Она што веќе е очигледно е дека во таквата трговска војна на Америка со Кина, Трамп би останал без поддршка од своите европски сојузници, кои се огорчени од новите американски царински одредби за увоз на челик и алуминиум, заради што и самите најавија и контрамерки. А Кинезите секако се острат за одмазда

Една од главните цели на Трамп е намалување на трговскиот дефицит со Кина. Имено, Кина во трговската размена со САД е во позитива од 375 милијарди долари. Аналитичарите предупредуваат дека оваа трговска битка со Кина, иницирана од САД, би можела да предизвика остра реакција, па и контраофанзива на Пекинг. Исто така, економските аналитичари оценуваат дека предизвиканата состојба би можела да се врати како бумеранг кон американското стопанство, бидејќи заради користењето на домашните поскапи компоненти, ќе поскапи и финалниот американски производ и така ќе стане неконкурентен на пазарот.
– Кинезите ќе се одмаздат. Клучното прашање е дали САД ќе одговорат на кинеската одмазда – смета Дерек Сизорс, експерт за трговските односи со Кина, вработен во непрофитната „Американ ентерпрајс институт“.

Она што се смета за сигурно е дека во таквата трговска војна на Америка со Кина, Трамп би останал без поддршка од своите европски сојузници, кои се огорчени од новите американски царински одредби за увоз на челик и алуминиум, заради што најавија и контрамерки.
Весникот „Чајна дејли“, кој ги одразува ставовите на кинеската влада, веднаш го пренесе коментарот на кинеската државна агенција Синхуа, која истакна дека почнувањето трговска војна помеѓу двете земји би значело катастрофа, во која САД би трпеле сериозни последици. Повикувајќи се на извештајот на институтот за меѓународна економија „Петерсон“ во Вашингтон, Синхуа наведува дека трговската војна би оставила без работа милиони Американци. Ограничувањата во увозот би ја отежнале позицијата на американските претпријатија и нивните работници, истакнува агенцијата, според која веќе е јасно кој ќе биде најголемиот губитник.
– Во случај на трговска војна, секоја земја, вклучувајќи ја и Кина, оправдано би реагирала, зашто тоа е неопходно. Се надеваме дека САД ќе бидат доволно мудри – нагласува кинеската државна агенција.

Некогашниот долгогодишен дописник на „Вашингтон пост“ од Далечниот Исток, но и одличен познавач на состојбите во Кина, Кит Б. Ричбург, во текстот објавен во „Саут Чајна морнинг пост“ од Хонгконг потсетува дека и претходните претседатели се обидувале со вакви слични мерки на почетоците на своите мандати, со намера да ги испочитуваат предизборните ветувања. На пример, во 2002 година Џорџ В. Буш наметна царина од 30 проценти на увезениот челик, но Светската трговска организација (СТО) подоцна го стопираше тоа. Потоа во 2009 година, Барак Обама воведе царина од 35 проценти за увозот на кинески гуми, а во наредната година процентот падна на 30 проценти. Тоа, според Ричбург, претставуваше добра лекција, затоа што следуваше реакција од кинеската влада, со која погоди директно во центарот на целта. А таа цел беа американските пилешки копани, поради што американските производители на живина до 2011 година „насобраа“ загуби од една милијарда долари.

Кинеските трговски претставници, како што вели тој, умеат да направат добра процена за тоа каде да ја насочат одмаздата, особено во земјоделскиот сектор, во кој САД имаат трговски суфицит со Кина. Само две недели по јануарското воведување високи царини при увоз на кинеските соларни панели од страна на САД, Министерството за трговија во Пекинг соопшти дека е почната антидампинг-истрага за увозот на американската житарка т.н. сирак. Вредноста на годишниот увоз на оваа житарка, која во Кина главно се користи како сточна храна, изнесува околу милијарда долари. Уште тогаш беше најавено дека дополнителните протекционистички мерки на Вашингтон би значеле и проблематизирање на понатамошниот увоз на американска соја, а сиракот и сојата се најважниот извоз на САД во втората економска сила во светот, пишува „Саут Чајна морнинг пост“. Од ова станува очигледно дека „САД нема да имаат мирен сон во случај да ги воведат новите протекционистички мерки, особено ако тие бидат насочени само кон Кина“. Ова го акцентира во својата изјава кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји. Тој повторно пред неколку дена предупреди дека трговската војна би била погрешен избор, поради кој ќе трпат сите – оние што ќе ја започнат и оние другите. Тој потсети дека економскиот успех на Кина во изминативе 40 години беше овозможен од релативно отворената светска економија и од нејзината способност да тргува со остатокот од светот, па затоа Пекинг не сака да има трговска војна.
– Но ако дојде до неа, Кина секако ќе го испорача соодветниот неопходен одговор – порача Ванг Ји, шефот на кинеската дипломатија.

Од друга страна, стигнуваат најави дека големиот синџир продавници за електронска опрема од САД „Бест бај“ наскоро ќе престане да продава мобилни телефони од кинескиот производител „Хуавеи“. Потегот на „Бест бај“ доаѓа откако компаниите како „Еј-ти-енд-ти“ исто така престанаа да нудат телефони на „Хуавеи“ и е најновиот чекор во трговската војна меѓу Кина и САД. Компанијата од Минеаполис не соопшти која е причината за прекинувањето на соработката со „Хуавеи“, а и кинеската компанија не откри детали за спорот.