Кристин Лагард

ЕЦБ со „пауза на монетарната политика“ ќе го надгледува растот на еврото

Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука да не ги менува клучните каматни стапки и не воведе промени во однос на понатамошните препораки и програми за купување.
Во еврозоната, која вклучува 19 држави, основната каматна стапка ќе остане на нула отсто, со тоа што маргиналната стапка на позајмување и стапката на депозити остануваат на 0,25 отсто и минус 0,5 отсто соодветно, се вели во соопштението на ЕЦБ што беше објавено по состанокот за монетарна политика. Управниот совет на ЕЦБ порача дека ќе продолжи со купување во рамките на програмата за итни набавки во време на пандемија, која вклучува 1,350 милијарди евра, покрај регуларната програма за откупување капитал.

Значаен скок во индустриското производство и услугите, но и значајна обнова на потрошувачката

Од Управниот совет порачаа дека ќе продолжат да обезбедуваат голема ликвидност преку операциите за рефинансирање и додадоа дека во најновата операција во третата серија од целни долгорочни операции за рефинансирање (ТЛТРО 3) „беше регистрирана голема искористеност на фондовите преку поддршка за банките што им нудат кредити на фирмите и на домаќинствата“. Во соопштението се вели дека Управниот совет „и натаму ќе биде подготвен да ги приспособи сите негови инструменти како што наложуваат условите, за да обезбеди инфлацијата да се движи кон целта на еден поодржлив начин во согласност со посветеноста кон одржување рамнотежа“.
Во анализата за макроекономската состојба, Кристин Лагард, претседателката на ЕЦБ, порача дека добиените податоци од последниот состанок укажуваат дека постои силен скок во активноста, особено во однос на претходните очекувања, но останува неизвесна силината на скокот, со што ЕЦБ треба повторно да го потврди својот став за приспособливата монетарна политика. Истакнувајќи го значајниот скок во индустриското производство и услугите, но и на знаците на значајна обнова на потрошувачката, Лагард исто така спомена дека ваквата динамика неодамна забавила во услужниот сектор во споредба со производствениот.

Предвидувањата на Европската централна банка (ЕЦБ)

Генерално, од ЕЦБ предвидуваат дека, според основното сценарио, годишниот реален БДП во еврозоната ќе опадне за 8,0 отсто во 2020 година, ќе се прошири за 5,0 отсто во 2021 и ќе порасне за 3,2 отсто во 2022 година. Во споредба со предвидувањата во јуни, изгледите за раст на БДП беа малку ревидирани за 2020 година, но за 2021 и 2022 година остануваат непроменети.
ЕЦБ предвидува годишна инфлациска стапка од 0,3 отсто во 2020 година, 1,0 отсто во 2021 и од 1,3 отсто во 2022 година. Прогнозите за инфлација се непроменети за 2020 година, но се ревидирани за 2021, а исти за 2022 година во споредба со проекциите од пред три месеци.
– На краток рок, ценовните притисоци ќе останат ниски како резултат на слабата побарувачка, притисоците за пониски плати и зголемувањето на вредноста на девизниот курс на еврото – истакна Лагард и додаде дека обновата на побарувачката ќе стави нагорен притисок врз инфлацијата повторно на среден рок.
Девизниот курс на еврото беше главна загриженост. Единствената валута ја зголеми вредноста од март и достигна највисока вредност од 1,2 американски долар во последните две години. По неколку добиени прашања за растот на еврото, Лагард порача дека за ваквиот развој на настаните се разговарало со претставниците на ЕЦБ затоа што цените може да се најдат под дополнителен притисок, но таа истакна дека за време на нејзиниот мандат, банката нема да цели кон девизниот курс.

Таа додаде дека девизниот курс на еврото „ќе се следи одблизу“, потсетувајќи на изјавата на Управниот совет дека „внимателно ќе се оценуваат претстојните информации, меѓу кои и оние од развојот на девизниот курс во однос на последиците по среднорочните изгледи на инфлацијата“.
Неодамнешниот скок на еврото делумно се должи на политичката промена најавена од страна на американските Федерални резерви на крајот на август. Од американската институција посочија дека сакаат да постигнат инфлација што постојано ќе изнесува два отсто, политичка стратегија што најверојатно ќе ги одржи краткорочните каматни стапки на нула со години. На прашањето за прегледот на стратегијата на монетарната политика на ЕЦБ, Лагард наведе дека банката наскоро ќе го реактивира прегледот што претходно беше одложен поради пандемијата на ковид-19.
– Прегледот ќе ги испита темите како целта за стабилноста на цените, моделирањето на евросистемот, дигитализацијата, климатските промени, финансиската стабилност и интеракцијата на монетарната и фискалната политика – заклучи претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.