Речиси е сигурно дека почетокот на јуни ќе го дочекаме во проблеми со извозот, бидејќи овој месец нарачките се сведени на минимум, што значи дека третиот квартал може да биде катастрофално лош, истакнува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески

Се стравува ли од уште поголемо продлабочување на економската криза од првично прогнозираната по прогласувањето на пандемијата на ковид-19 и преземањето на мерките за нејзино сузбивање? Сите економски субјекти, пред сѐ, посочуваат дека е многу тешко точно да се утврди колку би траела кризата, бидејќи има многу непознаници околу неа. Иако досегашните најави што се однесуваат на домашниот терен беа дека таа најсилно ќе удри во вториот квартал, за веќе во третиот да почне соземањето од неа, новите укажувања на инволивираните упатуваат на нејзино можно продлабочување и одолжување.

– Интензивните контакти што се одвиваат секојдневно на релацијата компании – Стопанска комора на Македонија, многу отворено зборуваат дека се наоѓаме пред портите на големите проблеми што ни претстојат. Прашањето за ликвидноста прво ќе затропа веќе кон средината на наредниот месец – вакви информации пристигнуваат секојдневно во Комората. Речиси е сигурно дека почетокот на јуни ќе го дочекаме во проблеми со извозот, бидејќи овој месец нарачките се сведени на минимум, што значи дека третиот квартал може да биде катастрофално лош. Според наши сознанија, на почетокот на јуни ќе има проблеми металопреработувачката индустрија, а од јули и другите гранки. Се најавуваат и проблеми при увозот, со оглед на актуелната ситуација и кај доставувачите – напиша Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Тој посочи дека од Комората се бара енергична реакција во правец на реално информирање на Владата за моменталната состојба, но и дека се очекува адекватен одговор за поддршка на компаниите во однос на проблемите.
Професорот Томе Неновски за „Нова Македонија“ истакнува дека домашната економија е многу кревка и оти има опасност кризата да има подолготраен карактер.
– Македонската економија, која и така е премногу кревка, не може да остане имуна на светските збиднувања на економски план. Сегашните случувања во нашата земја, недвосмислено, го потврдуваат тоа.

Кризата може да има подолготраен карактер и да има циклично движење, кое ќе ја држи земјата во рецесија, можеби, во следните две-три години. Поради тоа, потребно е надлежните институции да преземаат енергични мерки и со нивно ефектуирање во најбрз можен рок да се спречи навлегување на земјата од рецесија во длабока депресија. Со други зборови, потребно е да се дејствува енергично, за македонската економија да излезе од сегашниот кризен период што е можно помалку повредена – истакна универзитетскиот професор Неновски.
И претставникот на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите, Андреа Серафимовски, посочува дека градежниот сектор исто така се соочува со неизвесност, но додава дека состојбата е глобална и дека моментално најважно е зачувувањето на јавното здравје.

– Тешкотиите со кои се соочуваме се обидуваме да ги гледаме како предизвици за бизнис-заедницата и државата на долг рок. Во следниот период од особено значење ќе бидат точна процена на состојбите и евалуација на влијанието на последиците врз идните активности на градежните компании. Меѓусебната соработка, комуникација и координација ќе бидат од значење за успешна и навремена реализација на проектите. Анализирана долгорочно, коронавирус-кризата може да отвори нови можности и простор за решавање на горливите прашања за градежништвото од изминатиот период, за што е потребно државата да создаде соодветни услови, кои ќе бидат во насока на задржување на квалификуваниот кадар во земјата, како и за воспоставување стратегија за поголем ангажман на домашните градежни компании, кои несомнено е дека имаат капацитет и се докажани во реализацијата на сериозни градежни проекти во земјата и во странство – истакна Серафимовски.

Претставниците на Меѓународниот монетарен фонд веќе посочија дека корона-кризата ќе биде најлошата криза што ја погодила светската економија по големата депресија, која започнала во 1929 година. Монетарците прогнозираа дека делумно закрепнување на светската економија може да се очекува следната година, под претпоставка дека здравствената криза ќе згасне и ќе им овозможи на бизнисите да се рестартираат.
Главниот советник на управниот одбор за економски прашања во Стопанската комора на Македонија, Зоран Јовановски, деновиве посочи дека кризата поврзана со коронавирусот ги покажа слабостите и ранливоста на сите економии во светот. Тој истакна дека важни меѓународни финансиски институции проектираат економски пад во многу земји, поголем од оној што го видовме пред десетина години, во периодот на глобалната финансиска криза. Јовановски посочува дека македонската економија не е исклучок и нагласува дека, покрај тешките моменти низ кои поминуваме, нѐ очекуваат големи предизвици во иднина.