https://accelerator.ukim.mk/APA2021/

Акцелераторот УКИМ го објави повикот за акцелераторска програма (BAU APA2021) за поддршка на напредните стартапи и брзорастечките компании што се подготвени да го освојат глобалниот пазар. Програмата ќе генерира ново знаење и ќе ги претвори иновативните решенија на стартапите во профитабилни бизниси. Над десет реномирани глобални експерти ќе бидат вклучени како ментори, додека секоја недела успешните стартапи ќе ги споделуваат своите приказни, успеси и неуспеси со 15-те избрани стартапи во период од осум интензивни недели. Програмата е предвидено да трае осум недели, а ќе содржи работилници за поддршка на стартапи, валидација на вредноста на производот, пазар, конкуренција и клиенти, како и продажба, маркетинг и ценовна политика. Оваа програма е одлична можност за напредните стартапи и брзорастечки компании да учат од реномирани глобални лидери за технологии и бизнис. За сето тоа разговаравме со Ива Јанковиќ-Узуновски, креаторка на екосистеми на стартапи, која оваа година е дел од акцелераторската програма на Акцелератор УКИМ, а повеќе информации може да се најдат на https://accelerator.ukim.mk/APA2021.

Ива Јанкович-Узуновски, креаторка на екосистеми на стартапи, менторка на акцелераторската програма на Акцелераторот УКИМ

Кога станува збор за регионални стартапи што сакаат да се прошират, постои голем недостиг од пристап до пазарите и финансиите. Се чини дека компаниите на Балканот се добри во добивањето поддршка за да можат да лебдат, меѓутоа, кога станува збор за скалирање и продажба, ова е она што им недостига

Како станавте креатор на екосистеми за стартапи? Која е вашата приказна?
– Па, патот не е директен како станувањето адвокат или доктор, но сѐ се сведува на тоа да се биде на вистинското место во вистинското време со вистинскиот начин на размислување. По професија сум музиколог и како музиколог отидов во Берлин со желба за блескава музичка кариера. Да бидам искрена, како штотуку дипломирана, не бев сигурна точно каква кариера би имала, што ме направи да бидам отворена за сѐ што ќе ми дојде на патот. По неколку месеци барање соодветна практика во музичката индустрија во Берлин, станав очајна за каков било тип практика. Во тој момент добив мејл од „Бетахаус“, коишто во тоа време бараа волонтери во нивниот сектор за човечки ресурси за фестивалот „Бета“. Гледате, јас бев во Берлин една година порано и за тоа време имав пријател, кој најпрво беше практикант во „Бетахаус“, а земајќи предвид дека тогаш „Бетахаус“ беше доста забавно место, коешто организираше многу забави, бев чест посетител на нивните настани. Тогаш ги запознав и вработените во „Бетахаус“, но сѐ уште немав идеја што всушност прават тие, бидејќи за мене тоа беа само забави со интересни и креативни луѓе. И 3Д-принтери, коишто тогаш беа многу популарни. Но да се вратиме на мејлот и мојата потрага по можности, кога прочитав дека бараат волонтери и зборот фестивал, помислив дека е некако поврзано со музика, па аплицирав и ја добив позицијата. Да бидам искрена, сите успеаја да ја добијат позицијата, бидејќи беа потребни многу ресурси за фестивалот, но магијата настана кога го запознав тимот на „Бетахаус“. Тие забележаа дека сум полна со ентузијазам и отворена за нови нешта, па ме прашаа какви ми се плановите за понатаму и неколку недели подоцна станав нивни официјален практикант во секторот за образование. Следните чекори беа многу природни. Бидејќи „Бетахаус“ е изграден на индивидуалци полни со ентузијазам и енергија и секој од нив си има свои проекти настрана, раководителката на мојот сектор си замина на друго работно место и така јас ја наследив нејзината позиција. Многу брзо го прифатив овој начин на размислување и сакав да се надградам себеси, па се фокусирав на креирање нови сектори во рамките на „Бетахаус“. Некој начин на претприемаштво на максимум. Ја имав вистинската поддршка од водечките луѓе, како и голема слобода да правам обиди и грешки, што е апсолутно најдобриот начин за учење. Денес, осум години подоцна, имам дизајнирано и помогнато над 100 настани и програми за стартапи и корпорации, развивајќи ја мојата специјалност во комуникација и дизајнирање програми.

Кое е вашето искуство во екосистемот за стартапи во Берлин (соработка меѓу индустриите, настани, организирано претставување на производот во Германија пред потенцијални инвеститори и клиенти)?
– Тоа е одлична можност да добиете мислење за вашиот производ или услуга од повеќе извори, повратни информации од искусните ментори и нови идеи од други проекти, сектори и земји. Вмрежувањето помеѓу сите учесници, ментори и претприемачи е секогаш релевантно, вклучувајќи ги и потенцијалните претставувања пред идните клиенти што го добивате во целиот процес. Во рамките на шесте години градење програми за корпорации и стартапи, имав можност да работам со раководството на големите компании, како и со нивните раководители на секторите за иновации. Ова ми даде единствена можност да ги разберам предизвиците на големите организации кога се работи за иновациите и нивното спроведување во практика, без притоа да сум нивен вработен. На некој начин, бев аутсајдер којшто ги гледа работите од внатре. Со овој увид, дизајнирав над 20 програми за стартапи што имаат за цел соработка, односно креирање доказ за концептот на решение што им го нудат стартапите на корпорациите. Овој опиплив исход е она кон што целам и навистина верувам дека не може да се изгради вреден екосистем само со маркетиншка цел туку неопходни се вредни и резултати со големо влијание. Од друга страна, јас исто така работев со влади како што се австралиската и корејската влада, како и германската и јапонската влада, каде што активно се вклучив во нивните екосистеми за да им помогнам да изградат и програми за нивни сопствени стартапи за нивно проширување во Европа, како и за европските компании да се позиционираат во нивните земји. Клучот е да ги имате вистинските партнери за програмата, бидејќи без нив, ова станува добро образовно патување, но ништо повеќе. Да не ме разберете погрешно, јас силно верувам дека знаењето за пазарот на кој сакате да влезете е многу важно, но кога станува збор за програма со цел да ја направите повредна, потребна ви е мрежа или екосистем во кој можете да се вклучите.

