Фото: Архива

Овој сектор е тесно поврзан со земјоделското производство во државата, доколку има на располагање доволно суровини со поволна цена, тој ќе се развива и шири, а потоа ќе го поттикнува земјоделството за поголемо производство, со што и понатаму ќе се зголемува рентабилноста

Загуби, зголемен увоз, неликвидност во работењето, лоша состојба во земјоделството, инфраструктурни недостатоци и транспортни проблеми се клучните проблеми што со години го кочат развојот на македонскиот прехранбен сектор. Нашата земја има капацитет и ресурси да создаде прехранбена индустрија што ќе биде еден од столбовите во економскиот пораст, но сѐ уште е далеку од тоа, велат експертите. И доколку не се преземат конкретни чекори за заштита на македонските прехранбени произведувачи, ќе дојдеме до степен да зависиме од увоз, како што зависиме од увоз на месо и многу други производи што можат да се произведуваат кај нас.

Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, вели дека прехранбената индустрија е тесно поврзана со земјоделското производство во државата.

– Доколку има на располагање доволно суровини со поволна цена, таа ќе се развива и шири, а потоа ќе го поттикнува земјоделството за поголемо производство, со што и понатаму ќе се зголемува рентабилноста – смета Станковски.

Според него, во Македонија тоа воопшто не е така, поради големата поврзаност на политиката со бизнисот во коруптивни врски, земјоделците цело време се во хаотично, неорганизирано производство, кое резултира со нередовно снабдување на прехранбената индустрија, со квалитетни суровини со стабилни цени.

– Од друга страна, странските компании максимално ги инкорпорираат своите брендови на нашиот пазар. Нивните производи, изработени од поевтини суровини, често од генетички модифицирани растенија и животни, се поевтини и ги уништуваат нашите производи на пазарот. И поради тоа што нема никаква стратегија и заштита на националните интереси и производство, Македонија ја очекува постепено и мачно згаснување, на земјоделската и прехранбената индустрија – нагласува Станковски.
Тој споменува дека единствено можат да преживеат македонски брендови што ќе бидат купени од странски компании.

– Не можеме да посакуваме влез во Европска Унија со вакво нерентабилно производство. Бугарија, која имаше огромни земјишни ресурси, настрада при влезот во ЕУ, и сега се мачи да го одржи своето производство и да се избори со нелојалната конкуренција од ЕУ. При една посета на фарми во Република Бугарија минатата година, симптоматично беше што ниедна фарма не продаваше на пазарот во ЕУ, туку сите продаваа на домашниот пазар. Се работеше за огромни земјоделски стопанства, со најсовремена компјутерска механизација, што би било за очекување да бидат конкурентни на пазарот на ЕУ. Но тие, напротив, уште отворено се жалеа од нелојална и незаконска конкуренција внатре во ЕУ – појаснува Станковски.

Како што додава тој, перформансите на нашата прехранбена и земјоделска индустрија се катастрофално ниски и, со изедначување на даноците при влезот на ЕУ, индустријата ќе биде на удар.

– Со малите земјоделски површини нашите земјоделци нема да можат да обезбедат евтини суровини за прехранбената индустрија, а со одливот на работоспособното население, ќе се зголеми цената на трудот, како во Бугарија, и ќе се намали рентабилноста на прехранбениот сектор. Но на крајот, сѐ е поврзано со недостиг од стратегија или недостиг од грижа за националните интереси – смета Станковски.

Исто така, причина за порастот на увозот на храна покрај слабото домашно производство е и поголемата додадена вредност на производите што ги увезуваме.

– Ако се има предвид дека голем број од членките на ЦЕФТА во производството имаат значителна конкурентна предност во однос на нашите производители, се создава можност тие увезени стоки да го зголемуваат своето присуство на нашиот пазар, со што се зголемува увозот како по количеството така и по вредноста – смета Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Извозот на храна лани достигнал 319 милиони евра, но податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека увозот расте многу побрзо од извозот, поради што дефицитот во трговијата со храна секоја година се зголемува.

– Ако се анализира структурата на извозот и на увозот на храна, се доаѓа до заклучок дека над 50 отсто од извозот се должи на свежо овошје и зеленчук, додека најголеми увозни ставки се месото, житото, овошјето, зеленчукот и млечните производи – вели Димитриевски.

Тој вели дека проблемот не треба да се лоцира само кај примарното производство туку и кај преработувачката индустрија. Нашата држава извезува свеж зеленчук и овошје, а потоа троши милиони за да увезе замрзнат или конзервиран.

– Биолошкиот карактер на земјоделското производство оневозможува да се произведува сѐ што бара пазарот, па нормално е производите што не може да се произведат во нашите климатско-географски услови да доаѓаат од увоз.

Состојбата на прехранбената индустрија е многу комплексна, заклучуваат упатените, потребна е стратегија што ќе направи тектонски поместувања во овој сектор, а тоа ќе значи решавање на сите проблеми.

[email protected]