Иселениците најчесто поседуваат уникатни вештини, но нивните мрежи, економско богатство и влијание остануваат неискористени

Многу земји бараат начини за привлекување на парите од своите иселеници за инвестиции. Македонската дијаспора има големо влијание врз овдешната економија, а потенцијалите се огромни, но недоволно искористени, бидејќи нејзините пари главно се користат за тековна потрошувачка, а не за инвестиции во земјава. Упатените во оваа проблематика велат дека властите треба да сторат повеќе за да го запрат таквиот тренд на користење на парите на иселениците и да изградат политики што долгорочно ќе го извлечат најдоброто од дијаспората. Како една од мерките за помош на економијата, од Владата веќе најавија дека повеќе институции предводени од Министерството за надворешни работи подготвуваат план со кој функционално ќе ја реорганизираат економската дипломатија. Како ќе функционира сето тоа, кој ќе носи инвестиции и кои ќе бидат столбовите на економскиот настап на земјава во странство, и најважното, дали од сето тоа ќе има ефект, се прашања на кои допрва следуваат одговори. Искуствата со економските промотори од претходната власт, според упатените, не навестуваат големи придобивки.

Високото ниво на емиграција предизвикува проблеми за државите, но и решенијата за многу од овие проблеми најчесто се наоѓаат во самата емиграција. Иселениците најчесто поседуваат уникатни вештини, но нивните мрежи, економско богатство и влијание остануваат неискористени, најголема корист од работењето во странство се знаењето и квалификациите што овие луѓе ќе ги стекнат таму.
– Дознаките од странство се значајна ставка за одржување на билансот на плаќање на Македонија. Точно е дека најголем дел од дознаките од странство се користи за намирување на животните трошоци на делот од семејството што останал во Македонија. Тие овие заштеди не ги инвестираат во отворање сопствен бизнис, затоа што се работи за мали средства и затоа што ризикот од неуспех и пропаѓање на бизнисот, а со тоа и на вложените средства, е голем – објаснува претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Според него, најголема корист од работењето во странство се знаењето и квалификациите што овие луѓе ќе ги стекнат таму и потребно е да се направи сеопфатна анализа за потенцијалот на овие луѓе и за начинот како да се привлечат да инвестираат во земјата.
– Освен некои состаноци со странските бизнисмени од македонско потекло, јас не сум видел некоја позначајна стратегија за привлекувањето на овие лица, но сепак првенствено е потребно Македонија да ја направиме сигурна и стабилна земја за живеење на сите граѓани – истакна Димитров.

Економскиот аналитичар Здравко Савески вели дека во најголем дел станува збор за суми, кои сами по себе се недоволни за да можат да бидат инвестиција.
– Тие се пари што лица што работат ги одвојуваат за помош на своите семејства во Македонија. Иако вкупно тоа се значителна сума, поединечно тие во најголема мера се дел од работнички плати што се издвоени за да се поткрепи егзистенцијата на нивните семејства во Македонија. Сепак, и тие пари, преку личната потрошувачка на семејствата што ги примаат, имаат направено за македонската економија барем исто толку колку и сите странски инвестиции заедно – истакна Савески.
Тој додава дека ако се изземе таа потрошувачка од агрегатната лична потрошувачка, можеби минусот би бил толку голем што би претставувал сериозна пречка за „крпењето“ на македонската економија што со децении се случува.
Од Министерството за надворешни работи велат дека во претстојниот период ќе се направат анализи врз основа на извозните потенцијали, расположливата работна сила, капацитетите, земјиштето и другите ресурси за странски инвестиции и ќе се дефинираат содржинските и географските цели на економската дипломатија.

Министерот Бујар Османи посочи дека економски профилирани кадри – економски советници, ќе се упатуваат во оние земји каде што има реален потенцијал за зголемување на економската соработка, земји со најголем потенцијал за инвестирање, земји што се географски блиски или имаат изразен економско-географски интерес, како и во земји со потенцијални туристи.
– Задачата на економските советници ќе биде да ја направат нашата држава привлечна дестинација за странски инвестиции, промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација и воопшто промоција на земјата, како економски и политички бренд што претставува дел од современото општество – нагласи Османи, истакнувајќи дека интенцијата на новата влада е овој мандат да биде посветен на економијата и на економскиот раст.
Државата ќе дава пари за почетни инвестициски вложувања, но во споредба со домашните и странските инвеститори, за инвеститорите од дијаспората поддршката ќе биде поголема за 10 отсто.

– Се планира да се воспостави мрежа на наши успешни државјани во странство, кои ќе се повикуваат да помогнат за промоција на државата. Има идеја да се прави таргетирана промоција на економските, културните и туристичките потенцијали „Земја на можности“, со акцент на новите успеси во културата – појаснува Османи.
Македонија првите промотори ги доби во 2008 та година. До 2016 година имаше 33, секаде во светот, кои имаат статус на дипломати, односно ги уживаа истите права како нив. Во август 2017 г., по стапувањето на СДСМ на власт – истите тие беа укинати со образложение дека не ги дале очекуваните резултати, а биле прескапи. Во една година или поточно во 2016 година за нив биле исплатени 1,2 милион евра од буџетот. Секој од промоторите, според информациите, имал плата од 2.500 до 3.000 евра.