Преглед на потенцијалот на пазарите во развој да придонесат за глобалната иновација е во фокусот на вашето искуство на Западен Балкан. Што значи тоа?
– Балканот е интересен, како што знаете јас сум родена и израсната на Балканот и исто така многу горда што се омажив на Балканот. Па, така, природно е тоа што мојот сопруг и јас бараме начини да ги донесеме нашето знаење, искуство и врски за да помогнеме во поддршката на претприемаштвото и економскиот развој на нашите матични земји.
Силно верувам во силата на Балканот, кога станува збор за знаење како на пример во ИТ-индустријата, а особено способноста на луѓето и младите. Има толку многу таленти овде, кои исто така го имаат вистинскиот начин на размислување и, ако ме прашате, тоа е победничката комбинација. Она што недостига е да се обезбеди инфраструктура за овие лица или групи да се развијат и пред сѐ да се поврзат! Има неколку организации што го прават ова и многу се трудат да се поврзат со слични центри или заедници во странство. Верувам дека постои потенцијал за зголемување на овие врски и размена. Во иднина би сакала да видам овде локални корпоративни или мали и средни компании што соработуваат со регионални, како и глобални стартап-заедници за да развијат програми за поддршка и спроведување на иновациите токму овде. Сонувајќи повеќе за тинк-тенк или отворени центри околу дадена вертикала, специјализирана за развој на решенија во соработка со локалните таленти, на пример. Ова може да биде исклучително вредно за глобалните текови на иновации, истовремено обезбедувајќи стабилност и знаење за локалните заедници.
Кога станува збор за регионални стартапи што сакаат да се прошират, забележав голем недостиг од пристап до пазарите и финансиите. Се чини дека компаниите овде се добри во добивањето поддршка за да можат да лебдат, меѓутоа, кога станува збор за скалирање и продажба, ова е она што им недостига. Горенаведениот центар и другите програми што би можеле да бидат меѓусебно поврзани во рамките на екосистемот ќе помогнат да се развие знаење за влез на пазарот, како и да станат привлечни за инвеститорите низ светот. Откако ќе имате талент, вие сте интересни за многу други.

Зошто е важна програмата BAU APA2021?
– Едноставно, бидејќи е една од ретките локални програми што не само што обезбедуваат пристап до финансии,туку се фокусираат на тоа да ве направат способни да продавате и да генерирате приходи на глобалните пазари. Нивната визија е надвор од следниот предизвик и нуди долгорочни перспективи за компаниите што ќе учествуваат. БАУ се фокусира на развивање програма што ве опремува со знаење и пристап до поединци како експерти. Ова се добро поврзани играчи во рамките на нивните пазари и лесно можат да ги отворат вистинските врати на глобалните пазари за македонските стартапи. Важно е и стартапите да ја завршат работата, а за тоа тимот на БАУ изработи конкретна програма за тестирање на способноста на стартапите да растат и да се приспособат.
Од моето разбирање за локалните потреби овде, како и за дизајнирање и учество во разни програми на друго место, јас ја гледам BAU APA2021 како програма што се обидува да даде не само поддршка туку и правилна врска со екосистемите, што, според моето мислење, е единственото нешто што има потенцијал да има вреден и опиплив исход за стартапите.


Се бараат членови со иновативна идеја и глобална визија за раст

Од Акцелераторот УКИМ посочуваат дека бараат посветен тим од најмалку двајца членови со иновативна идеја и глобална визија за раст, со професионално искуство до пет години, со минимум 51 отсто македонска сопственост и со дефинирана интелектуална сопственост, кои се заинтересирани за тренинг од глобални експерти, искуство од успешни стартапи, професионално менторство, мрежа на контакти, можност за инвестирање од БАУ до 100.000 евра и постојана поддршка.
Програмата овозможува поврзување на стартапите со искусни ментори и успешни регионални и глобални стартапи и е подготвена за соработка со програмата Star Venture на ЕБОР, a е финансирана од Луксембург за Западен Балкан, преку Фондот за поддршка на малите бизниси на ЕБОР (EBRD Small Business Impact Fund). Други донатори се Италија, Јапонија, Кореја, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Тајван бизнис-фондот за техничка соработка на ЕБОР (TaiwanBusiness- EBRD Technical Cooperation Fund) и САД.
Акцелераторската програма, вклучувајќи ги и работилниците и менторските сесии, ќе се одржува онлајн.