Фото: Игор Бансколиев

Според Државниот завод за статистика, за период од една година бројот на лица без работа се намалил за над 35 илјади, но дилемата е дали тоа е резултат само на нови вработувања и, ако е така, како тоа воопшто е можно кога немаше пораст на економијата во последниве години

Македонија бележи историски пад на невработеноста на 17,8 отсто на крајот од првиот квартал од оваа година, во споредба со претходниот квартал, кога стапката на невработеност беше 19,4 отсто, но сепак и тоа е далеку над европските стандарди, каде што стапката се движи во просек околу 6 отсто, што значи невработеноста на земјава сѐ уште е многу висока. И покрај тоа што статистички се намалува невработеноста, приватниот сектор повеќе од кога било се соочува со недостиг од квалификувани кадри.

Според Државниот завод за статистика, за период од една година бројот на лица без работа се намалил за над 35 илјади, но дилемата е дали тоа е резултат само на нови вработувања и, ако е така, како тоа воопшто е можно кога немаше пораст на економијата во последниве години, а првиот поголем пораст на БДП е во првиот квартал од 2019 година – 4,1 отсто. Која е вистинската причина за ова намалување?

Дали македонската индустрија конечно почна да вработува и да го зголемува производството? Едно од клучните прашања на оваа проблематика е дали овој тренд на намалување ќе продолжи и колку е одржлив. Сепак, проблематично е да се процени колкава е реалната стапка на невработеност, особено ако се земат предвид структурата, образованието и вештините на невработените лица.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, истакна дека намалувањето на невработеноста не е поради економското подобрување и порастот на БДП, туку дека станува збор за техничко-статистичка операција, која најверојатно подразбира бришење на невработените од системот на податоци, како и иселување од државава.

– Намалената стапка на невработеност е резултат на заминувањето на невработените од земјава, особено на младите, на возраст од 20 до 30 години. Сигурно дека еден мал дел е реална вработеност од новите инвестиции и отворањето на работните места што се поттикнуваат со владините мерки воведени претходната година – објаснува Беџети.
Тој смета дека секое вакво намалување на стапката на невработеност не е одржливо и не генерира подобар животен стандард.

– Секое ново вработување што не е резултат на нови инвестиции, зафати, проекти или, пак, не е резултат на економските фактори, не може да е одржливо – вели Беџети.

Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, пак, овој пад се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавци и во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на трудот поради активните мерки за вработување.

– Невработеноста во Македонија има тренд на пад, а тоа се должи главно на вработувањата во ТИРЗ и стимулациите преку активните мерки за вработување. Сепак, за достигнување на ниските стапки на невработеност компаративни со земјите во Европската Унија, потребни ни се структурни реформи. Овие реформи треба да ја зголемат продуктивноста на вработените, но и јакнење на вештините за вработување на невработените активни баратели на работа. Исто така, потребно е да се зголемат продуктивноста и конкурентноста на домашните компании на странските пазари, стимулирајќи креирање подобро платени работни места – сметаат од „Фајненс тинк“.

Како што смета Марјан Петрески, универзитетски професор, падот на невработеноста се должи на значајно раздвижениот пазар на труд, особено поттикнат од вработувањето во странските фирми.

– Може да се забележи дека тие постојано регрутираат кадар и се жалат на недостиг од квалификувана работна сила, што е клучна забелешка и од домашните бизнисмени – истакнува Петрески.

Според него, свој удел во падот на невработеноста имаат и активните мерки за вработување што ги спроведува Владата.

Од друга страна, Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека огромен број работни места остануваат непополнети поради расчекорот на понудата и побарувачката. Затоа, според него, Македонија мора многу да работи на усогласување на потребите од разни занимања и на понудата на работната сила.

– На лицата со ризик од сиромаштија им се потребни повеќе средства во семејниот буџет. Тоа може да се постигне со вработување на невработените во семејството и преку преквалификации и обуки за подобро платени работни места. На пазарот недостигаат многу стручни занимања и занаетчии, а невработените лица со ризик од сиромаштија немаат знаења и квалификации за овие занимања – нагласува Димитров.

[email protected]