Придобивките од изградбата на автопатиштата се огромни, но сепак процесот на нивното комплетирање се одвива бавно, поради што е неопходно граѓаните кои веќе ги планираат летните одмори, пред тргнување кон избраната дестинација, добро да ја проверат и испланираат рутата по која ќе се движат

Поправки, реконструкции, комплетирани или тековни градежни работи… Низ македонските патишта има различни ситуации, поради што е неопходно граѓаните кои веќе ги планираат летните одмори, пред тргнување кон избраната дестинација, добро да ја проверат и испланираат рутата по која ќе се движат. Придобивките од изградбата на автопатиштата се огромни, но сепак процесот на нивното комплетирање се одвива бавно.

Минатата година конечно беше завршен автопатот „Пријателство“, со кој Македонија се поврзува со Грција на југ и со Србија на север, а оттаму со другите европски земји. Новоизградената делница во должина од 28,2 километри на автопатот „Пријателство“, кој е дел од меѓународниот коридор 10, го скрати патувањето за 25 минути. Сепак, оние кои би го користеле овој автопат треба да имаат на ум дека во тек се одредени реконструкции. Инаку, преку овој коридор се очекува годишно да поминуваат 730.000 возила.

– Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ, кон која нѐ водат сите патишта. Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено искрената приказна за поддршка и соработка – рече премиерот Зоран Заев при отворањето на оваа делница.

Сепак, треба да се напомене дека во тек е рехабилитацијата на сообраќајната возна лента на државниот пат А1, делница Велес – Градско и Градско – Велес во должина од 20 километри. Според најавите, оваа градежна активност треба да заврши до крајот на мај, но сепак корисниците на автопатот би требало да се внимателни и да ги почитуваат поставените патни знаци.

И понатаму проблематично останува поврзувањето меѓу Македонија и Косово, поточно потегот од Скопје до граничниот премин Блаце. Доколку се комплетира овој автопат, до Приштина би патувале за само 45 минути, со што и значително ќе се скрати времето за патување кон летните дестинации на црногорското и на хрватското приморје. Иако автопатот од косовската страна веќе е завршен, во Македонија оваа делница сѐ уште е само во план. Надлежните неодамна информираа дека е во план во вториот квартал од годинава да започнат градежните работи за изградба на нов автопат од Скопје до Блаце. Истиот би требало да се комплетира дури во 2023 година, а ќе биде долг 12,5 километри.

– Конечно ставаме точка на автопатското поврзување помеѓу Македонија и Косово, означувајќи го формалниот почеток на проектот Скопје – Блаце. Годишната трговска размена со Косово е околу половина милијарда евра, при што Македонија има значителен суфицит. Затоа е многу важно да имаме автопат за да може нашите трговци да испорачуваат стока во Косово – изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Османи истакна дека станува збор за стратегиски проект за Македонија и дека Косово е најевтиниот и најсоодветниот извозен пазар за државава и дека проектот е од важно регионално значење како дел од агендата за поврзување во рамките на Берлинскиот процес.

Позитивна вест за нашите сограѓани кои сакаат да патуваат кон северните земји или, пак, преку Србија до црногорското и хрватското приморје се најавите за комплетирање на најдолгиот тунел во Србија, „Манојле“, во Грделичка Клисура на коридорот 10. Министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија, Зорана Михајловиќ, посочи дека очекува сообраќајот на оваа последна делница од автопатот да биде пуштен кон крајот на овој месец. По обиколката на делницата и на тунелот „Манојле“, Михајловиќ изјави дека автопатот во Грделичка Клисура е целосно асфалтиран, се опремува и дека се очекува да биде подготвен за летната туристичка сезона.

– Очекувам кон крајот на април автомобилите да возат низ тунелот. Мислам дека е голема работа за сите нас, за Србија, и сега можеме да размислиме за други автопатишта што ќе ги градиме – изјави Михајловиќ. Како што информира министерката, минатата година коридорот 10 го поминале 57 милиони возила, а годинава се очекуваат речиси 60 милиони.

– Верувајте ми, луѓето не одат преку Србија, бидејќи одеднаш одлучиле така, туку заради тоа што го гледаат крајот на изградбата на коридорот којшто е најкратката рута меѓу Истокот и Западот – истакна Михајловиќ.

Што се однесува до коридорот 8, автопатот Кичево – Охрид, од каде што, пак, многумина продолжуваат кон брегот на Албанија, според надлежните би требало да биде готов дури во 2021 година. Од Министерството за транспорт и врски споменуваат дека пред јуни 2021 г. е во план да стават во употреба дел од автопатот кој ќе биде завршен нешто порано, за да може сообраќајот да се одвива непречено и да се надминат тесните грла на овој исклучително фреквентен патен правец.

– Овој автопат е од исклучителна важност, бидејќи ќе се обезбедат услови за унапредување на туризмот, за зголемување на трговската размена во овој регион, која ќе придонесе и за рамномерен економски развој. Овој автопат, и преостанатите кои ги поврзуваат нашите туристички центри, е инвестиција за уште поголем број туристи и економски по раст – велат од Владата.

Автопатот Миладиновци – Штип е целосно изграден, но сѐ уште не е пуштен во употреба. Иако тоа беше најавено за минатиот месец, сепак е одложено за средината на мај, бидејќи се прават последните безбедносни проверки и се решава проблемот со неколку сервисни патишта кои порано излегувале на регионалниот пат, велат од Министерството за транспорт и врски.

– Сите градежни активности на автопатот Миладиновци – Штип, односно сите три секции целосно се завршени. Важно е автопатот да биде пуштен во употреба и граѓаните истиот да го користат, но најважна е безбедноста на граѓаните. Се вршат последните безбедносни проверки и процени на сите елементи од автопатот – нагласуваат од Министерството за транспорт и врски.

На автопатот сега е забрането движење на возила, иако изминатиот период по него слободно се возеше. Покрај знаците кои означуваат забрането движење, патот е блокиран и со механизација која работи на него.
Со употребата на овој автопат, возачите од Скопје до Штип ќе имаат за триесетина минути пократок пат.

Потребна е изградба на нов автопат, односно инфраструктурно поврзување со Бугарија, за поголема соработка и развивање на туризмот со оваа земја. Но освен железничкото поврзување на кое сѐ уште се работи, засега нема план за подобрување на патната инфраструктура.

– Трасата од бугарска страна моментално се проектира. Се прави детален технички проект. Предвидено е финансирање од европски извори од 2021 г. до 2027 година. Се надевам дека ќе биде завршен пред крајниот рок. Лесно е да ви кажам, 2024 или 2025 година, но да не им се мешаме во работата на инженерите, проектантите и изведувачите. Она што зависи од нас, да има што побрзо железничко поврзување, за нас е еден од приоритетите – изјави Томислав Дончев, вицепремиер на Бугарија.
К.П – П.О.