвестиции и раст покрај поддршка на закрпенување на економијата и на приватниот сектор – изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.