Грчкото пристаниште е важно за иницијативата „Појас и пат“, која цели посилно да ги вмрежи Азија, Африка и Европа. Десетина земји-членки на ЕУ се придружија кон иницијативата, сакајќи да го забрзаат протокот на луѓе, идеи, стоковна размена, дистрибуција, нови инвестиции, а Кина ја смета Пиреја за регионален центар за истото тоа

Пекинг го засилува импулсот на
балканската регионална економија

Кинеската државна компанија „Коско шипинг“ месецов се стекна со уште 16 отсто од акциите во пристанишното претпријатие во Пиреја, во близината на Атина. Со тоа, Кина се качува на едно наредно ниво за динамизирање на работењето на четвртото најголемо пристаниште за испорака на контејнери во Европа.

Силен импулс за регионалната економија

Главната дејност на кинеската фирма е претовар на контејнери, но исто така е извесно дека Пекинг преку ова пристаниште дава дополнителен импулс на економската дипломатија на Патот на свилата, што се однесува на Балканот и на Европа. Грчкото пристаниште е важно за иницијативата „Појас и пат“, која цели посилно да ги вмрежи Азија, Африка и Европа. Десетина земји-членки на ЕУ се придружија кон иницијативата, сакајќи да го забрзаат протокот на луѓе, идеи, стоковна размена, дистрибуција, нови инвестиции, а Кина ја смета Пиреја за регионален центар за истото тоа.
За време на посетата на Атина во ноември 2019 година, кинескиот претседател Си Џинпинг кажа „денес во пристаништето видов дека ‘Појас и пат’ не е слоган или приказна, туку успешна практика и брилијантна реалност“. Првата поголема инвестиција на тој пат беше токму во Грција, каде што кинеската корпорација во 2009 година вложи повеќе од 650 милиони евра за концесија на период од 35 години за најголемото грчко пристаниште Пиреја. А во 2016 година, Кина инвестираше дополнителни 280 милиони евра и со тоа оствари мнозински удел од 51 отсто сопственост. Грчките власти укажуваат и на напредокот на локалната економија, откако „Коско“ има удел во пристаништето. Од 2008 година, компанијата инвестираше вкупно 1,2 милијарда евра и петкратно го зголеми капацитетот на пристаништето за прием на контејнери, според грчката влада. Со сегашниот пренос на дополнителните акции завршува и периодот на петгодишни преговори, кои честопати беа доведени во прашање поради противењето на локалните интересни групи, грчката бирократија и на дипломатските тензии, како што истакнува „Фајненшл тајмс“.

Балканот е порта и главна врска на кинеските компании за Патот на свилата

Кинескиот претседател во 2013 година ја најави иницијативата „Појас и пат“, во вредност од 900 милијарди долари, со чија реализација ќе се овозможи поврзување на меѓународните трговски патишта, за побрз проток на кинеските производи. Така, Пекинг се промовира како значаен фактор за Балканот. Во изминатите години, Кина ја проширува својата странска помош, ги зголемува инфраструктурните инвестиции и вложувањата во енергетскиот сектор, особено во време кога Европската Унија се оддалечи од регионот, создавајќи вакуум-простор за преземање на економската и политичката моќ во регионот. Балканот останува порта и главна врска на кинеските компании на Патот на свилата, кој треба да го отвори и патот за извоз во Европа. Опкружен со членките на Европската Унија, овој регион за Пекинг претставува отворено поле за кинеските инвестиции и извоз на производи и услуги, кои стануваат сѐ поголеми. Од 2007 до 2017 година, Кина вложила најмалку 6,2 милијарди евра во железничкиот сообраќај, енергетиката и изградбата на патишта на Западен Балкан.

Балканскиот пат на свилата е составен дел на „Новиот пат на свилата“

Откако се објави стратегијата позната под називот „Новиот пат на свилата “, западните аналитичари почнаа да посветуваат особено внимание на активностите на оваа светска економска велесила во регионот на Југоисточна Европа. Ваквата кинеска иницијатива подразбира сеопфатни, пред сѐ, инфраструктурни проекти, кои овозможуваат брз и лесен проток на стоки и услуги од Кина кон богатите пазари на Западна Европа. Важни транзитни станици на овој пат се и земјите на Југоисточна Европа, па затоа во стручните кругови се говори за земјите на „балканскиот пат на свилата“. Сѐ поголемото присуство на кинеските компании и инвестиции во земјите од Западен Балкан се гледа и низ геополитичките интереси на големите светски сили, односно низ нивното сѐ позасиленото ривалство во овој дел од светот. Извесно е дека Кина ја зацврстува својата позиција во регионот и продолжува да остварува амбициозни регионални планови, кои се совпаѓаат со плановите на развој на државите на Балканот, за што доказ претставува и активноста во Пиреја, која е клучна за иницијативата „Појас и пат“. С.Н.М.