Не се алармантни штетите од невремето што го зафати викендов струмичкиот регион, зашто поголемиот дел од производството е под фолии и заштитено, истакна вчера министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Тој нагласи дека за да се прецизираат штетите, мора да се почекаат процените и анализите од терен.
– Погодено е производството на нивите, но не очекуваме тоа да се одрази врз вкупната продукција и извозот, со оглед дека досега имавме добра година – истакна министерот, додавајќи дека земјоделците сепак мора да се информираат и да се едуцираат за да го произведуваат тоа што го бара пазарот.

Во врска со пласманот на лубениците, Николовски уште еднаш спомена дека нема проблеми. Во изминатите седум дена вели дека се откупени околу илјада тони бостан.
Осврнувајќи се на климатските промени, министерот објасни дека во континуитет се преземаат голем број мерки на долг рок.
– Во Кочани, Струмица и во Градско се инсталирани нови метеоролошки станици, реконструирани се постојните, а обновен е и радарскиот систем Ѓуриште. Се инвестира и во иновативни алатки, се разработува системот за градобијна заштита, се подготвува новиот закон за советодавни услуги и се отвори и дебата за земјоделското осигурување – појасни Николовски.