Дали позитивните прогнози за економски раст на Кина, но и самиот факт дека станува збор за голем пазар, може да бидат поттик домашните компании да бараат начини за пласман на своите производи во оваа земја? Колку кинескиот пазар е примамлив за домашните компании и дали македонските компании размислуваат за ширење на своите пласмани и на кинескиот пазар се прашања за кои разговаравме со коморските претставници

ММФ ги промени прогнозите за растот на светската економија и нагласи дека има изгледи за посилен светски економски раст годинава. Монетарците укажуваат дека закрепнувањето е нерамномерно и оти Кина е една од ретките земји што успеаја да се вратат на нивото на економски раст пред кризата. За оваа година, ММФ проектира дека кинеската економија ќе порасне за 8,1 отсто.
– Во јануари, предвидуваме глобален раст од 5,5 проценти во 2021 година, но има изгледи за посилен и поодржлив економски развој поради дополнителните финансиски стимулации, особено во САД, како и поради изгледите за масовна вакцинација – рече Џефри Окамото, прв заменик-директор на ММФ.
Од друга страна, Народната банка на Кина прогнозира дека бруто-домашниот производ на Кина оваа година би можел да порасне меѓу осум и девет проценти.
Дали позитивните прогнози за економски раст на Кина, но и самиот факт дека станува збор за голем пазар, може да бидат поттик домашните компании да бараат начини за пласман на своите производи во оваа земја? Колку кинескиот пазар е примамлив за домашните компании и дали македонските компании размислуваат за ширење на своите пласмани и на кинескиот пазар се прашања за кои разговаравме со коморските претставници.

– Кина е земја чиј пазар има голем потенцијал, имајќи ја предвид неговата големина по површина и број на население. Доколку се погледнат податоците од последните две години, извозот кон Кина се сведува на мал број стоки со ниска дополнителна вредност, бидејќи се претежно руди и суровини. Вредноста на извозот е доста константна последните две години, бидејќи се извезуваат точно дефинирани производи. Во 2020 година, македонскиот извоз кон Кина изнесува 141,8 милион евра, или 2,5 отсто од вкупниот извоз на македонските компании, додека од Кина сме увезле стоки во вредност 522,6 милиони евра, или 6,9 проценти од вкупниот увоз на РС Македонија. На страната на извозот доминираат суровини и руди со ниска дополнителна вредност. Притоа, според СМТК, во 2020 година се извезени 18 вида стоки, од кои во структурата на вкупниот извоз кон Кина доминираат само 4, и тоа, фероникел со 74,2 проценти, потоа мермер, травертин, екосин и друг варовнички камен за споменици или градежништво, со 16,6 отсто, по што следуваат руди на олово и концентрати, со 5,5 проценти, и на крајот е вино од свежо грозје, со 1 отсто – објаснуваат претставниците на Стопанската комора на Македонија.

Од СКМ додаваат дека во текот на 2019 година, македонските компании извезле само 9 производи во согласност со Стандардната меѓународна трговска класификација (СМТК), во вкупен износ од 148,5 милиони евра. Притоа, учеството на фероникелот е 76,1 проценти, а на мермерот, травертинот, екосинот и друг варовнички камен за споменици или градежништво е 21,2 отсто.
– Зголемување на извозот кон Кина е посложено прашање, бидејќи се работи за земја со голем пазар, но и голема оддалеченост, што подразбира зголемени логистички и дистрибутивни трошоци за македонските компании. Интерес од компаниите секако постои, но потребно е посеопфатна стратегија за настап на овој пазар. Тоа подразбира поддршка на компаниите преку споделување на трошоците за истражување на пазарот, логистичките трошоци, воспоставување заеднички продажни пунктови за промоција на производите за да се споделат трошоците на македонските компании и слично – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Претставниците, пак, на Стопанската комора на Северозападна Македонија посочуваат дека заинтересираност кај домашните компании има, но истакнуваат дека со оглед на фактот што Кина е најголем извозник во светот, тешко е да се конкурира на толку голем пазар. Според нив, многу е значајно да се развиваат соработка и партнерство со кинеските компании и да се презема од нивното искуство и знаење.
– Што се однесува до прашањето за пласман на производи во Кина, ние сме многу мали и не сме конкурентни на толку големи играчи, но битно е за нас дали можеме да најдеме начини на соработка со кинеските компании.

На оваа тема сме направиле многу средби токму за да најдеме начини како да ги направиме наши партнери. Сепак, кон ваквите потфати, со малку скептицизам нѐ гледаат другите партнери. Ние сме многу мали играчи за толку големи пазари, па ни останува да градиме соработка. За жал, располагаме со ограничени ресурси, поради што тешко може да им конкурираме на тамошните фирми, дополнително што тие не сакаат да внесуваат какви било производи, доста се пребирливи. Сметаме дека за почеток е важно да се изгради соработка, да можеме да црпиме од нивното знаење, бидејќи сепак е тоа голема земја и имаат многу стручни кадри од кои ние можеме да учиме – вели претседателот на собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Долги години најголем извозник во светот беа САД, но во 2018 година Кина стана најголем трговски партнер на 128 од 190 земји во светот. Кина меѓу најголемите 15 извозници во светот избива во 1995 година и оттогаш нејзиниот извоз незапирливо расте, а последниве две-три години таа е недопирлива на врвот на листата најголеми извозници во светот.