Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Од почетокот на пандемијата, цените на храната се во постојан раст, што, секако, се чувствува и во Македонија, бидејќи сме увозно зависна земја. Поради растот на цените, Владата одлучи да ги замрзне цените на основните прехранбени производи. Но ваквата одлука на надлежните, според упатените, може да предизвика недостиг од одредени производи, особено ако замрзнувањето на цените трае подолг период.

Владата прво ги замрзна цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, за во трговијата на големо и во трговијата на мало. Дека треба да останат онолку колку што биле на 1 декември вчера одлучи и за цените на оризот, јајцата и тестенините.

– Одлуката за замрзнување на цените на основните продукти може да предизвика дополнително негативен ефект, а такви искуства сме имале во минатото. Доколку цените на пазарите од каде што ги носат производите продолжат да растат, компаниите нема да имаат интерес да ги увезуваат и може да се појави недостиг од одредени производи, особено ако замрзнувањето на цените трае подолг период, но се надевам дека ќе трае пократко. Можеби во минатото беше оправдана ваквата одлука, но тогаш се одрази само врз маржата, врз профитот на трговците… Сметам дека и во овој случај подобро ќе беше да се замрзнат можностите за додавање маржи, за остварување профит. Бидејќи сега може да се случи компаниите да ги потрошат резервите што ги имаат и да не можат да набават нови, бидејќи ќе бидат по драстично повисоки набавни цени, а тие треба да ги продаваат тука по пониски цени – објасни универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Катедрата за аграрна политика при Факултетот за земјоделски науки и храна.

Според него, одлуката за замрзнување на цените во Србија има поголема оправданост бидејќи ги покриваат сопствените потреби и извезуваат.

Дали спасот е во домашното производство?

Експертите укажуваат дека, за жал, за краток период не би можеле да ги промениме и подобриме состојбите, бидејќи домашното производство е значително намалено и за голем дел од производите зависиме од увоз.

Замрзнувањето на цените на основните пренхранбени производи е времена мерка со која се заштитува стандардот на најранливите категории на граѓани, но оваа мерка не може на долг рок да донесе стабилизација на цените, смета Ангел Димитров, претседател на Собранието на ОРМ.

Замрзнувањето на цени е само краткорочно решение, долгорочно може да ги испразни рафтовите во продавниците

– На долг рок ваквата мерка може да доведе до недостиг на овие производи на рафтовите, одредено зголемување на сивата економија и други несакани последици. Компаниите кои ги произведуваат овие производи на краток рок се спремни да претрпат одредени загуби за да ја задржат својата позиција на пазарот, но на долг рок ќе го пренаменат производството и со разни шпекулации ќе се обидат да ги намалат загубите – коментираше Димитров.

Колкави се казните за трговците што нема да ги замрзнат цените?