Фото: Игор Бансколиев

Покрај европските финансиски институции, во инфраструктурните проекти на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, сѐ повеќе влегуваат и кинески инвеститори. Виенскиот институт за меѓународни економски односи, меѓу другото, ги анализира ефектите од таквите инвестиции

Земјите од Западен Балкан во инфраструктура, во просек, инвестираат околу еден отсто од БДП, што е многу малку, а потребно е да вложуваат од 8 до 12 пати повеќе. Меѓутоа, проблем претставува и тоа што сите инвестирања одат исклучиво преку кредити, што е можна закана за макроекономската стабилност. Сето ова се наведува во извештајот за инвестициите на Западен Балкан, кој го направи Виенскиот институт за меѓународни економски односи.

Во извештајот се нагласува дека, покрај европските финансиски институции, во инфраструктурата на Западен Балкан сѐ повеќе влегуваат и кинески инвеститори, кои по правило договараат работа на тој начин што тие се изведувачи на делата на нивната компанија, носат свои работници и свои материјали, што во практика значи дека Кина дава кредити за активности и пораст на сопствената економија, а покрај тоа заработува и на каматите.

Авторите на извештајот потсетуваат дека инфраструктурата во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија се финансира преку европските инвестициски рамки на Западен Балкан и кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“.

– Европските фондови до почетокот на 2018 година финансирале 146 инфраструктурни проекти со 10,9 милијарди евра. Поголем дел се кредити, и тоа 7,9 милијарди евра. Кинеските инвеститори вложиле 7,8 милијарди евра, и тоа само преку кредити – се споменува во извештајот на Виенскиот институт.

Оттаму се вели дека земјите на Западен Балкан треба да бараат алтернативни извори на финансирање, како што се јавно-приватно партнерство или концесија, за да избегнат понатамошни задолжувања, и дека не е добро што инвестициите главно се фокусирани на сообраќајот и енергетската инфраструктура, а се запоставуваат образованието и здравството.

Од институтот дека кога е во прашање давањето концесии за поединечни инфраструктурни проекти, тоа во земјите од Западен Балкан е реткост.