Изградбата на нуклеарната централа „Белене“ не може да биде извршена без учество на државата, како и без помош и учество од страна на Русија, сметаат бугарски експерти. За ова се согласуваат поддржувачот на проектот, енергетскиот експерт Еленко Божков, како и противникот на идејата, поранешниот министер за енергетика, Трајчо Трајков, пренесува бугарскиот портал „Вести“.

– Отсуството на сериозна компанија што ќе учествува во проектот за нуклеарна енергија „Белене“, демонстрира недостаток на исплатливост на проектот. Што и да се случи, ќе мора да се оствари под влијание на два фактори, учеството на бугарската држава состимулации на штета на даночните обврзници и на геополитички интереси на државите кои не гледаат како стратешки важно подрачје. Државата има сериозна одговорност, бидејќи го презема целиот ризик. Но, во Бугарија нема место и за нуклеарната централа „Козлодуј“ и за „Белене“. Државите кои градат нукеларни централи, го прават тоа поради сериозна стратешка причина. Во одредени случаи проектот е поврзан со развојот на програма за нуклеарно вооружување, во други случаи бидејќи е неопходна брза изградба на капацитети каде што има голем дефицит. Овие стратешки причини не се однесуваат на Бугарија – изјави поранешниот министер за енергетика Трајков.

Вкупно 13 компании испратиле писма за намери до бугарското Министерство за енергетика за учество во проектот за нуклеарната централа „Белене“, информира бугарската министерка Теменушка Петкова. Македонскиот интерес за проектот го потврди и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Седум писма се од компании кои планираат да бидат стратешки инвеститори во проектот, додека Македонија изрази интерес за малцински удел и потпишување на договор за снабдување со електрична енергија. Руската „Росатом“, кинеската „ЦННЦ“ и корејската „Кореја Хидро и Нуклеарна Електрична Компанија“ (КХНП), испратиле писма за намери, како и една компанија регистрирана во Германија и три бугарски понудувачи.

Според Трајков, електричната енергија од „Белене“ би чинела двапати повеќе од просечната цена на тековното производство во Бугарија.

Во 2010 година, бугарската Влада го замрзна овој проект на неопределено време поради неизвесната профитабилност. Плановите за изградба на „Белене“ беа отфрлени и во 2012 година, но Бугарија го смени ставот откако беше наредено да и врати 600 милиони евра на руската компанија „Атомстројекспорт“ која го доби договорот и ја почна изградбата на нуклеарната централа.

– Доколку Бугарија продолжи да ја одложува изградбата на „Белене“, ќе биде потешко да се реализираат придобивките од централата во иднина, бидејќи Турција ја забрзува изградбата на нуклеарната централа „Акују“ – смета Божков.